Иако навидум „правно покриени“ и амнестирани, „Хашките случаи“ претставуваат товар за македонското општество, поради фактот што никој нема преземено одговорност за воените злосторства што не застаруваат. Прашањето што постојано лебди во воздухот е дали и кога македонскиот правосуден систем (ќе) има капацитет судски да ги расчисти сите сомневања за воените злосторства што никогаш не застаруваат. Впрочем, и судските процеси против водачите на косовската ОВК, дваесетина години по инкриминираните настани, доволно говорат за правната незастареност во барањето одговорност за злосторствата против човештвото и геноцидот
Хаг интензивира расветлување инкриминирани лица и настани во Косово, дваесетина години по воениот судир
Судскиот процес пред Трибуналот во Хаг, за злосторствата на ОВК од четворицата водачи на поранешната Ослободителна војска во Косово, продолжува со проширување на обвиненијата. На 10 мај, поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, заедно со Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, беше изведен пред судијата по претходна постапка, Николас Гију, за да се изјасни за новите наводи во проширеното обвинение, кое го товари за злосторства против Албанците, Србите и Ромите во Косово и во Албанија во 1998-1999 година. Обвинението со 10 точки е проширено за наводи за злосторства на ОВК во селата Будаково, Семетиште, Сува Река и Гнилане. Обвинението ги товари Тачи (53), Весељи (54), Селими (50) и Красниќи (70) за злосторства извршени во повеќе од 40 нелегални притвори на ОВК во Косово и во Албанија против најмалку 407 притвореници, од кои најмалку 98 се убиени, од март 1998 до септември 1999 година. Сите обвинети, кои беа уапсени во Косово на 4 и 5 ноември 2020 година, на првото појавување пред судот, од 9 до 11 ноември истата година, се изјаснија за невини за делата во обвинението. Судењето на Тачи и на другите обвинети сѐ уште не е закажано, а неизвесно е дали судењето би можело да биде отворено до крајот на оваа година.
Кој да активира судски процес во Македонија за злосторствата што не застаруваат?
Судењето на поранешните косовски борци на ОВК, кои во периодот од две децении од наведените злосторства во обвинението беа и на (нај)високи државни функции во Косово, секогаш неодминливо ја активира паралелата за потребата од активирање судска постапка во Македонија за четирите т.н. Хашки случаи, за злосторствата против човештвото, сторени во 2001 година, од „филијалата“ на ОВК во земјава – ОНА. Станува збор за четири судски предмети, кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство. Делата што беа (се) предмет на судскиот интерес се однесуваат на: тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП „Маврово“ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА. Сите (зло)дела се сторени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година и имаат тежина на злосторства против човештвото и никогаш не застаруваат. Сепак, овие случаи беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен на 8 март 2002 година. Со него се ослободија од гонење, се запреа кривичните постапки и целосно се ослободија од затворска казна лицата за кои постоеше сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Дополнително, откога предметите од Хаг неколку години подоцна беа вратени во Македонија, во 2011 година, со т.н. автентично толкување на законот, се обезбеди и амнестија за одговорните осомничени за воено злосторство. Оттогаш, иако навидум „правно покриени“ и амнестирани, овие случаи претставуваат товар на македонското општество поради фактот што никој нема понесено одговорност за воените злосторства што не застаруваат. Прашањето што постојано лебди во воздухот е дали и кога македонскиот правосуден систем (ќе) има капацитет судски да ги расчисти сите сомневања за воените злосторствата што никогаш не застаруваат. Впрочем, и судските процеси против водачите на косовската ОВК, дваесетина години по инкриминираните настани, доволно говорат за правната незастареност во барањето одговорност за злосторствата против човештвото и геноцидот.
Правдата треба да биде над политичката моќ
– Иако е правно контроверзно, но во Македонија прашањата за четирите „Хашки случаи“ за злосторствата од 2001 година се сметаат за затворени. Се толкува дека Законот за амнестија ги опфаќа и ги „покрива“ и обвинувањата за тие случаи што беа вратени од Трибуналот во Хаг за да бидат процесирани во домашното судство. Кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше во насока дека тоа не е никаква правна основа за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Под политички притисок за таквиот став, тогашниот претседател на Хелсиншкиот комитет дури и даде оставка. Оттогаш нема некои нови конкретни иницијативи за правно активирање на овие случаи од 2001 година. Теоретски, нив може да ги отвори државниот обвинител ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија. Тоа е теоретскоправниот начин, но не верувам дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.
Адвокатот Тони Менкиноски е категоричен дека овие предмети за воени злосторства во 2001 година еден ден мора да се обноват, но и за секој геноцид врз Македонците некој ќе одговара.
– Воените злосторства, како и геноцидот, според стандардите на меѓународното право никогаш не застаруваат и не можат да бидат заборавени и простени со никаков Закон за амнестија. Секако, Обвинителството треба да го активира судското преиспитување на т.н. Хашки случаи од 2001 година, врз основа на меѓународните стандарди за незастарување на воените злосторства и геноцидот. Зошто тоа не е сторено во изминативе дваесетина години, одговорот може да се најде во политичкото влијание врз судството, како и во надворешнополитички влијанија од меѓународната заедница. Но еден ден овие предмети мора да се обноват, а за секој геноцид вршен врз Македонците во изминатите години и децении – некој ќе одговара – вели адвокатот Менкиноски.