Предлогот на Европската Унија беше прифатен во македонското Собрание, а билатералниот протокол беше потпишан вчера во бугарското Министерство за надворешни работи. Бугарскиот интерес е заштитен, ова е успех и за дипломатијата, изјави европратеникот и постојан известувач на ЕП за Македонија, Илхан Ќучук, гостувајќи утрово во емисијата „Денот почнува“, пренесе БНТ.
– Не треба да бараме кој е победник или кој е губитник во овој долг разговор – нагласи тој.
Според Ќучук, договорот од 2017 година бил успешен по тоа што поставил одредени проблеми, но и дал можност да се започне сложениот разговор за минатото, кој исто така поминува низ разговорот за иднината.
– Ние ги потпишуваме договорите во однос на уставот на Бугарија и уставот на Северна Македонија. Веројатно според овој протокол, под кој министрите се потпишаа вчера, г-ѓа Генчовска како бугарска министерка за надворешни работи го потпиша делот во кој се вели бугарскиот јазик во однос на уставот на Република Бугарија и македонскиот јазик во однос на уставот на Република Северна Македонија – наведува Ќучук.
Тој нагласи дека во 21 век, да се оспорува идентитетот и јазикот на кој било е едноставно неевропски и неодржливо.