Уште едно референдумско прашање како ново демократско искушение за собранискиот спикер
Прашањата што првично се поставуваат пред започнувањето на собраниската процедура за новата референдумска иницијатива одат во насока што е различно во референдумското прашање на Левица од претходното на ВМРО-ДПМНЕ, во смисла на стеснување на маневарскиот простор на собранискиот спикер Џафери за да го отфрли. Што би предизвикало во правно-политичка смисла неговото прифаќање, а што одбивањето? Може ли со вака формулирано прашање да се блокираат евроинтегративните процеси на Македонија и какви меѓународноправни дејства би предизвикало?
Лидерот на Левица и собраниски пратеник, Димитар Апасиев, во јавноста ја презентира формулацијата на новото референдумско прашање за кое партијата има намера да поднесе собраниска иницијатива за организирање референдум. Тоа е форматирано како процедурално демократско легитимирање на протестите „против“ предлогот на француското претседателство со Унијата на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Формулацијата на прашањето гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со Европската Унија, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“
Формалноправни се тежишните, а не политичките аргументи, во врска со референдумот
– Сега, практично, е невозможно формалноправно да се одбие иницијативата и затоа одиме на оваа варијанта, чиј наратив е продолжување на духот на антивладините протести. Значи, наративот да биде „против“, а не „за“… Aко ги читате заклучоците, си велите сѐ е заштитено – јазикот е заштитен… Меѓутоа, точката 1 ја внесува преговарачката рамка (тоа се трите документи што нам како пратеници не ни ги даваа, па моравме да бараме да ни ги достават) и точката 3Г – тоа е предлогот на француското претседателство. Тие се спорните документи – ја oбразложи лидерот на Левица правно-превентивната логика на формулацијата на референдумското прашање.
Во иницијатива за задолжителен референдум, иницијаторите се повикуваат на членот 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, кој предвидува: „Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум).“
– Имено, тие „други прашања за кои одлучувало Собранието“ се овие заклучоци што ние ги ставаме на референдум… Ние не го напаѓаме директно францускиот предлог, бидејќи во тој случај Џафери ќе рече дека тоа не е надлежност на Собранието и ќе биде во право – аргументира Апасиев.
Тој додава дека Собранието не морало да го гласа документот со заклучоците, но ги усвоило, со што самото си дало автогол.
Односно, сакајќи да покаже некаква општонародна поддршка за предлогот, Собранието донело акт што сега може да се спори, односно да биде ставен на референдум, со што на собранискиот спикер Џафери „рацете ќе му бидат прилично врзани за одбивање“ – објаснува лидерот на Левица.
Од претходното искуство извлечена поука?
Со оглед на фактот дека ова е втора референдумска иницијатива во овој месец, како начин за правно-демократска артикулација на граѓански реакции на неприфаќање на условите за евроинтеграциите на Македонија, вметнати во т.н. француски предлог на преговарачката рамка (од кои прв „задолжителен“ услов е додавање на Бугарите како малцинство во македонскиот устав), иницијативата продуцира многу прашања во јавноста поврзани со опциите – што ако биде одбиена од Собранието, а што ќе се случува ако биде прифатена… Претходно, на 13 септември, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја одби референдумската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека „не е во согласност со Уставот“. Предложеното (и одбиено) референдумско прашање на ВМРО-ДПМНЕ гласеше: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, објавен во ‘Службен весник’ од 18.1.2018“.
Прашањата што првично се поставуваат пред започнувањето на собраниската процедура на референдумската иницијатива одат во насока што е различно во референдумското прашање на Левица од претходното на ВМРО-ДПМНЕ, во смисла на стеснување на маневарскиот простор на собранискиот спикер Џафери за да го отфрли? Што би предизвикало во правно-политичка смисла неговото прифаќање, а што одбивањето? Може ли со вака формулирано прашање да се блокираат евроинтегративните процеси на Македонија и какви меѓународноправни дејства би предизвикало?
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека конкретно ова референдумско, поаѓајќи од претходното искуство, е вистински и прецизно правно формулирано за да се избегнат правните замки во собраниската процедура за негово евентуално одбивање, но и ја опфаќа суштината на проблемот – бугарските уцени што се официјално легитимирани како европски во францускиот предлог на преговарачката рамка.
– И отфрлањето на референдумската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ од страна на претседателот на Собранието, Џафери, беше слободно толкување на Уставот и меѓународните аспекти на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше предмет на тоа референдумско прашање. Сепак, во овој миг, Договорот за добрососедство не е клучниот проблем за Македонија и нејзината суверена државност. Суштината на проблемот сега е содржан во предложената преговарачка рамка на француското претседателство со ЕУ, со која се легитимира односот на зависност на Македонија од Бугарија. Бугарските уцени се официјализираат како европски услови преку оваа предложена преговарачка рамка. Со тој документ, практично во моментов ни е наложено да го смениме Уставот за вистински да започнат преговорите со ЕУ.
Предложеното референдумско прашање на Левица ја опфаќа оваа суштина на проблемот на македонската сувереност, која е загрозена во процесот на евроинтеграциите. Можеби формулацијата и на ова референдумско прашањето не изгледа доволно атрактивно за јавноста, но законски е одредено дека референдум може да се распише само за прашања од надлежност на Собранието. Во таков правен контекст, заклучоците на Собранието за прифаќање на т.н. француски предлог од 16 јули, годинава, се документот што е правна основа за референдумско прашање. Што се однесува до Договорот со Бугарија, најлесен е за раскинување, со едностран акт на откажување од него, со одлука на Влада. Тоа може да се случи со влада што е расположена да го направи тоа и нема потреба за референдумско одлучување – вели професорката Ванковска.
Што би значело одбивањето и на оваа иницијатива од страна на собранискиот спикер?
Во однос на изгледите оваа референдумска иницијатива да добие право на извршност, односно да ја помине собраниската процедура и да се организира референдум, нашата соговорничка, професорката Ванковска е резервирана во предвидувањата, земајќи го предвид „(не)владеењето на правото“, односно отсуството на редот во уставноправниот систем.
– Одбивањето и на оваа референдумска иницијатива од страна на собранискиот спикер би било уште една капка во преполната чаша на уставноправниот хаос на државата и уште еден доказ дека живееме во заробена држава. Во такви услови не е лесно да се претпостави правниот исход на иницијативата за референдум, но во секој случај останува тест на арбитрарната моќ на претседателот на Собранието, во услови кога нема можност да се повика на одговорност за одлуката. Според правната логика, Џафери нема право да ја одбие иницијативата и мора да ја процесира во Собранието. Но реалноста е дека предвидувањата за судбината на оваа референдумска иницијатива треба да се прават според принципот „петка-глава“ – оценува Билјана Ванковска.
За рефлексијата на овие референдумски иницијативи во евроинтегративните процеси на Македонија, односно за активирање на опцијата тие да бидат блокирани, професорката Ванковска смета дека референдумот сепак би бил шанса за Македонците „легално, на легитимен начин да решиме сами за себе, за правото да бидеме суверени во државата Македонија и, конечно, барем да видиме колку ни е силата да го постигнеме тоа“.
– Ситуацијата на македонската држава и на Македонците сега е понижувачка и очајна. Целиот суверенитет ни е одземен, а други држави ни го одредуваат Уставот. Сега сме очајници, кои преку референдум сакаат да го покажат суверенитетот во својата држава Македонија, да ја одржат суверената независна државност… Притисоци, хајки, етикетирања како антиевропејци… секако ќе има за оние што сакаат да ја искажат националната самосвест. Ќе има и геополитички замешателства… Сето тоа треба да се очекува. Но ако сме народ со свест за себе, треба да се искажеме легално, на легитимен начин да решиме сами за себе, за правото да бидеме суверени во државата Македонија и, конечно, барем да видиме колку ни е силата да го постигнеме тоа. Потешко ќе биде ако не се ни обидеме – порачува професорката Билјана Ванковска.