Деновиве актуелни се изјавите на претставниците на таканаречената „огнена група“ во ДУИ, кои се повикуваат на граѓаните, на нивното незадоволство од сработеното на дел од државната управа и високи функционери. Огнената група излезе во јавноста, повикувајќи се на поширока група граѓани што искажуваат отворено незадоволство од посочени функционери во извршната власт, наведувајќи дека „граѓанското незадоволство се должи на неисполнувањето на проектите што им биле ветени на граѓаните“! Но, според внимателните аналитичари и познавачите на функционирањето на политичкиот систем, неколку дилеми се наметнуваат по ваквото јавно искажување незадоволство од страна на високи партиски лица од ДУИ. Кои се тие дилеми и сценарија?
Кога функционерите го забораваат она што го ветиле и ги игнорираат граѓаните пред кои единствено се одговорни
По многубројните забелешки од меѓународниот фактор, особено од стратегискиот партнер САД, но и по силниот притисок на домашната јавност, сè погласно почна да се бара одговорност за работата и однесувањето на функционерите! Имено, нивниот ангажман станува предмет на сериозна внимателна опсервација и оцена од страна на граѓаните, затоа што токму тие, според експертите на политичките системи, се всушност врховниот „коректор и субјектот што ги надгледува, коригира и ги казнува државната управа и носителите на јавни функции“.
Клучниот и најобјективен контролен
импулс од кого започнува сè во едно
демократско општество е – граѓанинот!
Иако граѓаните како такви е невозможно во едно демократско општество (поради тромавоста на населението) самите непосредно да располагаат со извршни алатки за да бидат директен егзекутивен контролен механизам, сепак, имаат можност за различни иницијативи и контролни интервенции над државната управа и над носителите на јавна функција на кои им се дадени овластувањата да одлучуваат, во името на граѓаните и за граѓаните. Таквите иницијативи подразбираат од „анимирање или инструирање на народните пратеници на кои граѓаните им го дале мандатот“, па сè до најсилната граѓанска алатка, а тоа се изборите на кои ќе дојде до „казнување или наградување со уште еден мандат на партијата или коалициите што ја сочинуваат државната управа“.
Граѓаните најпрецизно дијагностицираат дали нешто е добро или лошо сработено, но и дали за лошото работење некој треба да биде повикан на одговорност. Според познавачите на функционирањето на политичките системи, клучниот и најобјективен контролен импулс од кого започнува сè е граѓанинот, кој е основната единка што воочува дали некој службеник, инспектор, градоначалник, министер, премиер или претседател работи во согласност со она што се негови надлежности и со она што го ветил во изборната програма. Граѓанинот најдобро на своја кожа чувствува дали животот му се менува на подобро или, пак, работите одат кон полошо, само затоа што тој што треба да работи во име на граѓанскиот интерес работи исклучиво за лична корист.
„Огнената група“ повикува на „промени во името на граѓаните и широкото граѓанско незадоволство“
Деновиве се актуелни изјавите на претставниците на таканаречената „огнена група“ во ДУИ, кои се повикуваат на граѓаните, на нивното незадоволство од сработеното на дел од државната управа и на високи функционери од нивните редови. Огнената група излезе во јавноста, повикувајќи се на поширока група граѓани што искажуваат отворено незадоволство од посочени функционери во извршната власт, наведувајќи дека „граѓанското незадоволство се должи на неисполнувањето на проектите што им биле ветени на граѓаните“!
– Од овие 170 ветувања, само две се целосно спроведени, а пет делумно. Другите се заборавени од извршната власт на ДУИ. За неуспесите на владините проекти сведочи и анкетата на меѓународната организација ИРИ, па ако сме субјективни, на крајот токму американската ИРИ даде резултати каде Артан Груби и Бујар Османи имаат најслаби перформанси и за првпат рејтингот на албанската опозиција го надминува рејтингот на ДУИ – изјави Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и пратеник.
Но, според внимателните согледувања на аналитичарите и проникливите перцепции од страна на познавачите на функционирањето на политичкиот систем, неколку дилеми се наметнуваат по ваквото јавно искажување незадоволство од страна на високи партиски лица од ДУИ.
Според првото сценарио (општествено-позитивистичко), прашањето што се наметнува е дали станува збор за нов позитивен тренд на партијата што партиципира во извршната власт, односно дали ребрендираните „зелени“ сега политички созреваат и ги вклучуваат механизмите на објективна контрола и надзор на работата на носителите на власта и на државната управа?
Според второто сценарио (општествено-регресивно, за жал), во намерата на „огнените“ да се побара отчет и одговорност за потфрлањето на вршењето на државните обврски на одредените носители на власт се кријат, всушност, обични внатрепартиски тенденции за кадровско репозиционирање (смена на влијание) и сето тоа се сака да се направи под превезот на „граѓанското незадоволство“ искажано поради неисполнувањето на проектите што им биле ветени на граѓаните, па јавно се повикуваат на одговорност и отчетност досегашните функционери!?
И додека горните дилеми и обете сценарија сè уште се во игра, нашите соговорници истакнуваат дека „убаво би било да се спомене дека ако е во оптек првото сценарио, на активирање контролни лостови што вака сега се демонстрира на јавна сцена, тогаш ДУИ предничи пред сите партии во практикување на демократските механизми на контрола на системот, во насока на излез од коруптивно-криминалните матрици на дел од државните функционери од каде што се генерира високата корупција, дури и тогаш кога станува збор за нивни членови!“
Но, според соговорниците, доколку се работи за второто сценарио (општествено-регресивна тенденција), поточно ако станува збор за внатрепартиска пресметка и граѓаните на кои се повикуваат „огнените“ се само алиби за да се постигне теснопартиската фракциска цел, тогаш, во тоа сценарио ДУИ уште подлабоко забраздува во ретроградност, политичка анахроност, идентификувајќи се себеси како партија што „не направила ниту еден демократски исчекор како интересна група, туку останала заглавена во воените униформи на ОНА, како паравоена формација што сè уште своите противници ги гледа низ мушичката на нишанот, од неистомислениците се ослободува параинституционално, брутално и со сплеткарења, додека за граѓаните и нивниот интерес пет пари не дава“. Во ова сценарио општествено-контролниот и надзорен механизам како коректив на државната управа е само мислена именка за нив.
Укажување на неколку битни недоследности во настапот на огнената група
Според тврдењето на „огнените“, „реакцијата на дел од градоначалниците и пратениците следува откако граѓаните упатиле поплаки за нереализираните, а претходно ветени проекти“.
Но во јавниот настап на „огнената група“ се реагира на неработењето и неодговорноста на „извршната власт на ДУИ“(?!).
Аналитичарите се категорични и децидни дека во едно демократско општество „нема извршна власт на оваа или на онаа партија“ или кај нас тоа би имплицирало „извршна власт на СДСМ или извршна власт на ДУИ“?! Такво нешто во политичките системи не постои. Тоа е директно дерогирање на лостовите на извршната власт, што би значело покажување на длабока партизација на самата влада, неефикасност и нецентрализираност, немање вертикала на одговорност, а со тоа и распад на егзекутивните прерогативи што една извршна власт треба да ги има за успешно спроведување на владините политики. Понатаму, истото тоа имплицира (имање извршна власт на ДУИ?!) и дека во карактерот на извршната власт постојат два поларитета, што е последица на некаков де факто двополаритет на карактерот и на самата држава, што е спротивност на принципот на унитарност инкорпориран во македонскиот устав!
Доколку „огнената група“ не сакаше да предизвика апсолутно никакви сомнежи за нејзината општествена „намера на добра волја“, тогаш едноставно во нејзиниот настап можеше слободно да нагласи дека во името на граѓаните го активира контролниот механизам, укажувајќи му на премиерот, како прв човек во Владата, дека во неговиот тим одредени функционери треба веднаш да понесат политичка одговорност, а богами и правна, доколку истото тоа се процесира и се докаже како такво.
Огнените треба да знаат дека вистинската адреса за обраќање е премиерот, а не партискиот лидер или парадата што се приредува пред очите на јавноста. Владата ја води еден единствен носител, а тоа е премиерот. А неговата влада и кабинет би требало да бидат монолитни, единствени и во функција на граѓаните. Кога се презема власта, се презема во името на сите граѓани, а не во името на партија или група граѓани.
Доколку ваквата тенденција продолжи при формирање и функционирање на властите, нашите соговорници предвидуваат распад на унитарниот карактер на Македонија и поделбата од де факто, би станала и поделба де јуре.
Функционерите треба да ја променат матрицата – одговараат транспарентно
пред граѓаните, не пред партијата
Во консултацијата со низа експерти по уставно право, јасно ни беше посочено дека сите што ќе влезат во извршната власт мора да се однесуваат како дел од неа.
– Оние што ќе влезат во извршната власт стануваат интегрален дел од македонската влада и тука завршуваат секакви партиски етикетирања и реферирања за работата во извршната власт пред партиските тела. Тие се интегрален дел на граѓаните и на државата, нека заборават на партијата. Од друга страна, користа за нивната партија може да лежи во резултатите што ќе ги покажат. Граѓаните ќе видат по работата на некој министер каков човек им дала партијата. Ако се задоволни, утре повторно ќе гласаат за таа партија, ако не, ќе се одлучат за некој друг. Тоа е поентата на повеќепартискиот систем. Функционерите веќе треба да имаат друга матрица на однесување, да се водат исклучиво по Уставот и законите, а не по наредбите од партијата – велат нашите соговорници и добри познавачи на уставните начела.
Тие се категорични дека реферирањето на министрите и на другите функционери пред партискиот лидер е практика на која треба да ѝ се стави крај бидејќи е спротивна на Уставот.
– Министрите реферираат исклучиво пред премиерот, а другите функционери пред оној што ги назначил, ако тоа било Собранието, отчетот треба да го дадат пред собраниските комисии, кои се исто така контролен механизам што треба да покаже дали тие работеле добро или лошо. Едноставно, сите мора да бидат дел од еден систем на поврзани контролни механизми низ кој постојано ќе се следи нивното работење. Оцената на партискиот лидер за нивната работа во ваков случај е ирелевантна – заклучуваат нашите соговорници.
Покрај контролниот механизам „премиер“, клучната контрола врз работењето на функционерите ја има и Собранието, поточно разните собраниски комисии, кои мораат многу почесто да бараат реферирање за работењето на секој функционер. Пратениците се тие што може да побараат интерпелација ако комисиите утврдат дека некој не си ја работи добро работата и да покажат дека системот на контрола дава резултати.
Ако се точни наводите (на граѓаните, на ИРИ итн.) дека функционерите во извршната власт во кои го вперија прстот „огнените“ не си ја работат работата како што треба и не ги спровеле ветените проекти „од и за граѓаните“, тогаш уште еден контролен механизам би бил „формирање еден вид ад хок анкетна комисија“, која ќе преиспита злоупотреби и недоследности. Следствено, потоа би можело да се побара понатамошно активирање на другите механизми, како интерпелација на некој министер или разрешување на некој функционер или процесирање пред правосудните органи.
Нашите соговорници се децидни и за крај нагласуваат дека „токму ваквото постапување, секако, ќе влијае и на односот на политичарите кон работата што им е доверена, особено кога ќе бидат свесни дека за секое незаконско работење ќе се понесува одговорност и ќе следува казна доколку има елементи на кривична одговорност по некоја основа!“