Фото: Нова Македонија

Македонија подготвува стратегија за користење на тој нов чист ресурс, попознат уште како зелен водород, и тоа во енергетиката и индустријата. Во споредба со традиционалните фосилни горива, водородот нуди клучни предности бидејќи станува збор за сестрано гориво, гори чисто, не е отровен и не испушта јаглерод диоксид. Може целосно да го замени природниот гас во енергетиката, индустријата и хемиското производство, а може да биде замена за нафтата при транспорт на долги
растојанија

Преструктурирање кон новите горива на иднината

Од почетокот на војната во Украина, цените на нафтата и природниот гас драстично скокнаа во целиот свет. Од тие причини во сите земји почна да се размислува за алтернативи (сонце, ветер, биомаса), но и за користење на водородот како гориво на иднината.
Во таа насока, светот веќе забрзано почнува да гради капацитети за производство на таканаречениот зелен водород, односно водород што се добива од обновливи извори на енергија.
Кинеската компанија „Синопек“ започна со изградба на најголемата централа за производство на еколошки чист водород во светот, кој ќе се произведува со помош на сончева енергија. Фабриката ќе почне со работа веќе од следното лето и ќе произведува до 20.000 тони зелен водород годишно. Водородот игра важна улога во плановите на кинеската влада за економија без јаглерод. Планирано е учеството на водородот во енергетскиот биланс на земјата до 2060 година да се зголеми на 20 отсто, додека во 2018 година беше само три отсто.
Дури и Саудиска Арабија, која изобилува со богатство на нафта, почнува да гради капацитети за производство на водород, а еден таков проект е и футуристичкиот град Неом, кој сета енергија ќе ја црпи токму од зелениот водород.
И Македонија подготвува стратегија за користење на тој нов чист ресурс, попознат уште како зелен водород, и тоа во енергетиката и индустријата, кои, со оглед на стопроцентната зависност на земјава од руски гас, може лесно да останат без енергенти ако Русија ја прекине испораката на гас кон Европа.
– Во однос на снабдувањето со природен гас, ние сме земја што 100-процентно е зависна од рускиот природен гас и доколку настанат какви било несакани активности, дали ќе бидат тоа санкции од Европската Унија или, пак, Русија ќе ја прекине испораката, ние како држава ќе бидеме соочени со сериозни проблеми, бидејќи дел од компаниите што го користат природниот гас нема да може да употребат друго алтернативно гориво – вели Марко Бислимовски, прв човек на Регулаторната комисија за енергетика.
Токму поради ваквите ризици, неопходно е државата да почне сериозно да наоѓа алтернативи за да не дојде до колапс на енергетскиот и индустрискиот сектор.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини не ја отфрла можноста преку интерконекторот што се гради во Грција, Македонија во иднина, освен со гас, да се снабдува и со водород.

– Сите ние сме меѓусебно поврзани, нашите економии се меѓусебно поврзани и треба да имаме регионална енергетска стратегија, не само во однос на климата туку и за енергетската безбедност – изјави министерот Нуредини, притоа истакнувајќи ја важноста на инвестицијата на Грција и на Македонија во интерконекторот за природен гас, што во иднина ќе може да се користи и за транспорт на водород.
Во споредба со традиционалните фосилни горива, водородот нуди клучни предности бидејќи станува збор за сестрано гориво, гори чисто, не е отровен и не испушта јаглерод диоксид. Може целосно да го замени природниот гас во енергетиката, индустријата и хемиското производство, а може да биде замена за нафтата при транспортот на долги растојанија.
Постојат три начини како може да се произведе водород. На првиот начин водородот се извлекува од нафтата или јагленот, при што се ослободува јаглерод диоксид. Добиениот водород со овој тип на екстракција се вика сив водород.
Вториот начин е ист како првиот, со таа разлика што ослободениот јаглерод диоксид не се испушта во атмосферата, туку се складира за индустриска употреба. Водородот добиен на овој начин се нарекува син водород. И третиот и единствен еколошки начин на производство на водород е со електролиза на вода, при што се користи струја добиена од обновливи извори, а таквиот водород се нарекува зелен водород.

– Саудиска Арабија, Кувајт и околните земји се свесни дека сето финансирање и субвенционирање што доаѓа од Европа оди на зелен водород, а на Европа ѝ се потребни големи количества од овој енергент. Европската комисија соопшти дека се потребни електролизери за 80 гигавати. Станува збор за уред што прима електрична енергија од обновливи извори, а потоа од водата и таа електрична енергија се создава водород. На еден килограм водород се потребни десет литри вода и во зависност од технологијата, 42 киловати електрична енергија. Така се добива зелен водород што има апсолутна предност поради суфинансирањето со европски грантови, а згора на тоа, е и во функција на декарбонизација на Европа – вели Ивица Јакиќ, експерт за овој вид енергија.
Македонската компанија „Металотехника“ од Прилеп има создадено специјална технологија за раздвојување водород и кислород, која може да се искористи на различни нивоа во секојдневието, како и во индустријата од мали, до средни и големи проекти.

– Со овој проект ние сакаме да изградиме мини-термоцентрала до еден мегават јачина, а со тоа би добиле евтина и чиста обновлива енергија, а би користеле водород што нема потреба од складирање или дистрибуција бидејќи се произведува на самото место според потребите на капацитетот на мини-термоцентралата, односно обезбедува 100 отсто автономност. Прашање е дали државата е подготвена, овој вид енергија, кој во светот е надалеку познат, да го категоризира во обновливи видови енергија и во нашата земја – велат од „Металотехника“.
Како и да е, Македонија како дел од Европа мора да ја усогласува својата енергетска стратегија со европската, а таа веќе се движи во насока на вклучување на водородот како гориво на иднината. Иако кај нас на ова поле засега ништо практично не е почнато, новата реалност на енергетските пазари покажа дека ако не се размислува однапред, државата може да остане целосно зависна од увозот на енергенти, кои ќе ги плаќа неколкукратно поскапо. А токму тоа врз својот грб веќе го почувствуваа македонските граѓани и македонската економија.


Жил Верн го предвидел водородот како гориво на иднината

Во 1874 година, авторот на научна фантастика Жил Верн изнесе претпазлива визија што ги инспирираше владите и претприемачите 148 години подоцна.
Во својата книга „Мистериозниот остров“, Верн напишал за светот каде што „водата еден ден ќе се користи како гориво, тој водород и кислород што ја сочинуваат, употребени поединечно или заедно, ќе обезбедат неисцрпен извор на топлина и светлина, со интензитет што јагленот не е способен да го даде“.
Познато е дека речиси сите визии на Верн изнесени во неговите книги се остварија, почнувајќи од подморниците, авионите, патувањето до Месечината, така што не е исклучено и неговата замисла за водородот како моќно гориво многу бргу да стане реалност.