Фото: Пиксабеј

Деновиве повторно како бомба одекна веста во Брисел дека е пронајден софтвер за надзор на мобилните уреди на членовите на Европскиот парламент. Имено, двајца члена на Европскиот парламент и еден вработен во Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) биле цел на еден шпионски софтвер

Шпионските алатки посилни од безбедносната заштита

Француската либерална европратеничка Натали Лоазо, која претседава со поткомитетот, беше цел на шпионскиот софтвер „Пегазус“. Траги од шпионски софтвер биле пронајдени и на уредот на бугарската пратеничка на социјалдемократите Елена Јончева при безбедносна проверка. И еден член на персоналот на одборот исто така бил цел на софтверот за надзор.

Засилени шпионски активности пред европските избори во јуни

Европскиот парламент е во состојба на висока готовност поради сајбер-напади и странско мешање пред европските избори во јуни. Имено, реномираниот „Политико“ во декември објави дека „внатрешен преглед/истрага открила дека сајбер-безбедноста на институцијата сè уште не ги исполнила стандардите на индустријата“ и „не е целосно пропорционална со нивото на закана што го претставуваат хакерите и другите групи спонзорирани од државата“.
Парламентот побара од членовите на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) да ги проверат своите мобилни уреди за шпионски софтвер поради растечкиот проблем со хакирањето, се вели во извештајот.
– Во дадениот геополитички контекст и со оглед на природата на досиејата што ги следи Поткомитетот за безбедност и одбрана, особено внимание се посветува на уредите на членовите на овој поткомитет и на персоналот што ја поддржува неговата работа – изјави во соопштение заменик-портпаролот на Европскиот парламент, Делфин Колард, потенцирајќи дека „Европскиот парламент постојано ги следи заканите за сајбер-безбедноста за неговата работна средина“. Ова го изјави заменик-портпаролот на Европскиот парламент за „Браселс тајмс“.

Случајот со следење на комуникациите во Брисел не е изолиран

Новите откритија следуваат по претходни инциденти на други членови на Европскиот парламент што беа цел на напади со шпионски софтвер. Во 2022 година беше откриено дека телефоните на членовите на каталонското движење за независност, вклучувајќи и политичари од ЕУ, биле заразени со „Пегазус“ и со „Кандиру“, два вида алатки за надзор. Истата година, грчкиот член на Европскиот парламент и лидер на опозицијата, Никос Андрулакис, беше на списокот на грчки политички и јавни личности за кои беше откриено дека биле нападнати од „Предатор“, друга алатка за шпионирање. Претседателката на парламентот, Роберта Мецола, претходно исто така се соочи со обид за хакирање со помош на шпионски софтвер.
Во март 2022 година, Европскиот парламент одлучи да формира специјален истражен комитет за да ја испита употребата на шпионски софтвер за надзор, додека претседателката Роберта Мецола понуди можност за сите европратеници да започнат со откривање шпионски софтвер на нивните приватни телефони и компјутери.