Она што отвора нови перспективи за земјава, тоа е новиот состав на ЕП, како и на Европската комисија, кои ќе мораат да вложат многу повеќе напори да го повратат разнишаниот углед на Унијата, како меѓу самите земји членки така и меѓу кандидатите за членство. Од тие причини, официјален Брисел има одлична можност да си го обели образот пред македонските граѓани, кои не бараат никакви привилегии во делот на преговорите со ЕУ, туку да важат фер услови што важеле за сите земји кога се зачленувале, а тоа е исполнување исклучиво на Копенхашките критериуми, без одрекувања од идентитетот, името, јазикот, историјата и слично
Резултатите од европските избори фрлаат нова светлина врз процесот на проширување
На европските избори што се одвиваа изминатите неколку дена во земјите членки на Европската Унија, мнозинството граѓани им ја дадоа довербата на партиите што се дел од Европската народна партија, односно десницата, со што уште еднаш упатија јасна порака во која насока сакаат да се движи Европа.
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека новиот состав на Европскиот парламент мора да донесе и нови свежи политики во сите области, вклучувајќи и во делот на проширувањето, со оглед дека досегашниот курс не беше одобрен од граѓаните и создаваше само дополнителни проблеми, како внатре меѓу земјите во Унијата така и во однос на надворешната европска политика.
Што е уште поважно, новите европски политики мора да се темелат врз принципите врз кои е изградена ЕУ, владеење на правото, почитување на суверенитетот и особеностите на секоја земја членка, како и исполнување на Копенхашките критериуми за претендентите за членство кога станува збор за проширувањето.
Нова шанса ЕУ „да си го обели образот“!
Македонија беше земјата што врз свои плеќи најдобро го почувствува нефункционирањето на Европа бидејќи со децении беше жртва најпрво на Грција, која за одблокирање на евроатлантските интеграции на земјава бараше таа да го промени уставното име. Откако успеа во својата намера, примерот на Атина почна да го следи и официјална Софија, која за одблокирање на евроинтегративниот процес побара од македонскиот народ да се откаже од сопствениот идентитет, јазик, историја и култура. На тоа кумуваше и Франција, која ја стави клучната блокада земјава да ги почне преговорите за членство откако го промени уставното име така што наметна нова методологија за проширувањето.
Ваквите анахрони ставови беа осудени од повеќе европратеници, кои едноставно не можеа да сфатат како некоја европска земја може да оспорува нечие право слободно да си го избира името на државата, да негува сопствен идентитет, јазик и историја.
Она што отвора нови перспективи за земјава, тоа е новиот состав на ЕП, како и на Европската комисија, кои ќе мораат да вложат многу повеќе напори да го повратат разнишаниот углед на Унијата, како меѓу самите земји членки така и меѓу кандидатите за членство.
Од тие причини, официјален Брисел има одлична можност да си го обели образот пред македонските граѓани, кои не бараат никакви привилегии во делот на преговорите со ЕУ, туку сакаат да важат фер услови што важеле за сите земји кога се зачленувале, а тоа е исполнување исклучиво на Копенхашките критериуми, без одрекувања од идентитетот, името, јазикот, историјата и слично.
Аналитичарите гледаат шанса за реално заживување на евроинтегративниот процес
Иако пред европските избори од многу „кујни“ се пласираше тезата дека при евентуална победа на десничарите би можело да дојде до застој во проширувањето, сепак извесно е дека процесот на проширување ќе продолжи, но многу е веројатно дека ќе се постави на реални основи и предвидливост на процесот.
Дел од аналитичарите со кои поразговаравме околу новиот развој на настаните и очекувањата што Македонија би можела да добие од новиот европски состав, се на ставот дека несомнено се раѓа шанса што земјава мора да ја искористи.
– Победничката партија во земјава е од редот на партиите што победија на европските избори и кои ќе бидат мнозинство во ЕП. Од 1 јули претседавањето со Унијата го презема Унгарија, земја што има исклучително добри и пријателски односи со Македонија, така што и тоа е одредена предност. Тоа значи дека со добра дипломатска активност, која неколку години воопшто ја немавме, можеме со нашите пријатели во ЕП и со помош на претседавачот на ЕУ да наметнеме агенда во која услов за преговори и напредок во преговорите ќе бидат Копенхашките критериуми. Тоа не е невозможна мисија и не е нешто што би било неприфатливо за Брисел, туку напротив, самите тие треба да нѐ храбрат да работиме на исполнување токму на тие европски критериуми, паралелно со реформите дома. Имаме добитна комбинација, преку исполнувањето на Копенхашките критериуми всушност да почнеме да ги средуваме состојбите дома, а во исто време, да почнеме реално да преговараме со ЕУ и да создадеме мирен терен за отворена дискусија, се разбира врз основа на реципроцитет и меѓусебно уважување, и со Бугарија, но и со Грција, за да можеме отворено да разговараме за сите прашања и да градиме вистински добрососедски односи, а не лицемерни – велат аналитичарите.
И на Европа ѝ одговара враќање кон сопствените изворни принципи
Очекувањата кај дел од домашните аналитичари се дека победата на десницата на европските избори отвора можност за предвидливост во политиките, што за Македонија е многу важно.
– Имавме ситуации од високи европски претставници да се даваат ветувања за членство на земјава во ЕУ до 2030 година, па дури почна да се споменува и 2028 година. Други велеа дека тоа нема да се случи скоро, трети заговараа некаква втора европска лига и слично. Сето тоа носеше еден вид конфузија кај земјите кандидатки, кои европскиот популизам го рефлектираа и дома и со тоа дополнително ги разочаруваа граѓаните, кои беа многу подалековиди и пореални во очекувањата од сопствените политички водачи. Она што десничарите го најавуваа, тоа е дека процесот на проширување нема да лета, туку ќе добие реални контури, така што секој ќе напредува според тоа колку ги исполнил критериумите за членство. Тоа е исклучително важно за секоја земја кандидат точно да знае што треба да сработи и што да очекува кога ќе го сработи тоа. Така и мотивот за реформи ќе биде многу поголем. Тоа е таа предвидливост за која говориме. Кон крајот на минатиот век на повеќе европски земји им беше точно кажано што треба да направат ако сакаат да станат членки до 2004 година. Сите ги исполнија зададените задачи и таа година се случи најголемото европско проширување. Задачите не ги сработија Бугарија и Романија и беа оставени за три години подоцна. Значи предвидливоста е сѐ во надворешната политика, а не со одењето со глава во ѕид и преку давањето разни концесии со кои се загрозуваат државните интереси да се очекува земјата да оди напред. Народот не сака понизни политичари и тоа го покажа на изборите. Од друга страна, и на самата ЕУ ќе ѝ биде полесно да се врати на сопствените основни постулати, повторно да ги наметне Копенхашките критериуми како услов за зачленување, но во исто време, да не дозволи нејзините земји членки да излегуваат надвор од европската рамка и да ги условуваат земјите што сакаат да станат дел од европското семејство со прашања што се поврзани со некои нивни анахрони идеи и планови. Со други зборови, не смее повеќе да се дозволи мешање во внатрешни работи на една суверена држава и барање промена на устав како услов за преговори со ЕУ. Брисел мора да го спречи тоа доколку не сака дополнително да го загрози сопствениот углед – констатираат аналитичарите.