И додека македонските власти чекаат сигнал од страна како да постапат во дадената ситуација, луѓето што ги познаваат меѓународното право и обврските, кои земјите ги преземаат и имаат по таа основа, сметаат дека Македонија во никој случај не смее да забрани присуство на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на конференцијата на ОБСЕ во Скопје, бидејќи со таквиот чекор ќе ги прекрши меѓународното право и Виенската конвенција
Дваесетина дена пред почетокот на завршната конференција на ОБСЕ, која од 29 ноември до 1 декември ќе се одржи во Скопје, сè уште е непознато дали македонските власти ќе му овозможат присуство на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, имајќи предвид дека земјава го затвори небото за прелет на руски авиони со почетокот на руската агресија врз Украина.
Според најавите од македонското МНР, на најголемиот настан од ваков калибар организиран во земјава, најавено е присуство на 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, меѓу кои и од САД, Велика Британија, вклучувајќи и од Русија.
Засега доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи сѐ уште е неизвесно поради одлуката за затворено небо, што истовремено предизвикува голем број полемики во јавноста околу прекршувањето на Виенската конвенција токму од Македонија, земја што изминатава година претседаваше со ОБСЕ и која најдобро врз својот грб почувствува што значи кога не се почитуваат меѓународното право и принципи.
На бирото на министерот Османи се неколку можни сценарија
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, рече дека Руската Федерација ќе присуствува со своја делегација, но истовремено потврди и дека постојат одредени предизвици околу присуството на Лавров, кој пред неколку дена испратил официјално барање да присуствува на самитот на ОБСЕ.
– Тука ќе треба да се направат логистички напори. По правило, сите земји учеснички треба да присуствуваат на министерскиот совет на ОБСЕ, но за конкретни личности ќе зависи од одредени одлуки што треба да се донесат. Јас се надевам дека сите ќе бидеме во Скопје – изјави неодамна Османи.
Од друга страна, евентуалното недавање дозвола за присуство на рускиот шеф на дипломатијата ја комплицира целата ситуација околу изборот на идниот претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка бидејќи одлуката се носи со консензус. Османи вели дека се разгледува и евентуалното вакво сценарио и дека на маса се неколку можни решенија за ОБСЕ да не остане без претседавач во 2024 година.
И додека македонските власти чекаат сигнал од страна како да постапат во дадената ситуација, луѓето запознаени со меѓународното право и обврските, кои земјите ги имаат по таа основа, сметаат дека Македонија во никој случај не смее да забрани присуство на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на конференцијата на ОБСЕ во Скопје, бидејќи со таквиот чекор ќе ги прекрши меѓународното право и Виенската конвенција.
Адвокатот Менкиновски: Македонија треба да му обезбеди добар и мирен престој на Лавров во земјава
– Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, е добредојден во Македонија. Ние немаме никакви лоши односи како народ со Русите, така што како членка на ОБСЕ, Македонија треба да му обезбеди добар и мирен престој на Лавров во земјава – вели адвокатот Тони Менкиноски.
Според него, министерот Османи требало многу повеќе да се занимава со македонското прашање и да го претстави ова прашање во рамките на ОБСЕ како актуелно за време на едногодишното претседавање со организацијата наместо да се плаши од доаѓањето на Лавров во Македонија.
– Македонскиот народ и рускиот народ се два народа што никогаш немале фашисти во своите редови. Ние не се срамиме од тоа, за нас тоа е добра работа и затоа Османи треба да му посака добредојде на Лавров – нагласува Менкиноски.
Тој појаснува дека никакви изговори за затворено небо не може да го спречат Лавров да присуствува на завршната конференција на ОБСЕ во Скопје.
– Во согласност со Виенската конвенција, Османи мора да му овозможи присуство на Лавров. Ако направи спротивно од она што е предвидено со таа конвенција, односно забрани влез, тогаш тоа би било спротивно на интересите на македонскиот народ и македонската држава. Нека не се плаши Османи, тоа е дел од процедурите и како домаќин треба да му обезбеди добар и убав престој на рускиот министер во Република Македонија – констатира Менкиноски.
Светскиот македонски конгрес (СМК): Македонија не смее да зазема ничија страна и како суверена земја треба да носи мудри одлуки во согласност со меѓународните конвенции и практики
Околу можноста Македонија да не дозволи присуство на шефот на руската дипломатија, Лавров, на завршната конференција на ОБСЕ се произнесе и Светскиот македонски конгрес.
– Ако ОБСЕ во 1975 г. е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти, безусловно е присуството на рускиот министер за надворешни работи на самитот на ОБСЕ во Скопје, оттука и должноста на македонската влада да го одобри слетувањето на неговиот службен авион на аеродромот во Петровец – порачуваат од СМК.
Нивен став е дека Македонија не смее да зазема ничија страна, туку како суверена земја да носи мудри одлуки во согласност со меѓународните конвенции и практики.
– СМК потсетува дека Македонија не е страна во руско-украинскиот спор, а историско руско-украинско помирување и договор за траен мир и добрососедство помеѓу Русија и Украина е невозможно без Русија. Русија е нераскинлив дел од неделивоста на европската безбедност и нејзиното присуство во работата на ОБСЕ е повеќе од потребно и незаменливо! СМК апелира македонската влада да покаже доблест и мудрост во одлуките како влада на суверена и самостојна држава Македонија, а не сервилно да им служи на други и туѓи интереси – истакнуваат од СМК.