Фото: Игор Бансколиев

Најновиот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ), во која по „скратена постапка“ би влегле повеќе демократски европски држави и географски би се обединила Европа, ја разбранува политичката јавност. Предлогот веднаш беше поздравен и поддржан од Германија. Но што, всушност, ќе значи европската политичка заедница од глобална и од домашна перспектива, какви се позицијата и перспективата на Македонија во целиот тој пакет, зошто Бугарија веднаш се спротивстави на оваа идеја, но и какви беа предвидувањата на ЦИА и „Стратфор“ за иднината на Европа

ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА СО НОВА ИДЕЈА
ВО ОДНОС НА ПРОШИРУВАЊЕТО

Говорот на францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент и изјавата дека тој се залага за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ), која на некој начин би била замена за членството во Европската Унија, наметна многу дилеми кај македонската јавност, која се прашува дали ова е почеток на редефинирањето на самата Унија во однос на жешкото прашање за проширувањето.
Дополнително, ситуацијата уште повеќе ја усложнуваат и војната во Украина и барањето на оваа земја и таа да стане членка на ЕУ, како и на Грузија и на Молдавија, држави што во овој момент се под одреден безбедносен ризик и кои би претставувале дополнителен товар за самата Унија, уште повеќе што се многу далеку во исполнувањето на потребните критериуми.
Ако на ова се додадат и земјите од Балканот, од кои некои веќе ги започнаа пристапните преговори, но напредуваат со брзина на желка, како и Македонија и Албанија, кои никако да ги започнат преговорите, тогаш повеќе од очигледно е дека Макрон тргнува во реализација на планот за формирање паралелна европска политичка заедница, еден вид пандан на ЕУ, со која Брисел индиректно ќе управува и ќе ги користи нејзините ресурси, додека земјите од европската политичка заедница нема да ја обременуваат Унијата со своите проблеми, а конечно ќе биде затворен и проблемот со проширувањето.
– Наша историска обврска е да одговориме на тоа и да го создадеме она што би го опишал пред вас како европска политичка заедница. Оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации што се придржуваат до нашите основни вредности да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортните инвестиции, во инфраструктурата за циркулација на луѓе, а особено приклучувањето на нашата младина. Тоа нема нужно да го прејудицира идното членство во Европската Унија, ниту, пак, таа (европската политичка заедница) ќе биде затворена за оние што ја напуштија ЕУ. Мора да ја обединиме нашата Европа во согласност со нејзината географија, со желба да го зачуваме единството на нашиот континент – рече Макрон.
Германскиот канцелар Шолц рече дека идејата на Макрон е „многу интересен предлог за решавање на големиот предизвик“ со кој се соочува ЕУ, притоа додавајќи дека Унијата не треба да го прекине процесот на пристапување со земјите со кои веќе тој е започнат, наведувајќи го и примерот со Македонија, која донела храбри одлуки во последните години.
– Треба да најдеме начин таа храброст да не се разочара – рече Шолц.

Што претставува европската политичка заедница

Од говорот на францускиот претседател можеа само да се насетат контурите на идната европска политичка заедница, но повеќе детали ќе бидат познати откако деновиве тој ќе ги заврши консултациите со своите европски партнери и ќе излезе со јасна скица како ја замислува реализацијата на овој план.
Самата идеја има сличности со она за што уште во 1989 година се залагаше поранешниот француски претседател Франсоа Митеран, кој ја отвори оваа дебата додека Советскиот Сојуз се распаѓаше, предлагајќи создавање европска конфедерација. Во тоа време предлогот на Митеран не беше прифатен, бидејќи во него беше вклучен и поранешниот Советски Сојуз, а многу од земјите што беа дел од поранешниот Варшавски пакт не ја сакаа Москва блиску до себе.
Во овој момент, од насоките што ги изнесе, може да се заклучи дека Макрон под европска политичка заедница подразбира Унија во која би се зачлениле земји како Украина, Молдавија, Грузија, но не е исклучено во неа да се најдат и Србија, Црна Гора, БиХ, Косово, Албанија и Македонија. Пристапот би бил по пониски критериуми за разлика од оние што се потребни за членство во ЕУ. Францускиот претседател остава можност во неа да влезат и земји што веќе ја напуштиле ЕУ, односно Велика Британија.
Со овие држави, ЕУ би остварувала политичка соработка, а би се соработувало и кога станува збор за „колективната безбедност“, што е чекор кон „европска безбедносна структура“, нешто за што веќе се залагаше Макрон кога заговараше европски безбедносни сили.
Досегашниот формат на соработка со европските земји што не се членки на ЕУ само преку европските интеграции ја блокираше во одредена мера енергетската, културната и друга соработка, така што сега, преку европската политичка заедница, ќе се овозможи овие земји да бидат поцврсто приврзани за ЕУ и во овие сфери.
Посебен акцент би се ставил и на енергетската соработка меѓу идните членки на европската политичка заедница, односно создавање заеднички енергетски систем што би бил поврзан со оној на ЕУ.
Во таа насока би биле и транспортните инвестиции во инфраструктурата, со што би се овозможил слободен проток на луѓе и стока меѓу ЕУ и ЕПЗ.
Засега ова е само мал дел од контурите на кои би се засновала идната европска политичка заедница, но дилемата дали таа е замена на досегашната фраза „европска перспектива“ ќе остане и натаму, сè додека оваа идеја на Макрон не биде одобрена и од другите европски партнери.
Домашните аналитичари се внимателни околу оваа идеја на Макрон, бидејќи таа не е сè уште целосно јасно објаснета, односно нејасно е каква ќе биде таа заедница, по кои критериуми ќе се влегува и дали е замена за членството во ЕУ, или, пак, адаптирање во европското предворје на подолг временски рок пред официјалното членство.

– Иако намерата е да се скрати времето на чекање пред вратите на Унијата, предлогот е тешко спроведлив за помалку од пет години, од причина што секое дополнување на ЕУ-договорите бара време на усогласување на земјите-членки и евентуално и некој референдум во некоја земја-членка на Унијата. Друг проблем е тоа што предлогот досега нема јасна обработка на целите и начините на основање на една таква политичка унија за соработка во областа на енергетиката, одбраната и друго. Не е јасно исто така дали со тоа на повидок е основање паралелна унија – вели Мухамед Халили, поранешен амбасадор и актуелен претседател на Здружението за надворешна и меѓународна политика на Советот на амбасадори.
Според директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, проектот на Макрон најверојатно би ги опфаќал земјите како Украина, Молдавија и Грузија, а не би се однесувал на земјите што преговараат и се кандидати за членство.
– Германскиот канцелар веќе потврди дека Западен Балкан треба да биде целосно интегриран во ЕУ, а имајќи предвид дека Франција не е единствениот мотор во Унијата, туку и Германија се прашува за реформите на ЕУ, можно е сценариото ние да останеме во процес на интеграција до полноправно членство, а не во овој втор круг на интеграции што го предлага Макрон. Тоа повеќе би важело за Украина, Молдавија и Грузија, како и други земји. Во секој случај, тоа ќе биде како сфера на влијание на ЕУ – вели Трошановски.
Тој смета дека Германија нема да дозволи Македонија да остане надвор од тој клуб на земји што би станале членки на Унијата.


Османи: Предлогот на Макрон не се однесува на Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за нова политичка организација на Европа е претставен по повод новите разговори на ЕУ со Украина, Молдавија и Грузија и нивата европска перспектива и не се однесува на Западен Балкан.
– Напротив, токму тоа и германскиот канцелар Олаф Шолц го коментираше, дека, да, тоа е добра идеја, но Западен Балкан мора да продолжи со процесот што веќе е започнат со преземената обврска со самитот во Загреб во 2000 година и во Солун 2002 година. Ние зборуваме за почеток на разговорите, а не за крајно членство. Претседателот Макрон зборува за процес за членство на државите, така што да не би ги ставал во една директна корелација овие две прашања… Се разбира, дебатата за иднината на ЕУ ќе продолжи и ние сме вклучени во таа дебата. Но ништо не треба да го измести внесувањето на земјите-кандидати за членство во процесот на континуирана адаптација на нивните општества – рече Османи.


ЕК засега воздржана

Европската комисија не го коментира предлогот на Емануел Макрон за европска политичка заедница додека тој не биде финализиран.
– Слушнавме вчера, но тој самиот рече дека ќе го презентира предлогот со повеќе детали пред неговите колеги во Европскиот совет, ќе чекаме да видиме што има на ум, но што се однесува до нас имаме европски процес на зачленување, кој е во тек со одреден број земји и ништо не се менува што се однесува до овие процеси – изјави Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија.
Тој додаде дека апликацијата на Украина пристигнала до службите во Комисијата и целта е до крајот на јуни оваа институција да објави мислење за кандидатскиот статус на Киев во ЕУ.


ЦИА ја предвиде поделбата на ЕУ

И американската разузнавачка агенција ЦИА, во својата проекција за светот до 2020 година, предвиде распад на ЕУ на три блока, а ако се земат предвид случувањата во изминатите пет години, овој план веќе се реализира.
Имено, според предвидувањата на ЦИА, редефинирањето на ЕУ ќе оди така што Западниот блок, или стара Европа би ја сочинувале Франција, Германија, Велика Британија, Австрија, Шпанија, Португалија, Италија, Шведска, Норвешка и Финска.
Нова Европа би ја сочинувале Литванија, Естонија, Летонија, земјите од Вишеградската група, Словенија и Хрватска. Овој блок би се наоѓал под германска економска и американска воена сфера.
Третиот блок би го сочинувала балканската конфедерација, во која би влегле православните земји, како Србија, Романија, Бугарија, Македонија и Грција. Кон овој блок би се приклучиле и БиХ, Косово и Албанија.
Многумина експерти сметаат дека ова предвидување треба да се сфати сериозно, бидејќи токму ЦИА кон средината на 80-тите години на минатиот век го предвиде и распадот на поранешната СФРЈ.
Слични предвидувања изнесува и американската невладина организација „Стратфор“, според која Европа би се распаднала на два дела, богатиот Запад и група на помали земји од Централна Европа, кои воено ќе се приклонат кон САД.


Бугарија дел од групата членки што се против измени на Договорот за ЕУ

Група од 13 земји-членки на Европска Унија не го поддржуваат предлогот за измена на Договорот за Европската Унија, што е еден од заклучоците на штотуку завршената конференција за иднината на Европа.
– Иако не исклучуваме ниту една опција во оваа фаза, не поддржуваме непромислени и предвремени обиди за иницирање процес за промена на Договорот. Тоа би повлекувало сериозен ризик од пренасочување на политичката енергија од важните задачи за наоѓање решенија на прашањата што нашите граѓани очекуваат да бидат одговорени и од геополитичките предизвици со кои се соочува Европа – се наведува во нон-пејперот на 13-те земји-членки на ЕУ.
Земјите потписнички (Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Литванија, Летонија, Малта, Полска, Романија, Словенија и Шведска) веруваат дека ЕУ може успешно да управува со кризите во рамките на сегашните договори, за што сведочат борбата против ковид-19 и одговорот на руската агресија врз Украина.