Во согласност со програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и на отворените канали на подрачјето на градот Скопје за 2022 година, по налог на Градот, екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со спроведување активности за чистење на коритото на реката Вардар.
– Деновиве започна чистењето на косините на реката Вардар во насока од Железниот мост во Влае до мостот кај хотелот „Александар палас“. Активностите се одвиваат на двете страни од кејот и се со вкупна должина од околу 3.500 метри – информираат градските власти.
На овој потег екипите со тримери ја сечат обраснатата вегетација од косините и од кејот и досега се исчистени околу 800 метри, во насока од мостот „Обединети нации“ до Железниот мост во Влае.