Во последните ставови на бугарското општество и апелите на интелектуалците за соочување и прифаќање на целосните историски вистини за улогата на нивната држава во Втората светска војна и односот спрема холокаустот на Евреите, во едно надежно оптимистичко сценарио и контекст би можело да се препознаат волја и потенцијал кај источниот сосед за внесување опипливи демократски елементи во реалполитиката, како и надеж за препознавање и за афирмирање на меѓународното право и нормите јус когенс и во политиките кон малцинствата. Сепак, и покрај ваквиот исчекор, оценет како „добар за бугарската држава и општество“, засега останува вкусот од досегашната акумулирана недоверба за тоа како таквата состојба би можела да се рефлектира во билатералните односи на Бугарија со Македонија и воопшто со регионот на Западен Балкан во контекст на заедничката европерспектива
Европскиот демократски потенцијал на Бугарија и нејзиното општествено соочување со него
Речиси секоја година, од 2003-та, како своевиден тест за демократскиот капацитет на Бугарија и потенцијалот да го имплементира во своето општество европскиот вредносен систем, претставува организирањето на неофашистичката парада наречена Луков марш. Вообичаено, овој марш се организираше во викендите од втората половина на февруари, во организација на крајно десничарската бугарска партија Национален сојуз – Нова демократија во чест на Христо Луков, бугарски генерал и воен министер за време на Втората светска војна, кој отворено ја поддржувал нацистичка Германија, односно профашистичката политика на Бугарија во тоа време. Луков го предводел екстремното десно крило на Сојузот на бугарските национални легии од 1930 до својата смрт на 13 февруари 1943 и бил воен министер од 1935 до 1938 година. Бугарското Кралство било сојузник на нацистичка Германија од 1941 до 1944 година.
И годинава маршот требаше да се одржи минатиот викенд, на 25 февруари, но добрата вест оттаму беше дека овој пат полицијата во главниот град на Бугарија, Софија, успешно интервенираше за да ја спречи годишната поворка во чест на бугарскиот фашистички водач од времето на Втората светска војна. За волја на вистината, градските власти во Софија долго време се обидуваа да го забранат маршот, но обично беа блокирани од судовите. Во 2021 година беше потврдена забраната, но маршот продолжи во 2022 година со факели низ центарот на градот.
Еврејските организации во Бугарија, но и меѓународните еврејски организации, со право секогаш реагирале дека маршот „е огромно понижување за земјата“. Светскиот еврејски конгрес и Американскиот еврејски комитет и годинава ја повикаа бугарската влада да го спречи маршот. По откажувањето на маршот, на 25 февруари годинава, овие еврејски организации испратија соопштение со порака дека „бугарската влада и бугарското граѓанско општество испратија недвосмислена порака дека антисемитизмот, расната омраза и сите други форми на ксенофобија и нетолеранција немаат место во современа Бугарија. Правејќи го тоа, тие поставија моќен пример, кој треба да се следи од други земји што се соочуваат со слични предизвици за кои нема место во современа Европа“.
Сепак, во соопштението на еврејските организации се нагласува и целата вистина за судбината на Евреите во Бугарија за времето на Втората светска војна, наспроти онаа на Евреите во териториите што ги окупираше бугарската власт, како сојузник на нацистичка Германија.
– Маршот е во спротивност со историјата на холокаустот на Бугарија, кога земјата беше една од ретките во Источна Европа што во голема мера ги заштити своите Евреи, спасувајќи ги сите 48.000 од депортација во нацистичките концентрациони логори. Меѓутоа, како сојузник на нацистичка Германија, Бугарија беше вклучена во оркестрирањето на холокаустот во регионите на соседна Грција и Југославија, што ги окупираше. Повеќе од 10.000 Евреи од тие региони беа испратени на смрт во Треблинка, акт поддржан од Унијата на бугарските национални легии на Луков – се наведува во соопштението на еврејските организации.
Гледано од аспект на фрагилната и ферментирачка политичка состојба на Бугарија во последниве две години, во кои не успева да состави стабилна политичка влада, во четири-пет изборни процеси, спречувањето на одржувањето на озлогласениот и контроверзен Луков марш во Софија може да се гледа како крупен исчекор во расчистувањето со крајната десница во политичкиот амбиент на земјата. Според познавачите на менталитетските матрици на дејствување на бугарската политичка сцена се претпоставува дека ваквиот исчекор со решителна реакција на случувања, кои рефлектираат крајно десничарски и нацистички идеологии, е резултат на силно влијание од ЕУ, каде што Бугарија е членка веќе 16 години. Неодржувањето или спречувањето на Луковиот марш треба да биде еден сигнал дека оваа членка на ЕУ можеби сфаќа дека ваквите манифестации на неофашизам и неонацизам се целосно спротивни на вредностите на Унијата, која е заснована токму на антифашизмот и намерата никогаш да не се повторат злосторствата од Втората светска војна, произлезени од идеологиите на фашизмот и нацизмот. Одредени европски аналитичари, познавачи на состојбите во регионот на Западен Балкан и неговото европско соседство, во спречувањето на Луковиот марш во Софија, препознаваат ист европски притисок за забраната на нацистичките маршеви и политичкото дејствување на Златна зора во Грција. Оние со повеќе доверба во демократскиот капацитет на бугарското општество ја застапуваат тезата дека почетокот на расчистувањето со екстремното десничарство произлегува од автохтоната свест дека таквите политички појави и сили влијаат ретроградно на целото општество и создаваат негативна претстава за Бугарија пред европските партнери во Брисел. Расчистувањето со екстремните идеологии во бугарската политика треба да биде исчекор кон реалните европски вредности.
Во прилог на довербата на европските демократски капацитети, односно прогресивни сили, кои се појавуваат како резултат на политичката ферментација на бугарското општество, се додава иницијативата на група бугарски научници, во пресрет на 80-годишнината од настаните наречени Спас на бугарските Евреи, кои повикуваат во „комеморацијата на настаните да се напушти каналот на стереотипни и митологизирачки мотиви, на постојаното наддавање во припишувањето на заслугите и на постојаното бегство од одговорноста, размислувањето и неизбришливата темна страна на она што се случи“. Научниците ја повикуваат „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност со нудење извинување за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на годините на Втората светска војна“.
– Со текот на времето, овој датум (10 март) стана тежок со пораки и молк. Зборовите на храброст, благородност и храброст коегзистираат со агресивно негирање на соучесништво во едно мрачно дело. Нашата држава никогаш не сакаше да најде јазик со кој ќе означи два неразделни и во исто време поларно спротивни историски факти: зачуваните животи на Евреите од предвоените територии на Бугарија и депортацијата во Треблинка (4–29 март 1943 г.) од оние од окупираните земји од април 1941 година. Сметаме дека официјалните ставови за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна систематски страдаат од историски банкрот и морален недостиг – пишуваат авторите на апелот.
Автори на документот се Румен Аврамов – економист и историчар, Александар Везенков – историчар и вонреден професор, Стефан Дечев – историчар, проф. Лилијана Дејанова – социолог, проф. Стилијан Јотов – филозоф. Нивниот повик веќе го поддржаа уште десетици научници, новинари, активисти за човекови права и јавни личности. Тие сметаат дека овој морален гест во никој случај не би воспоставил колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тие наведуваат дека тоа би било знак на зрелост и цивилизираност, заслужен подарок кон невините жртви и израз на почит кон оние што, всушност, придонеле за спасување многу човечки животи.
Во последните ставови на бугарското општество и апели на интелектуалците за соочување и прифаќање на целосните историски вистини за улогата на нивната држава во Втората светска војна и односот спрема Евреите во холокаустот спроведен врз нив, оптимистички би можело да се препознат волја и потенцијал за европеизирање на менталитетот на бугарската политика. Сепак, и покрај ваквиот исчекор, добар за бугарската држава и општество, останува сомнежот како тој би можел да се рефлектира во билатералните односи на Бугарија со Македонија и воопшто со регионот на Западен Балкан во контекст на заедничката европерспектива.
– Рано е да се зборува за некаков позитивен исчекор на Бугарија, поврзан со примената на европските вредности и стандарди, особено во однос на билатералните односи со Македонија. Бугарија (и не само Бугарија) е под постојан притисок од меѓународната заедница за реформирање на општеството според европските вредности и надминување на анахроните политики заедно со хроничните слабости на општеството, пред сѐ корупцијата и политичкиот криминал. Секогаш кога ни се чинело дека има позитивен исчекор на бугарската политика во билатералните односи со Македонија и европеизацијата на регионот сме се соочувале со предаторско однесување на бугарските политички елити. Сметам дека треба да се почека уште еден-два месеца за да видиме каде ќе тргне Бугарија во сопствената вредносна трансформација, но и во односот спрема Македонија. Треба да се почекаат и да се согледаат резултатите од нивните парламентарни избори, петти за две години и да се види дали ќе бидат последни избори од оваа серија, што ќе донесат (по)стабилна политичка влада. Сега сите влијанија и разумни совети од меѓународната заедница се чини дека во Бугарија удираат во глуви уши – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.