Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во меѓудржавните или меѓународните договори честопати се случува една од страните да извлече поголема полза и корист. Оваа состојба се должи и на квалитетот на партиципиентите (знаење, вештини, моќ на анализа и синтеза, комуникација итн.), односно на претставниците на засегнатите страни, нивната стратегија и моќ на преговарање и задржување на стратегиските насоки од својата влада. Добриот исход од преговорите и воопшто политиките на меѓународен план зависат и од силината на државната администрација и квалитетните својства на институциите и системот на државата од каде што произлегуваат дипломатските претставници на засегнатите државни субјекти или нации. Секако, тоа пред сѐ зависи од визијата и конкретната долгорочна стратегија на државата, која е усвоена како политичка аксиома за сите чинители во државата и општеството

Македонската памет, интелигенција, научна јавност, академска јавност, да направи сестрана стратегија за Македонија во 21 век

Меѓународните прашања или спорови секогаш се решаваат преку дипломатија, а во текот на преговарачкиот процес секоја засегната страна се обидува да извлече максимум за своите позиции. Најчесто станува збор за сложени прашања со спротивни гледишта, како што се територијални спорови или спорови за ресурси, поради што партиципиентите се принудени да бидат прагматични и да направат одредени отстапки за да се дојде до компромисно прашање, кое во одредена мера ќе ги задоволи двете страни. Но во меѓудржавните или меѓународните договори честопати се случува една од страните да извлече поголема полза и корист. Оваа состојба се должи и на квалитетот на партиципиентите (знаење, вештини, моќ на анализа и синтеза, комуникација итн), односно на претставниците на засегнатите страни, нивната стратегија и моќ на преговарање и задржување на стратегиските насоки од својата влада. Добриот исход од преговорите и воопшто политиките на меѓународен план зависат и од силината на државната администрација и квалитетните својства на институциите и системот на државата од каде што произлегуваат дипломатските претставници на засегнатите државни субјекти или нации. Секако, тоа пред сѐ зависи од визијата и конкретната долгорочна стратегија на државата, која е усвоена како политичка аксиома за сите чинители во државата и општеството.

Македонската државна стратегија не е новина

Секоја современа држава, вклучувајќи ги и соседните балкански држави, има свои долгорочни стратегии.
– Димитар Мирчев во својата книга „Балкански мегаетникум“, објавена во 2012 година, ги презентираше сите стратегии и доктрини на соседите, како што се грчката мегали-идеја, „Начертанието“ на Илија Гарешанин, Призренската лига, како и Уставот и заложбите на Бугарската егзархија уште пред создавањето на бугарската држава. Мирчев ги споменува и новите стратегии, како што е бугарската од 1997 година, но постарите стратегии се поважни зашто од нив се согледува коренот од каде што произлегува денешната политика на современите балкански држави – вели аналитичарот Сотир Костов.
Во споменатиот научен труд Димитар Мирчев нагласува дека крајно време е македонската памет, интелигенција, научна јавност, академска јавност, да направи сестрана стратегија за развој на Република Македонија во 21 век. Нашите соговорници велат дека никој не го послуша тоа Пред него, МАНУ многу рано, уште во почетокот на 90-тите години на 20 век, донесе стратегија за развој на Македонија, но политичките фактори немаа слух за неа. Исто така треба да се спомене и големата обединувачка стратегија што произлезе од напорите на еден тим предводен од Ксенте Богоев.
– Споменатата стратегија беше презентирана на првата влада, која беше предводена од Бранко Црвенковски, но ништо не е реализирано од неа. Оттогаш до денес ние како држава и општество ништо не правиме во правец на оформување и реализација на државна стратегија – вели Костов.
Тука треба да се споменат и согледувањата на академик Љупчо Коцарев, поранешен претседател на МАНУ, кој неколкупати нагласуваше дека изборот е јасен: можеме да продолжиме да се однесуваме како ништо да не се случува, да стануваме сè помалку подготвени за новите бесмислени барања, уцени… и сè поочајно да се инвестираме себеси, по линија на помал отпор, во денешнава сервилна Македонија, која, на сите нам ни е јасно, вака како што се движи, нема да може да опстои. Или можеме да ги засукаме ракавите и искрено и сериозно да почнеме со вистински промени да градиме суверена, правна и достоинствена Македонија!
Повеќемина експерти и познавачи на состојбите посочуваат дека на Македонија како држава и општество повеќе од насушен леб ѝ е потребна стратегија. Во оваа конотација, Сотир Костов вели дека стратегијата е потребна првенствено за сопствен развој, но и како одговор на екстремните радикална барања на соседните балкански држави, кои имаат територијални, шовинистички и националистички аспирации кон Македонија. Нашите соговорници велат дека е крајно време една идна власт да ја задолжи паметта во Македонија и надвор од неа, да направи една стратегија за развој, стратегија што ќе ги заштитува државните и националните интереси.
-Доколку внимателно анализираме, може да се забележи дека повеќе општествени чинители, вклучувајќи и повеќе македонски политички партии, се залагаат за македонска државна стратегија, но тие заложби се само мртво слово на хартија. Ни треба наука, нам ни треба академската јавност, експертска јавност во договор со политичките чинители и граѓанските, кои полека сѐ повеќе зајакнуваат, со медиумите, да направат една стратегија. Во спротивно, Македонија ќе биде монета за поткусурување. Ние личиме на еден мол, еден од најдобрите молови во светот, каде што секој влегува кога сака, излегува кога сака, зема што сака, посегнува по што сака – додава аналитичарот Сотир Костов.


Јасна визија и добро осмислена општоприфатена стратегија

Во меѓународните односи постои одредено гледиште дека поголемите држави можат во голема мера да ги наметнат своите гледишта во преговорите, меѓутоа во рамките на меѓународните преговори постојат примери кога помали и посиромашни држави успеваат да извлечат поголема бенефиција од договореното, а тоа се должи пред сѐ на визија и добро осмислена државна стратегија, која ја зема предвид долгорочната користи, а не краткорочната. Во тој контекст како пример може да се посочи недоразбирањата помеѓу Сингапур и Малезија околу прашањето за снабдување вода, конфликт што потекнува уште од 1965 година, кога Сингапур се одвои како независна држава од Малезија.
Постојат неколку договори помеѓу Сингапур и Малезија, како оние од 1961 и 1962 година, кои го регулираат прашањето за користење на водата. Меѓутоа повеќе експерти посочуваат дека во текот на преговорите помеѓу споменатите држави, Сингапур имал долгорочна цел и стратегија, додека пак втората страна, односно Малезија имала краткорочна цел. Ова особено е видливо во договорот од 1961 година, кој има важност до 2061 година. Имено, според договорот, Сингапур плаќа закупнина на земјиштето „по стандардна стапка што се применува за градежно земјиште на градско земјиште“ и ги следи стапките и цените на водата наведени во договорот од 1961 година.
Според овој договор, Сингапур има право да експлоатира до 250 милиони галони дневно од реката Џохор. Притоа Сингапур плаќа три сени за илјада галони вода, а продава прочистена вода назад во Малезија по 50 сени за илјада галони. Поради оваа ставка од договорот, неколкупати досега двете држави имаа голем број спорови, поради правичноста на договорот, односно Сингапур беше обвинет дека профитира од водните ресурси на Малезија, а самата Малезија неколкупати се обиде да го раскине споменатиот договор, како што велат нашите соговорници. Договорот од 1961 година помеѓу Сингапур и Малезија е совршен пример за потребата од државна стратегија. Имено, тогашниот сингапурски премиер Ли Куан Ју во преговорите со малезиската влада се водел од долгорочните приоритети и потреби на Сингапур, оттука потекнало и барањето за важност на договорот од 2061 година. Спротивно од ова, малезиската влада имала краткорочна цел, која произлегувала од недостигот од државна стратегија.