Забраната за државно рекламирање на приватните електронски медиуми, која власта (коалицијата СДСМ/ДУИ) со закон ја забрани во 2018 година, е – укината. Имено, изминатава работна недела, измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа усвоени на собраниска седница. Тоа значи дека македонскиот парламент усвои законски измени со кои веќе може „со буџетски пари да се финансираат рекламни кампањи со различни содржини, кои ќе бидат емитувани во електронски медиуми (телевизии, радија, интернет-портали) што се во приватна сопственост“!.
За централната и за општинските власти повеќе нема правни пречки и може да се рекламираат во приватните радиодифузери
На крајот на образложението на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше наведено дека се брише членот 102 во кој беше наведено „државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери“ и со тоа за централната и за општинските власти повеќе нема правни пречки и може да се рекламираат во приватните радиодифузери. За споменатите реклами, определен е износот, „0,1 отсто од државниот буџет од даночните приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на буџетот“, а тоа според апроксимативни пресметки за 2022 година, во апсолутна бројка изнесува нешто повеќе од два милиони евра, со напомена дека, ако се поголеми даночните приходи, тоа ќе значи дека таа цифра би била уште повисока.
Измените на законот предвидуваат Владата во текот на една година да
спроведе најмалку една државна кампања
Законска надлежност за тоа како ќе се распределуваат буџетските средства за телевизијата, радијата и порталите ќе има Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Начелно, од предвидените средства, 40 отсто ќе можат да ги користат националните телевизии, 40 отсто кабелските и сателитски телевизии, 15 отсто регионалните и локални телевизии, и 5 отсто радијата. Најважен критериум на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), според кој ќе се делат средствата, ќе биде „висината на платените даноци, придонесите и други јавни давачки за претходната календарска година“. Друг важен критериум ќе биде и бројот на вработени во приватниот медиум.
За издвојување е дека и на локалната власт ѝ се дава можност преку приватните електронски медиуми да рекламира свои кампањи. Така, општините ќе може да се рекламираат во текот на една календарска година најмногу во четири јавни кампањи, а за тоа ќе одлучува комисија составена од членови на општинските совети. Парите за кампањите на општините ќе треба да бидат обезбедени од општинскиот буџет.
Новинарските здруженија и фелата против измените на Законот за аудио и
аудиовизуелни медиумски услуги
На усвоените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се противат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институтот за комуникациски студии (ИКС), Центарот за развој на медиумите (ЦРМ), од каде што уште пред неколку дена, преку соопштение, рекоа дека остро се спротивставуваат на укинувањето на забраната за државни реклами.
Тоа, според нив, ќе значи партиско влијание и зависност на медиумите, односно, враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото.
– Посебни проблеми во ова несреќно законско решение на кои укажуваме се и нарушување на медиумскиот пазар и на евроинтегративните процеси, игнорирани критики од експерти и меѓународни организации и противуставност на предложените измени – се вели во соопштението.
Оттаму сметаат дека е крајно време да се формира фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање, кое служи како алатка за политички влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности, како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници.
Новинарските здруженија исто така бараат од претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот со кој овој закон практично би стапил во сила. Д.Т.З.