Меѓу најчестите новогодишни желби секаде во светот е онаа за мир во светот, среќа и подобар живот за сите. Затоа прашавме дел од македонските политичари на одговорни позиции кои се нивните желби и предвидувања за новата 2023 година
Наша мини-анкета
Дури и најзакоравените „реалисти“, во кои всушност се препознаваат песимистите, се согласуваат дека е сосема политички коректно и прифатливо во пресрет на Нова година да се посакаат новогодишни желби. Според легендите, но и препораките на едукаторите за личен развој, за да се исполнат замислените желби, треба да се верува во нив. Потоа настапуваат „практичарите“, кои тврдат дека за исполнување на желбите – треба да се работи на случајот. Иако повеќе-помалку звучи стереотипно, со години се покажува дека една желба е најпрактична за „ненадејни ситуации“, кога ќе ве прашаат што посакувате за Нова година. Најбрзиот излез од таквата ситуација е одговорот: „Посакувам мир во светот, среќа и подобар живот за сите блиски и далечни луѓе“. Колку и да ни се чини „потрошена“ оваа фраза, животната и политичката реалност од денешницата на чудесен начин го реафирмираат значењето на пораката на оваа желба. Кога никој не очекуваше, светот западна во воена криза во 2022 година, поради војната во Украина, а драстично се наруши и животниот стандард на граѓаните поради економската и енергетската криза. Затоа, предновогодишно ги прашавме македонските политичари: Верувате ли во мир во светот во 2023 година и подобар живот за граѓаните на Македонија?
Стево Пендаровски, претседател на Македонија
– Изминативе три години се соочивме со неколку големи кризи, а од криза никогаш не излегуваш ист, или ќе бидеш подобар или полош. Јас се надевам дека ќе извлечеме поука, ќе „пораснеме“, одговорно и сочувствително ќе одговориме на предизвиците, и во 2023-та ќе имаме еден поправеден и помирен свет и ќе бидеме чекор понапред во достигнувањето на оваа универзална вредност што сите ја посакуваме – мир на секое парче територија во светот.
Нам, како држава, ни е потребно едно длабоко реформирање, но охрабрува што започнавме процес што ветува резултати. Единствено со конзистентна посветеност, многу работа, одговорност и неселективност верувам дека можеме да обезбедиме поголем просперитет за нашите граѓани, похумано и поправедно општество, во кое сите ќе имаат достоен живот.
Димитар Ковачевски, премиер на македонската влада
– Најпрво на сите граѓани сакам да им ги честитам новогодишните и божиќните празници, да им посакам добро здравје, радост и многу успех во новата 2023 година. Како и за сите лидери на држави, така и во основата на мојот мандат е овозможување квалитетен живот, стабилност и безбедност од сите аспекти. Тоа, секако, вклучува и сочувување на мирот и заштита на своите граѓани од теророт што го носи војната. Како претседател на Владата на Република Северна Македонија, во моето секојдневно работење се раководам од Уставот како највисок акт во државата, кој, меѓу другото, ја гарантира работата за благосостојба на граѓаните, вклучувајќи ја и работата за обезбедување мир и соживот.
Што се однесува до новата 2023-та, верувам дека таа ќе биде подобра. Изминатава година беше исклучително тешка. Се случија многу кризи, имавме долг период на пандемија, по која дојде економска криза, потоа се случи војната во Украина, по што следуваше енергетската криза. Имавме година полна предизвици. Но кризата е и можност во исто време. Од тој аспект, енергетската трансформација е многу важна. Северна Македонија има доволно ресурси, кои можеме да ги искористиме за да ја направиме земјата центар за зелена енергија.
Наедно, со оглед на фактот дека Северна Македонија почна преговори со ЕУ и веќе не сме изолирани, а земјата е безбедна и стабилна, тоа ќе значи повеќе странски, но и домашни директни инвестиции. Тие инвестиции, пак, значат повеќе и подобро платени работни места.
Апсолутно има простор за оптимизам дека наредната година ќе биде подобра. Јас како премиер, но и целата Влада, ќе работиме напорно да ги оствариме поставените цели и понатаму да го штитиме и зголемуваме стандардот на граѓаните, но и да обезбедуваме услови за економски раст и развој и во 2023 година.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Треба да се биде реален. Колку и да се хумани искрените желби, колку и да сме сведоци на страдањата и човековите судбини во 21 век, не може да му се помогне на светот доколку дома работите не се чисти и владеат неправда, несигурност и непредвидливост.
Додека во Македонија владеат криминалот, корупцијата, партизацијата, полтронството наместо мерит-систем и систем на вистински хумани вредности, не може да се даде придонес ниту кон светскиот мир.
Оттука, верувам во подобар живот на граѓаните, но само на подолги патеки, и тоа доколку се почне веднаш.
Народот не може да очекува ништо подобро доколу не го даде својот глас и не го избере својот пат. Тоа значи избори. Македонија е девастирана, потребни се своевиден „ресет“ и напорна посветеност да се врати на вистинскиот колосек. Да се надмине поделеноста во општеството. Мора да биде препознаена по успеси и дома и надвор, за дури потоа да може да биде пример и фактор кон меѓународниот мир.
Славјанка Петровска, министерка за одбрана
Мирот е скапоцен и ниту едно прашање не може да се реши со посегање по него. Верувам во мир во светот затоа што тоа е нешто што зависи од секого од нас. Секој чекор напред, дури и да е мал, е подобар отколку стоење во место.
Посакувам заедништво, меѓусебна доверба и единство во новата 2023 година, бидејќи тоа е единствениот начин од оваа светска криза да излеземе подобри, посилни и помотивирани и да придонесеме за добросостојбата во нашата држава.