И денес, црквата е составен дел од комплексните политички историско-идентитетски премрежиња на Македонија и македонскиот народ, како на внатрешнополитички така и на меѓународен план. Токму затоа, јавните полемики на црковните достојници имаат директно влијание на целиот општествен амбиент во Македонија. Секако, полемиките што во јавноста на површина исфрлаат пораки на раздор во црквата, која е историски перципирана како обединувачки фактор, не придонесуваат за постигнување сплотеност пред националните искушенија што ја очекуваат Македонија
Јавната полемика на великодостојниците на МПЦ-ОА, Петар и Партениј, како повод
Невообичаената и, според православните верници и граѓаните на Македонија, несоодветна јавна комуникација на великодостојниците на МПЦ-ОА, митрополитот Петар и епископот Партениј, фрли сенка на чествувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици. Јавната полемика на двајцата владици имплицира на раздор во МПЦ-ОА, што го компромитира нејзиниот соборен авторитет, но и создава амбиент за уште една, толку непотребна поделба во македонското општество.
Реакцијата на братството од Бигорскиот манастир, предводено од епископот Партениј, на одредени квалификации и обвинувања од митрополитот Петар, е упатена како апел до верниците да не се вознемируваат и да не се исполнуваат „со непријатни чувства и мисли поради клеветите, неоснованите тврдења и злонамерните инсинуации изнесени од страна на еден од митрополитите на нашата најсвета МПЦ-ОА“, туку да се радуваат и во мир и молитва да го поминат претстојниот голем Господов празник Богојавлeние-Водици.
Владиката Петар, митрополит преспанско-пелагониски, во интервју за македонски медиум изјави дека постои парацрковна структура во Бигорскиот манастир, на чело со епископот Партениј, која ѝ задава голем проблем на МПЦ-ОА.
– Ова е веќе сериозен проблем на нашата црква, ние моментално го решаваме проблемот со ПОА, а сега ова со парацрковната структура е и поголем проблем и поради националноста и поради нивната духовна ориентација – изјави г. Петар во интервјуто, што од братството во Бигорскиот манастир е доживеано како „клевета, неосновани тврдења и злонамерни инсинуации“. Изјавата на владиката Петар, од правен аспект, во реакцијата од Бигорскиот манастир се толкува и како „говор на омраза и како поттик и повик за јавен линч – нешто што не му приличи на еден духовен водач и подлежи на кривична одговорност“.
– Иако монологот на владиката е од маргинален карактер и како таков не заслужува никакво внимание, сепак поради епископскиот чин што го носи, како и поради реакциите на некои верници што се чувствуваат повредени од неговите изјави, решивме да излеземе со овој апел. Имено, тој владика јавно злословеше дека Бигорскиот манастир бил некаква си ‘парацрква’, притоа земајќи си слобода да критикува епископ и манастир што не се во негова надлежност – нешто што не е во согласност со црковните канони. Се разбира, оваа сериозна клевета нема ни трошка вистина во себе и вие тоа најдобро го знаете, бидејќи ние како монашка заедница сме нераскинлив дел од нашата најсвета Црква, на којашто доброволно сме ѝ ги посветиле своите животи во жртва и послушание…
Според правните дефиниции, ваквиот настап на митрополитот се толкува како говор на омраза и како поттик и повик за јавен линч – нешто што не му приличи на еден духовен водач и подлежи на кривична одговорност.
Згора на сѐ, сметаме и дека ваквите повеќекратно изнесени невистини во јавниот дискурс придонесуваат за создавање неединство и конструираат дух на осуда – што не е прифатливо и е спротивно на православниот етос и значат неоснована деградација и дискриминација на нашите манастири пред јавноста, но се и повод за поделба и раскол меѓу верниците во Црквата – се наведува во дел од реакцијата-апел на братството од Бигорскиот манастир, на изјавата на владиката Петар.
Без оглед на правото на црковните великодостојници на слобода на говор и на јавно искажување, правото на јавна дебата и аргументирање, доминантната улога и значење на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како во историјата така и денес, се нејзината моќ за духовно обединување. Црквата отсекогаш била кохезивниот елемент на православниот етос во Македонија.
Обединувачката свест, во голема мера создавана како влијание на црквата, односно личности од македонската историја што биле и црковни достојници, го има одржано македонскиот национален супстрат како нераскинлив дел од територијата, но и посебноста на македонскиот јазик, обичаи, култура. Колку што историскиот континуитет на МПЦ-ОА е важен за духовното обединување, еднакво е важен и испреплетен во историските процеси на формирање национална самосвест на Македонците. И денес, црквата е составен дел од комплексните политички историско-идентитетски премрежиња на Македонија и македонскиот народ, како на внатрешнополитички така и на меѓународен план. Токму затоа, јавните полемики на црковните достојници имаат директно влијание на целиот општествен амбиент во Македонија. Секако, полемиките што во јавноста на површина исфрлаат пораки на раздор во црквата, која е историски перципирана како обединувачки фактор, не придонесуваат за постигнување сплотеност пред националните искушенија што ја очекуваат Македонија. Таквиот однос само придонесува да се деградира обединувачкиот авторитет на духовното ткиво на Македонците, како што веќе е случај со македонскиот државен и политички фактор во земјава. Нови поделби и раздори во македонскиот супстрат на нацијата никогаш не се посакувани, а токму сега се најмалку потребни. Црковните великодостојници треба да ја надградуваат, а не да ја разградуваат вербата за слога и единство!