Кинескиот претседател со себе донесе триесетина договори, кои во Белград беа потпишани во атмосфера на цврсто пријателство, а пораката што се испрати од Белград е дека Србија е единствена земја во Европа што има стратегиски односи и сојуз со Кина
СИ ЏИНПИНГ ВО ДВОДНЕВНА ИСТОРИСКА ПОСЕТА НА БЕЛГРАД
Кина и Србија вчера во Белград потпишаа триесетина билатерални договори, но најголемата вест, која нема само билатерален одглас туку ќе се анализира длабински и во Европа, е што двете земји го зацврстуваат меѓусебното пријателство и влегуваат во фаза на стратегиско партнерство и сојуз. Вакви односи со Кина нема ниту една земја во Европа.
Си Џинпинг, претседателот на Народна Република Кина, допатува во дводневна официјална посета на Србија во вторникот вечерта откако во рамките на европската турнеја беше во посета на Франција. На белградскиот аеродром го пречека лично Александар Вучиќ, претседателот на Србија, и тоа токму на годишнината од бомбардирањето од страна на НАТО на неколку објекти во Белград во 1999 година, меѓу кои и кинеската амбасада, кога загинаа тројца новинари.
И ова е само уште еден детаљ од содржајната посета на Џинпинг на Белград, која деновиве длабински ќе се анализира. Првото прашање е зошто Џинпинг по цели пет години пауза доаѓа на европска турнеја и одбра да се сретне во Париз со Макрон, а не отиде, на пример, во Германија? Аналитичарите велат дека во моментов во Германија има политички конфликти и нема лидер со кого може сериозно да се разговара. Затоа, пак, е многу појасно зошто ги посетува Србија и Унгарија – тоа се земји што развиваат цврста соработка со Кина и имаат јасен став и поддршка за политиката „една Кина“, но и Виктор Орбан и Вучиќ гледаат позитивно и со надеж на кинескиот мегапроект „Појас и пат“.
НЕСОМНЕНО СИЛНА ЗАЕМНА ПОЛИТИЧКА ДОВЕРБА
Претседателите на Кина и на Србија вчера потпишаа „заедничка изјава на двете држави за продлабочување и подигање на сеопфатното стратегиско партнерство и градење на заедницата на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера“, јавија српски и регионални медиуми.
Џинпинг изјави дека во разговорите со Вучиќ е постигнат значаен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина.
– Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратегиски партнер на Кина во Централна и Источна Европа. Денеска Србија станува првата европска земја каде што ќе изградиме заедница со заедничка иднина – рече Џинпинг во говорот по размената на потпишаните меѓудржавни договори во палатата „Србија“.
Тој посочи дека, како вистински пријатели и добри партнери, Кина и Србија уживаат политичка доверба, која е силна како карпа.
– Нашата практична соработка е подобрена, координацијата е блиска кога се во прашање меѓународните прашања и го имаме тоа челично пријателство, кое само станува сѐ посилно и посилно – нагласи Си.
ДАЛИ БЛОКАДАТА НА КОСОВО Е ДЕЛ ОД СТРАТЕГИСКАТА СОРАБОТКА?
Кинескиот претседател истакна дека со српските домаќини договорил стратегиски посебни односи, кои, како што рече, се на исклучително високо ниво. Тоа што аналитичарите сега ќе го бараат како одговор е каква заедница во Европа создаваат Кина и Србија и дали скованото стратегиско партнерство го има првиот политички резултат со блокадата на Косово за прием во Советот на Европа. Иако ова прашање уште не е докрај јасно, сепак информациите велат дека токму Франција (Макрон) побарала одложување на прашањето за прием на Косово во Советот на Европа, и тоа по суптилна дипломатска порака од Пекинг.
– Се договоривме да ја прошириме стратегиската комуникација, да ја водиме оваа заедница со заедничка иднина во новата ера. Двете страни цврсто ги поддржуваат заедничките интереси и навистина имаме силни политички односи, кои придонесуваат за оваа заедница – рече Си Џинпинг.
Ова е втора посета на кинескиот претседател на Србија во последните осум години, што секако е комплимент за српското раководство што успеало дипломатски да се избори за таква позиција. Си Џинпинг во моментов е меѓу тројцата најсилни светски лидери и јасно е дека неговиот збор има тежина и сакале да го признаеме тоа или не, мора да го почитуваме.
Претседателот Вучиќ изјави дека никој нема да може да го раздвои челичното пријателство меѓу Кина и Србија и му се заблагодари на кинескиот претседател што земјата секогаш стоела покрај Србија кога и да била во неволја.
– Кина никогаш не ја сврте главата од Србија, таа беше со нас и пред 25 години. Ни ги отворивте прозорците на надежта. Ви благодариме бескрајно, секогаш сте добредојдени во вашиот втор дом – рече Вучиќ.
Трговска соработка без царини
Како многу важни договори во билатералните односи се сметаат тие за слободна трговија, а во Белград, Кина и Србија потпишаа таков. Вучиќ објасни дека договорот ѝ гарантира на Србија дека пласманот на земјоделски производи на кинескиот пазар ќе значи спас за српските земјоделци. Инаку, меѓусебната трговска размена изнесува над шест милијарди, но притоа е апсолутно асиметрична во корист на Кина од една спрема пет.
– Договорот за слободна трговија со НР Кина е нешто што ни гарантира пласман на нашите стоки и услуги. А во следните пет-десет години речиси 95 отсто од производите што ги произведуваме во нашата земја ќе можеме да ги извеземе без никакви царини, без никакви давачки – рече Вучиќ на заедничка прес-конференција.
Имајќи предвид дека денес кинеските царини се меѓу 38 и 62 отсто за стоки од Европа, Вучиќ посочува дека е јасно каква и колкава предност ќе имаат српските стоки на таков огромен, важен и сѐ побогат пазар кога ќе се отстранат царините.
Кина не само што ќе учествува на „Експо 2027“ туку и со своето искуство и знаење ќе ѝ помогне на Србија да го организира и да се претстави во најдобро светло. Вучиќ информира дека Србија купила пет воза од Кина и уште девет за локалните железници, но дека намерата е возовите да се произведуваат во Србија. Притоа тој најави дека до крајот на годината ќе заврши и сонуваниот проект за брзата железница од Белград до Будимпешта.
Во Париз договор само за коњакот и испратена порака до Америка
Влијателниот американски медиум „Њујорк тајмс“ ја коментираше темата за дводневната посета на кинескиот лидер Си Џинпинг на Франција. Една од најважните теми на посетата на лидерот на една од најмоќните земји во светот на Париз беше поврзана со украинската војна. Во него, домаќинот, францускиот претседател Емануел Макрон, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, наводно, се обиделе да извршат притисок врз Си Џинпинг да го искористи своето влијание врз рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на војната во Украина.
Кинескиот лидер силно ги отфрли сите критики што Западот ги упатува кон Пекинг поради неговите блиски односи со Москва и нагласи дека Кина не е страна во тој конфликт. Тој рече: „Ние сме против користење на кризата за да се обвини трета земја за да го наруши нејзиниот углед и да предизвика нова студена војна“.
Се чини дека жестоките забелешки биле насочени главно кон САД, кои веруваат дека Кина, покрај масовните купувања руска нафта и гас, продолжува да ѝ помага на Москва во оружениот конфликт во Украина, со обезбедување руски војници со сателитски снимки, како и делови и микрочипови за борбени авиони и друга опрема за двојна намена.
Единственото нешто за што Макрон и Си успеаја да се договорат е да обезбедат продолжување на извозот на француски коњак во Кина, за што Макрон на својот гостин му подари неколку шишиња од познатиот пијалак. Тие упатија и заеднички повик за „олимписко примирје“ – пауза во сите борби во какви било конфликти низ светот за времетраењето на Олимписките игри во Париз, од 26 јули до 11 август.
Останаа, сепак, низа прашања поврзани со меѓусебната трговија меѓу Кина и Франција, односно Кина и ЕУ, како што се оние поврзани со субвенциите на Пекинг за кинеските компании и конкуренцијата на пазарот, планираните европски санкции за кинеските електрични автомобили, ограничувањето на европските извоз на високотехнолошки компоненти во Кина.