Фото: ЕПА

Став

Ерата по завршувањето на Студената војна донесе големи промени во меѓународните односи. Две децении подоцна, со воспоставувањето на проектите за иницијативата „Појас и пат“ и механизмите за соработка со земјите од Централна и Источна Европа, Кина енергично се придвижи кон воспоставување односи со европските земји членки или не на ЕУ и, несомнено, постигна многу. Во тој контекст, европскиот пазар отсекогаш бил во центарот на интересот на Народна Република Кина кога станува збор за инвестиции. Соработката главно е ограничена на билатерални односи со неколку земји од Западна Европа, додека остатокот од континентот бил и сѐ уште, од различни причини, е запоставен.
По формирањето на Европската економска заедница (подоцна Европска Унија), тој однос доби нова, наднационална димензија во која европските земји, заедно со Брисел, ги развиваа односите со Пекинг. Тој однос имал подеми и падови во текот на децениите, но секогаш бил релативно стабилен благодарение на заедничките интереси. Од една страна Кина го гледа европскиот пазар како клучен за својата економска експанзија, додека од друга страна Европската Унија ја гледа Кина како важен трговски партнер и извор на инвестиции. Покрај тоа, постојат заеднички интереси во областа на технологијата, инфраструктурата и енергетиката, кои дополнително ги зајакнуваат економските врски меѓу двете страни. Неодамнешната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Франција, Унгарија и на Србија покажа дека, покрај војната во Украина, главниот фокус на разговорите бил насочен кон трговските прашања.
Евидентно е дека во последните години кинеските инвестиции се проширија и кон Источна и кон Јужна Европа преку иницијативи како „16+1“, вклучувајќи ги земјите од Централна и Источна Европа. Оваа иницијатива е дел од поголемата стратегија на Кина, позната како „Појас и пат“, која има цел да создаде глобална инфраструктурна мрежа за олеснување на трговијата и поврзаноста. И покрај различните политички системи и повремени тензии, особено во однос на човековите права и геополитичките прашања, трговијата и економските врски остануваат главните двигатели на односите меѓу Европската Унија и Кина. Сепак, во последно време, Европската Унија презема построги мерки за заштита на своите стратегиски сектори од прекумерни странски инвестиции, вклучувајќи ги и кинеските, што укажува на нова фаза на внимателност и стратегиско планирање во нивните односи.
Во денешно време, ЕУ е најголемиот трговски партнер за Кина. Кина е, за ЕУ, вториот по големина извозен пазар и главен извор на увоз. Кина покажа значителна екстровертност, инвестирајќи во Европа за да ја оствари својата најдобра можна врска и генерално обидувајќи се да ја исполни меѓународната конкуренција со производство на квалитетни и иновативни производи. И покрај тешкотиите што произлегуваат од културните разлики, неверојатно е колку систематски Кина организира и презема дипломатски активности за да постигне соработка во областите што сака да ги промовира. Од 2013 година Кина брзо прерасна во глобален актер што влијае на меѓународната трговија, се натпреварува со САД во истражувањето и технологијата, ја потврдува својата моќ во странство и има потенцијал да доминира на копно, во вселената и во сајбер-просторот. Подемот на Кина ги вознемири Соединетите Американски Држави, кои сметаат дека нивното светско лидерство е загрозено од земја со сосема поинаков систем на владеење. И покрај тоа, ЕУ не го делеше непријателскиот став на САД за потеклото и ширењето на пандемијата на ковид-19 и продолжи да склучува договори од големо значење, отворајќи го патот за Стратегиската агенда за соработка 2025. Во тој контекст, на 9 јули 2020 година е потпишан важен договор за заштита на 100 европски географски ознаки во Кина и 100 кинески географски ознаки во Европската Унија, против узурпација и имитација. Кина денес е стратегиски партнер на ЕУ во борбата против климатските промени и во глобалната транзиција кон обновливи извори на енергија. Кина е дел од Парискиот договор од 2016 година, иако моментално е најголемиот светски производител на стакленички гасови и јаглерод диоксид (речиси 30 отсто од глобалните емисии). Затоа, се очекува од кинеската влада намалување на емисиите пред 2030 година и „јаглеродна неутралност“ до 2060 година.

Пандемијата на ковид-19 и украинската војна како два геополитички менувачи на играта ги менуваат светскиот геополитички контекст и поредок. Тие предизвикуваат трансформација и во регионот на Западен Балкан, промена на регионалната динамика, не само од геополитичките актери заинтересирани за стабилни и сигурни држави на периферијата на сојузите на ЕУ и НАТО туку и од геополитичките актери што сакаат да воспостават нова сфера на интереси. Геополитичката позиција на Западен Балкан отсекогаш вклучувала различни влијанија и активности од повеќе актери. На пример, променливиот геополитички контекст, особено за време на пандемијата на ковид-19, ја подигна улогата на Кина во регионот, особено во смисла на снабдување со медицинска опрема и дистрибуција на вакцини во околности кога механизмите за поддршка на ЕУ првично беа недоволни.
Западен Балкан, во актуелниот момент, со целата своја политичка и економска (не)конзистентност, има различни ставови кон Народна Република Кина. Во случајот на Македонија, која неодамна стана 30-та земја членка на НАТО и го придвижи сложениот процес на европска интеграција, односите првенствено се детерминирани од глобалните позиции на нејзините стратегиски партнери, САД и Европската Унија, како и стратегиската ориентација на НАТО и перцепција за Кина. Но, како што покажа здравствената криза, ова не треба да ја оневозможи соработката на двете земји. Поточно, во 2021 година кинескиот министер за одбрана ја посети Македонија како дел од европската турнеја во која беа вклучени Грција, Србија и Унгарија.
Сепак, ефектите од односите ЕУ-Кина и САД-Кина врз односите на државите од Западен Балкан со Кина се повеќеслојни. Прогресивната геополитичка транзиција од Запад кон Исток (констатации на Бжежински, Кисинџер, Каплан, Неј, Мершајмер, Гилпин и др.) ја прави Кина многу поатрактивна и долгорочен доверлив партнер за помалите земји, особено на економски план. Зголемената економска соработка меѓу ЕУ и Кина ги прошири нивото на кинески инвестиции, заеми и општата економска активност на европскиот континент како целина. Земјите од Западен Балкан имаат можност да ги искористат оваа промена и зголеменото кинеско проширување на влијанието и врските со европските земји за зајакнување на нивните односи со Кина преку билатерални ангажмани и иницијативи во мултилатерални рамки како што се иницијативата „Појас и пат“ и механизмот за соработка Кина-Централна и Источна Европа. Односите меѓу САД и Кина главно се карактеризираат со конкуренција во азиско-пацифичкиот регион, но ривалството има свои модели реплицирани и во други региони, како што е Западен Балкан, исто така. Ова, исто така, создава можност за државите од Западен Балкан, секоја ограничена од сопствената геополитичка положба, националните интереси и членството во меѓународни организации и сојузи, да се обидат да ги максимизираат придобивките за себе на полиња каде што нивните интереси се усогласуваат со интересите на големите сили.

Во однос на Кина, двата геополитички менувачи на играта, пандемијата на кови-19 и војната во Украина ги истакнаа различните закани што произлегуваат од други сектори покрај безбедносниот, на пример, здравствениот или енергетскиот сектор. Подемот на новите хибридни закани исто така ја нагласува потребата од соработка и подготвеност за адекватен одговор на нив во иднина. Конкретно, во областа на здравството, соработката меѓу Македонија и Кина има своја генеза. Добар показател за тоа е отворањето на центарот за кинеска традиционална медицина во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За време на пандемијата на ковид-19 започна масовна вакцинација на населението со кинески вакцини. Тоа беше силна потврда и признание за глобалниот ангажман на Кина во справувањето со ширењето на вирусот.
Во областа на енергетиката, Македонија не ги користи можностите за поблиска соработка со Кина. И покрај намалувањето на трговскиот дефицит меѓу двете земји и прокламираната желба на претходните влади, евидентно е дека нема политичка волја за интензивно проактивна политика на ова поле. Поради географската дистанца, очигледно е дека помошта на Кина може да се воспостави најмногу во делот на нудење решенија за реализација на концептот на енергетска диверзификација, со посебен акцент на ефикасно користење на обновливите извори на енергија. Овој дискурс преовладува и во односот ЕУ-Кина, што значи не е штетен за државите од регионот на Западен Балкан и треба да се искористи, доколку е можно, во процесот на постигнување на потребните стандарди за членство во ЕУ. За да се постигнат тие заложби, во услови на променета светска геополитичка динамика и трендови, неопходно е да се најде вистинска формула за позиционирање на малите држави во мултиполарниот компетитивен светски поредок, кој полека но сигурно доаѓа.

Автор: проф. Тони Милески