По одржувањето на првата консултативна средба, премиерот Ковачевски истакна дека коалициските партнери во Владата гледаат на предлогот како на солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста што се
отвора за нашата земја
Додека во текот на вчерашниот ден пошироката јавност го очекуваше објавувањето на текстот од францускиот предлог за преговарачката рамка на веб-страницата на Владата, премиерот Димитар Ковачевски го започна процесот на т.н. пошироки консултации со партиите од коалициските партнери. На средбата сите претседатели на коалициските партии биле детално информирани за целиот процес од министерот за надворешни работи Османи и вицепремиерот Маричиќ. Според Ковачевски, дискусијата на состанокот била исклучително конструктивна, а сите дискусии исклучително државнички.
– За сето она што го имавме пред нас како обврска, да го заштитиме идентитетот и да обезбедиме иднина за државата и нашите граѓани. Сите претседатели на партиите го кажаа својот став и можам слободно да кажам дека имаа државнички став – изјави Ковачевски по средбата.
Покрај тоа, премиерот истакна дека коалициските партнери во Владата на предлогот гледаат како на солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста што се отвора за нашата земја.
– Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа. Како влада доследно се држевме до државните позиции во преговорите со Бугарија во секој поглед. Ги штитевме државниот интерес и македонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги зачуваме клучните црвени линии што со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална резолуција – истакна премиерот на прес-конференцијата по средбата со коалициските партнери.
Ковачевски уште еднаш повтори дека во европскиот предлог се дефинирани позициите за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, како и протоколот да не биде дел од преговарачката рамка.
– Многу важно, нашата позиција за понатамошно почнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување меѓувладина конференција со ЕУ исто така е инкорпорирана во предлогот што е доставен кај нас – потенцира Ковачевски.
Премиерот додаде дека дијалогот продолжува и со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој, како што нагласи, и досега е целосно упатен и консултиран за сите детали. Ковачевски најави дека по ова прашање ќе се дебатира и во парламентот, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, медиумите и експертската и севкупна јавност во земјата.
По завршувањето на пресот, официјалните документи со францускиот предлог беа поставени на веб-страницата на македонската влада. Тие се ставени на увид на јавноста и сите заинтересирани можат да ги прочитаат интегрално, а подоцна и да ги изнесат своите забелешки по нив.
Итна реакција дојде од страна на опозицијата, чијшто лидер Христијан Мицкоски за денеска најави голем сенароден собир во знак на протест поради францускиот предлог.