Егзодусот на младата популација од Македонија продолжува со несмалено темпо. Особено загрижува фактот што идејата за напуштање на земјата се јавува кај младите уште во средно училиште, кога наместо да се фокусираат на личната наобразба заради подобро реализирање во својата татковина, тие уште тогаш размислуваат како своето стекнато знаење и квалитет подобро да ги продадат надвор
Загрижувачки тренд на емигрирање што ја
загрозува иднината на државата
Егзодусот на младата популација од Македонија продолжува со несмалено темпо и ако државата не преземе нешто сериозно во скоро време, тогаш за релативно краток временски период ќе биде доведена под знак прашалник нејзината иднина. Особено загрижува фактот што идејата за напуштање на земјата се јавува кај младите уште во најмладите години, кога наместо да се фокусираат на личната наобразба заради подобро реализирање во својата татковина и нејзин напредок, тие уште тогаш размислуваат како своето стекнато знаење и квалитет подобро да ги продадат надвор.
На ова упатуваат и резултатите од неодамнешното истражување на Фондацијата за демократија на Вестиминстер, кои покажаа дека 58 отсто од младите се незадоволни од своето место во државата и затоа сакаат да ја напуштат.
– За жал, има голем број млади луѓе што сакаат да си заминат од државава и висок степен и процент на незадоволство помеѓу младите од тоа што државата не придонесува за подобрување на младинскиот стандард. Имаме висок степен на младинско незадоволство во врска со тоа како државните власти се грижат за оваа категорија луѓе и имаме огромна дискрепанца меѓу кои можности и потреби ги имаат младите на локално ниво и на централно ниво – смета Петар Барлаковски, претседател на Младински образовен форум (МОФ).
Повеќе од јасно е дека развојот на секоја држава се поврзува со младите, бидејќи токму младоста е моторот на секоја економија, а најдобар пример за тоа се Кина и Индија, брзорастечки светски економии што постојано инвестираат во младите луѓе, кои подоцна сиот капацитет го вложуваат за развој на сопствената држава.
Набљудувајќи го овој феномен од социолошки аспект, социологот Илија Ацевски констатира дека кај нас трендовите се поинакви, притоа наведувајќи најмалку пет причини што придонесуваат младите лесно да носат одлука за иселување од Македонија.
– Неоспорно е дека младите сакаат да ја напуштат државата, но одговорот зошто се одлучуваат на ваков чекор е доста сложен. Таа ситуација на младите во земјава произлегува од тој социоекономски и политички контекст. Замислете човек на 20 и повеќе години што завршил факултет како ја перципира оваа стварност во која денес живееме во Македонија. Ќе наведам неколку причини поради кои му е олеснета одлуката да ја напушти државата. Прво, ние сме најсиромашна држава во Европа, потоа имаме целосно урнисано образование, шансите да работи според струката се речиси никакви, без оглед што потрошил неколку години за неговата наобразба, потоа тука е незадоволството од самата работа, сето тоа дополнето со ниските плати, кои се фрустрирачки за човек со високо образование, и сознанието дека единствено државна служба е таа што гарантира некаква сигурност, си го прават своето и ја олеснуваат одлуката за заминување во странство – вели Ацевски.
Тој смета дека ако продолжи трендот на иселување на младите, за многу кратко време во Македонија ќе има недостиг од работна сила во сите сфери.
– Со години не се промени тој концепт на образование, да знае секој човек кога ќе влезе во одредена сфера на образование дека подоцна барем 80 отсто ќе најде работа за тоа што се школувал. Во Македонија име сфери каде што ниту 20 отсто не наоѓаат работа според струката. Тоа е огромно разочарување и огромен губиток на енергија кај тие луѓе. Јас тука ги гледам причините тие да донесат одлука да ја напуштат државата. Како вие ќе задржите млад човек во земјава ако тој не верува во институциите, ако верува дека постои висок степен на корупција, ако верува дека тие се неефикасни, ако верува дека нема перспектива тука. Нормално е да помисли перспективата да си ја бара на два часа лет некаде надвор од државата – појаснува Ацевски.
Според него, сите вакви негативни состојби низ годините влијаеле кај денешната млада популација да нема никакви елементи на патриотизам кон својата држава.
– Кај младите не постојат елементи на патриотизам, тоа повеќе го нема. Тој млад човек мора да обезбеди елементарни претпоставки да заработи и да живее достоен живот. Но што се случува кај нас? Фрустрации, страв дека живее во најзагадениот град во Европа, бесперспективност, така што како на истиот тој млад човек да му објасниш дека треба да остане во Македонија – прашува Ацевски.
На проблемот со иселувањето на младите од Македонија долги години алармираат и стопанствениците, посочувајќи ја државата како главен виновник затоа што во овие 30 години не изработила никаква стратегија како да ја задржи младата работна сила во земјата.
– Ние 25 и повеќе години немаме стратегија за опстанок на државата. Во овој момент немаме никакви работници, а не, пак, млади. Европа ни ги собра сите – вели Горан Рафајловски, стопанственик.
Според него, Македонија туркајќи ја упорно агендата за зачленување во Европската Унија, не ги виде можностите на Европската економска заедница, кои сигурно ќе придонесеа за подобри економски состојби дома и задржување на младите тука.
– Требаше уште пред десет години да побараме, па би рекол дека не е лошо и сега одново да се актуализира тоа барање, да влеземе во таа Европска економска заедница. Ќе ги користиме сите бенефиции на Европската Унија, нема да бидеме нејзина членка, така што повеќе никој од Европа нема да се оптоварува со тоа дека нашите луѓе ќе одат да работат таму, иако вистината е дека европските земји нам ни ги собираат луѓето – појаснува Рафајловски.
Тој додава дека побарувачката за работна сила низ Европа е огромна, па тука треба да се бараат причините зошто младите ја напуштаат земјава и одат да работат во странство.
– Собираат каков било кадар од кај нас бидејќи немаат никаков и на крајот ќе сакаат сите да нè иселат кај нив, бидејќи ќе немаат никакви работници за ниту една дејност. Веќе не бараат ниту квалитет, туку добредојден е секој што ќе се нафати да работи. Каков добар кадар е тој што завршил медицина тука, во кој нашата држава инвестирала, но кој нема доволно работно искуство? За нив сега тоа не е важно, веднаш му ја признаваат дипломата и Германија дури ги праќа и на специјализација. Тоа е со медицината, а слично е и со занаетчиството. Кај нас тој што не знаеше да нареди две плочки, сега низ Европа реди на големо. Тоа е реалноста, немаат работници и ги собираат нашите. Затоа и младите бегаат – заклучува Рафајловски.