Како една досегашна бугарска функционерка, која извршувала највисоки функции во бугарската влада и ништо не направила за почитување на основните права на македонското малцинство во Бугарија, сега, ако беше избрана, ќе ги заштитуваше човековите и малцинските права и ќе се среќаваше со нивните претставници како „неутрален“ комесар за човекови права? Тука најверојатно потфрли и Комитетот на министрите на Советот на Европа, кој со години меко реагира на непочитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија
Парламентарното собрание на Советот на Европа не успеа во првиот круг да го избере новиот комесар за човекови права
Во трката за избор на комесар за човекови права, која е независна и непристрасна институција, создадена во 1999 година од страна на Советот на Европа за да ги промовира свеста и почитувањето на човековите права во 46-те земји членки на Советот на Европа, остануваат тројцата кандидати, меѓу кои и Бугарката Меглена Кунева.
Ниту еден од тројцата кандидати – предложени, поддржани и заверени од Комитетот на министрите на Советот на Европа – не доби апсолутно мнозинство гласови во првиот круг од изборот на комесарот за човекови права на Советот на Европа. Така, при првиот круг на тајното гласање, Меглена Кунева (Бугарија) доби 78 гласа, односно три повеќе од Манфред Новак (Австрија) – 75 гласа, а фаворитот Мајкл О’Флаерти (Ирска) – 97 гласа.
Можеме да се запрашаме како гласаа парламентарците, бидејќи Кунева, колку и да се нејзините лични способности и кариера исполнети, е кандидат од земја што од самиот Совет на Европа, па и од Европскиот парламент беше на повеќепати посочена дека има проблеми со владеењето на правото и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Конечниот резултат требаше да биде објавен вчера (24.1.2024), околу 20 часот, откако печатеното издание на весникот веќе е затворено. Парламентарците од 46-те земји членки на Советот на Европа во вториот круг гласаат кој од нив тројцата ќе ја извршува функцијата комесар за човекови права, започнувајќи од 1 април 2024, на местото на Дуња Мијатовиќ. Комесарот се избира од списокот од тројца кандидати претставени од владите. За време на овој втор круг, кој се одржа со тајно гласање од 14.30 до 18 часот, на 24.1.2024, по средноевропско време, потребно е само просто мнозинство. Ако се следи логиката на првиот круг, Ирецот Мајкл О’Флаерти, кој доби 97 гласа при првиот круг, ја има најголемата шанса да ја замени Мијатовиќ.
Комесарот за човекови права е независна и непристрасна институција, создадена во 1999 година од страна на Советот на Европа за да ги промовира свеста и почитувањето на човековите права во 46-те земји членки на Советот на Европа. Неговиот мандат е шест години и не може да се обновува.
Можеме само да се запрашаме како Меглена Кунева, бугарскиот кандидат за комесар за човекови права на Советот на Европа, се најде во финалната трка за комесар. Бугарското МНР во лобирањето за неа нагласува „дека Бугарија приоритетно внимание посветувала на прашањата за човековите права во меѓународните односи“. Тоа ја истакнува и улогата на комесарот за човекови права на Советот на Европа во одржувањето на високите стандарди на оваа меѓународна организација и обезбедувањето нејзино ефективно работење. Софија во прв план ги стави и „непобитните лични квалитети и исклучително богатото професионално искуство на Кунева“, нагласувајќи го уверувањето на владата дека таа може значително да придонесе во одбраната на човековите права во Европа. Бугарија за првпат номинира свој кандидат за челната позиција во Советот на Европа, објаснуваат од бугарското МНР.
– Убедени сме дека личните и професионалните вештини на г-ѓа Меглена Кунева, како и нејзиниот морален интегритет, ќе бидат драгоцено богатство за Советот на Европа. Доколку биде избрана на функцијата комесар за човекови права на Советот на Европа, г-ѓа Кунева многу ќе придонесе за нашите заеднички напори за спроведување на амбициозната агенда за заштита и унапредување на човековите права што ја усвоивме на највисоко ниво на самитот во Рејкјавик – се велии во писмото на бугарската влада за кандидатурата на Кунева.
И ако не ги познававме Бугарија и нејзиниот однос кон пресудите на Европскиот суд за човекови права немаше што да кажеме за нејзината кандидатура.
Бугарија со години по приемот во ЕУ е предмет на технички мониторинг во ЕУ, но и во ПССЕ каде што се води постмониторинг-дијалог за нејзините обврски преземени со членството во Советот на Европа.
ПССЕ и Комитетот на министрите на Советот на Европа на повеќепати ја критикуваа Бугарија за барањата за регистрација на здруженијата на македонското малцинство.
Затоа уште еднаш можеме да се запрашаме, како една досегашна бугарска функционерка, која извршувала највисоки функции во бугарската влада и ништо не направила за почитување на основните права на македонското малцинство во Бугарија, сега, ако е избрана, ќе ги заштитува нивните права и ќе се среќава со нив како „неутрален“ комесар за човекови права. Тука најверојатно потфрли и Комитетот на министрите на Советот на Европа, кој со години меко реагира на непочитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија.
Актуелната комесарка за човекови права на СЕ, Дуња Мијатовиќ, пред ПССЕ го претстави својот последен годишен извештај, во кој меѓу другото е наведено дека таа имала средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, на маргините на Бледскиот стратегиски форум. Тие разговарале за состојбата на бегалците и мигрантите во Европа и човековите права на луѓето што припаѓаат на бугарското малцинство во Македонија. Но не кажува дали разговарале и за почитувањето на правата на непризнаеното македонско малцинство во Бугарија и серијата неизвршени пресуди од ЕСЧП од страна на Софија во полза на Македонците. Таа имала средба и со Атанас Пеканов, вицепремиер на Бугарија одговорен за управување со европските фондови.
Комесарката Дуња Мијатовиќ се сретнала и со претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, но не се кажува ништо дали тие разговарале за почитувањето, односно непочитувањето на правата на македонското малцинство во соседните земји. Сепак треба да имаме на ум дека нашата земја со повеќекратните уставни измени самата се откажа од заштитата на македонското малцинство во соседните земји, додека соседните земји силно се залагаат за нивната заштита во границите на нашата држава и во соседните држави, не двоумејќи се да користат и уцени за нивниот европски пат.
Бугарија и во случајот со Кунева покажа дека има добра и стара дипломатија, силно етаблирана на европската и светската сцена, која конечно успеа по членството во ЕУ повторно да го проблематизира таканареченото „македонско прашање“, оспорувајќи ги јазикот, идентитетот и културата на Македонците. Како такви денес не ги признава на својата територија, иако пресудите на ЕСЧП го тврдат спротивното, но бара признавање бугарско малцинство во Македонија и негово внесување во Уставот како услов за отворање преговори за пристапување во ЕУ. Додека регистрација на македонско здружение во Бугарија е „противуставно“ и „претставува поткопување на единството на нацијата“. Таа дури и тврди дека новото бугарско малцинство во Македонија е обесправено, што не се споменуваше во ниту еден извештај посветен за почитувањата на човековите права и правата на малцинствата во Република Македонија, сѐ до последниот извештај на ЕКРИ во 2023 година. Бугарија успеа преку резолуција во ЕП за првпат во 2017 година и на Албанија да ѝ наметне постоење на бугарско малцинство. Во македонските медиуми, како во „Нова Македонија“, неодамна се зборуваше и пишуваше за обидите за асимилација на Македонците од Албанија во Бугари.
Македонија треба да го искористи своето членство во Советот на Европа за да го зголеми своето влијание, како на пример преку парламентарната делегација, Комитетот на министрите и сите други органи на најстарата паневропска организација во која сме полноправни членови, барем принципиелно да ги брани правата на малцинствата, па и на македонското во соседните земји, кога другите го бараат истото тоа од нас.
Тони Гламчевски,специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур