ЧЕСТИТКИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ, НО И ОД ГРАЃАНИТЕ

Почитувани граѓанки и граѓани на слободна и независна Република Северна Македонија, го дочекуваме овој голем државен празник обединети во едно заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план. Интеграциите се битката на нашата генерација. И затоа повикувам обединети во слободата да ги продолжиме перспективите. Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми и сите други, на историскиот референдум на 8 септември 1991 година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава. Генерациите од тие 1990-ти години мудро ја извлекле поуката од илинденците и асномците, кои се обединиле во борбата – за слободата и државноста. Се поставиле на висина на својата задача и се обединиле во остварување на независноста, без да ја доведат во прашање веќе извојуваната слобода. Ова е пример што покажува колку е важно заедништвото и што значи да се има мудро, храбро и прогресивно политичко лидерство, посветено на напредокот на граѓаните и на државата. Денес, исправени пред последиците од пандемијата и војната во Украина, со кои се соочува целиот свет, а тоа се безбедноста и достапноста до храна и енергија, можеме да констатираме дека ние, три значајни чекори направивме навреме. Станавме дел од НАТО и ја осигуривме државата во најголемиот безбедносен сојуз, каде што земјите-членки солидарно се штитат меѓу себе. Ги започнавме преговорите со Европската Унија гордо и со крената глава, за на истата маса, одвнатре, да ги браниме јасно и гласно и понатаму нашите позиции. Ја основавме, заедно со Србија и со Албанија, иницијативата Отворен Балкан, преку која осигуривме сериозно подобрување на регионалната соработка, но и развој на нашите економии, со шанси за нови придобивки за граѓаните и компаниите. Обединувањето на граѓаните е гаранција за домашниот мир. Добрососедските односи се гаранција за регионалниот мир. А нашето обединување меѓу 27-те членки на Европската Унија е реална и неопходна перспектива за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, според европските принципи и вредности – рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во честитката по повод Денот на независноста.
Премиерот рече дека е во план почнатите преговори со Европска Унија да се завршат многу брзо.
– Работиме напорно и со брза динамика граѓаните на Република Северна Македонија да бидат што поскоро дел од европското семејство. На овој 8 Септември, повикувам сите заедно, обединети во слободата, да се обединиме и околу идејата за Република Северна Македонија што брзо чекори по европскиот пат. Да се издигнеме на висината на должноста, за да ја добиеме нашата генерациска битка – рече Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод 8 Септември, на свечена церемонија ги одликува македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски со високото државно признание Орден 8 Септември.

– На 8 септември 1991 година, користејќи го сувереното право на самоопределување, прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите. Крајот на Студената војна го означи почетокот на тој голем натпревар, во кој многу држави од Централна, Источна и Југоисточна Европа работеа напорно за да изградат стабилни и функционални демократски институции и да се интегрираат во светот. Но иако почнавме од иста стартна позиција и игравме според правилата, во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото. На овој тежок пат постигнувавме и успеси, но приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес, сам по себе, не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес, за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние што не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели – рече, меѓу другото, Пендаровски.
Христијан Мицкоски, лично и од името на ВМРО-ДПМНЕ, го честита Денот на независноста, 8 Септември.

– На овој ден, народот во огромно мнозинство одлучи дека сака да живее во своја независна, слободна и суверена држава. Пред 31 година народот имаше ентузијазам, енергија и надеж. По 31 година и поминати голем број премрежиња, предизвици, падови, одново се наоѓаме пред крстопат и нови предизвици. Овој пат со многу помала надеж и ентузијазам поради лошото искуство низ годините. Имаме земја заглавена во исполнување на стратегиските цели, децениско чекање за промени, отсуство на реформи, лош стандард, висок степен на корупција и уште поголема сиромаштија. Граѓаните ги делат истите страдања, истите маки. Македонецот знае да ја препознае тежината на времињата и да го избере патот што е правичен, сигурен и носи просперитет и иднина. Сега повеќе од кога било се потенцирани предизвиците во форма на негација на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура. На Македонија ѝ треба нов 8 Септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина и зачуван идентитет. Како што на 8 септември победи мислата за независна, суверена и самостојна Македонија, така и на претстојниот референдум ќе победи Македонија. Овој референдум ќе ја зацврсти Македонија и сите ние заедно ќе докажеме дека сме достојни на нашите предци и способни да им ја оставиме државата просперитетна на нашите деца. Затоа е многу важно сите, без разлика на националноста, религијата и политичката партија, да се обединиме исто како на 8 септември 1991 година. Јас сум цврсто уверен дека македонскиот народ, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други, има и сила и мудрост да го помине и ова премреже пред кое се наоѓаме – рече Мицкоски. Н.М.