До крајот на летото и почетокот на есента нѐ очекува топло и сушно време, со зголемени натпросечни температури за овој дел од годината, но и намалено ниво на врнежи. Доколку се остварат предвидувањата за топло време и недостиг од дожд во есенскиот период, но и во зимскиот, можеме да се соочиме и со земјоделска и хидролошка суша, што може да влијае врз производството на земјоделските култури и врз расположливите резерви на вода
Топлотниот бран продолжува да им создава проблеми на жителите на Европа, при што во некои земји како резултат на големите горештини се регистрирани и зголемен број човечки жртви. Енормните горештини ја зголемија и потрошувачката на енергија заради потребата од разладување, поради што некои европски држави донесоа и законски уредби со кои се ограничува потрошувачката на енергија во функција на штедење на расположивите ресурси, кои сѐ помалку ги има. Но какви се временската прогноза и очекувањата до крајот на летото и почетокот на есента?
Познатиот хрватски метеоролог Зоран Вакула нагласува дека, според долгорочните прогнози, најверојатно, ќе се соочиме со недостиг од врнежи од дожд и во првите месеци на есента. Според него, постои умерена, но и голема веројатност за потопли месеци од просечните. Досегашните прогнози за зимата покажуваат потопла температура на воздухот, што може да ги ублажи економските трошоци за греење. Меѓутоа, прогнозите за есента и зимата треба да се земат со воздржаност бидејќи ќе бидат потребни дополнителни анализи и прогнози. Доколку се остварат предвидувањата за топло време и недостиг од дожд во есенскиот период, но и во зимскиот, можеме да се соочиме со земјоделска и хидролошка суша, што може да влијае врз производството на земјоделските култури, но и врз расположливите резерви на вода.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и во Македонија следниот период нѐ очекува топло време со пораст на дневните температури. Од недела во попладневните и вечерните часови ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. В недела ќе дува засилен североисточен ветер што ќе предизвика пад на температурата од два до четири степени.
Но и покрај овие податоци, хрватскиот метеоролог Зоран Вакула очекува август да се карактеризира со топло и сончево време. Според него, топлото време може да биде одлика и на есента, но и во зимата. Тој вели дека во август се очекува мошне голема веројатност за натпросечна висока температура на воздухот, а првата недела на август да биде најтопла.
Инаку, во согласност со податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), се предвидува дека врнежите во Југоисточна Европа ќе бидат под просечните. Податоците покажуваат дека во август ќе има најголемо отстапување на врнежите за оваа сезона, а во планинските делови се очекува надминување на просечните врнежи поради засилената конвекција и појава на обилни врнежи. Според податоците на УХМР, се очекува август да се одликува со сушно и топло време, како и со негативни отстапувања од вредностите на температурата. Просечното количество на врнежи во Скопје, во периодот 1981-2010 година за месеците јуни, јули и август, изнесувало 44,0 мм, 37,6 мм и 34,4 мм, а оваа година во август се очекува да биде под овој просек.
Во периодот 1981-2010 година, температурите на воздухот во летната сезона се движеле од 16 степени Целзиусови во планинските предели до 25,3 степени Целзиусови измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23,9 милиметри измерени на метеоролошката станица во Штип и до 96,7 мм во Маврово. Се прогнозира дека овој просек, можеби, ќе биде надминат во август.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, предвидувањата за климатските изгледи за летово се базираат на динамички модели, статистички модели и телеконекции на климатски карактеристики од поголеми размери.
Во втората половина на август се очекува зголемена веројатност за понестабилни и помалку топли денови, при што се очекува температурата на воздухот да биде претежно околу просекот. Но се очекува значително отстапување од повеќегодишните просечни вредности. Експертите нагласуваат дека прогнозите за втората половина на август не се толку веродостојни како оние што се однесуваат за првата недела на август и се можни промени. Сепак, прогнозите се дека ќе се соочиме со можноста за недостиг од врнежи од дожд.
Според едно истражување, достапноста на водата во Македонија може да се намали за 18 проценти во следните декади, а недостигот од вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. До крајот на векот се очекува и Вардар да се намали за 20 проценти, а и нивото на подземните води во сливот на реката. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголеми промени и се проценува дека ќе загуби четвртина од водата до 2100 година.
Сушата бележи растечки тренд во светот поради глобалното затоплување и намалувањето на водните ресурси, покажуваат извештаите на меѓународните организации. Од 2000 година, зачестеноста на траењето на сушните периоди пораснала за 29 отсто, посочуваат од Светската метеоролошка организација (ВМО). Д.Ст.