Фото: Игор Бансколиев

Армијата на Македонија денеска одбележува 30 години од своето формирање. По тој повод разговаравме со првиот началник на Генералштабот на АРМ, Арсовски, кој раскажува со кои предизвици се соочила македонската армија при нејзиното создавање пред 30 години. Тој носталгично се потсетува на едни времиња полни со национален занес кога се создаваа македонската држава и македонската армија, кога офицерите ги дадоа првите команди на македонски јазик, кога на старите униформи осамна тогашното државно знаме со сонцето од Кутлеш. Говори и за Македонија како членка на НАТО, за она што армијата го направила и што треба уште да направи за да биде вистински гарант за безбедноста на македонските граѓани

СВЕДОШТВА НА МИТРЕ АРСОВСКИ,
ПРВИОТ НАЧАЛНИК НА ГШ НА АРМ

Армијата на Република Македонија одбележува 30 години од своето формирање, респектабилен јубилеј што говори за храброста и истрајноста на македонските граѓани да се создаде нешто од ништо, да се создаде армија што ќе одговори на сите безбедносни предизвици и која денеска со право е членка на НАТО, најмоќниот воен сојуз во светот.
Патот за нејзиното создавање беше трнлив и макотрпен, испреплетен со многу пречки, замки и сомнежи дали оваа мала држава во срцето на Балканот може да воспостави сопствена армија, откако на нејзина територија речиси пет децении функционираше поранешната ЈНА, една од најмоќните европски армии во свое време. За сите овие предизвици, за романтичарскиот сон за создавање македонска армија, „Нова Македонија“ разговараше со првиот началник на Генералштабот на АРМ и човек што е меѓу најзаслужните што Македонија за кратко време од осамостојувањето доби сопствена армија, генералот Митре Арсовски.
Тој, уживајќи во пензионерските денови, носталгично се потсетува на едни времиња полни со национален занес кога се создаваа македонската држава и македонската армија, кога офицерите ги дадоа првите команди на македонски јазик, кога на старите униформи осамна тогашното државно знаме со сонцето од Кутлеш.

Создадовме армија од ништо

Македонската армија денеска е 30-та членка на НАТО, а денеска прославува и 30 години од своето постоење, коинциденција што сведочи дека дури и најневозможните работи е можно да се остварат кога се има вистинска желба за тоа.
Генералот Арсовски говори за тие моменти, кога немало пари, но имало огромна енергија да се создаде сопствена војска во 1992 година.
– Создадовме армија буквално од ништо. Во тоа време основниот проблем беше што голем број офицери што беа во поранешната ЈНА, вклучувајќи и мајстори и цивилни лица, си заминаа со таа војска. Сепак, еден дел остана тука. Јас не можев да си дозволам да тргнам со таа армија на север, без оглед што толку години сум служел во неа, бидејќи сум Македонец од Македонија и не можам да служам за друга војска, со други ознаки. Немаше никаква смисла повеќе да носам таква униформа, особено не кога се создаде независна македонска држава. Јас бев во ЈНА додека беше ЈНА, но кога стана српска војска, јас повеќе не се гледав во таа армија. Во Македонија ми беше сето она што ми беше важно. Што ќе правам на другата страна сам – го започнува своето сведоштво генералот Арсовски.
Тој понатаму продолжува да говори околу подготовките за создавање македонска армија и за првите чекори што биле преземени.
– Дојдоа кај мене тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, и претседателот на Собранието, Стојан Андов, и ме замолија, како искусен човек што долги години бил во армија, да помогнам да се направи македонска војска. Го прифатив тоа на драго срце, иако бев свесен дека пред мене е голем предизвик. Со своето искуство што го имав стекнато и знаењето како треба да се организира една армија, истовремено бев свесен дека немаме пари да направиме армија онака како што јас ја замислував. Финансискиот план за таа година беше на територијалната одбрана и никој не се сети тогаш дел од тие средства да префрли за армијата. Кога видовме како стојат работите, се собравме повеќе офицери што бевме дел од поранешната ЈНА и ги впрегнавме сите наши физички и умствени капацитети да најдеме начин како да направиме македонска армија. Едноставно, од нас зависеше дали ќе има нешто или, пак, нема да има ништо – се потсетува генералот Арсовски на првите моменти.
Како и на секој почеток, целиот процес бил проследен со шегачења, сплетки и подметнувања од страна на оние сили што не веруваа дека Македонија е способна да создаде сопствена армија.
– Повеќето велеа дека армијата била добро замислена, но имаше и такви што ме нападнаа мене дека со толку обемно замислена армија, таа ќе го јаде целиот буџет, без оглед што ние во тој момент немавме никаков буџет. Тоа беа тие поттурања, подбуцнувања. Ме прашуваа зошто мораме да правиме толкава армија. Но на сите тие подбуцнувачи не им беше јасно или, пак, не сакаа да го видат тоа, дека ние тогаш немавме ниту тенкови, ниту авиони, ниту, пак, друго оружје, а основно правило кога се формираат армии е кога немаш оружје, да земеш доволно жива сила и да формираш единици и со нив да се браниш во случај на агресија. Затоа беше толкава армијата – објаснува генералот Арсовски.

Леле, луѓе, што направивме!

Откако некако се решиле тие прашања околу идната организациска поставеност на армијата, уште потежок предизвик била оштетената инфраструктура што зад себе ја оставила поранешната ЈНА и која не можела да се користи во таква состојба.
– Практично ниту еден објект што тогаш го затекнавме, ниту сегашниот полигон Криволак, не беше функционален. Криволак беше огромен простор, таму се тестираа најдобрите југословенски тенкови, имаше цела лента за нивно тестирање. Тука беше тестиран тенкот „Т-72“. Во касарните немаше кревети, немаше маси, сега кога ќе се сетам, се чудам и ми доаѓа да прашам леле, луѓе, што направивме. Дојдоа многу претпријатија да ни помогнат, донираа возила и друга опрема. Сите сакаа да помогнат. Имаше некои кревети од поранешна ЈНА оставени по некои магацини, кои, најверојатно, при повлекувањето на поранешната војска биле заборавени. Сè што најдовме извадивме, нешто поправивме, но еден дел и купивме. Во мај 1992 година дојдоа првите регрути во касарната во Охрид. На свечената обврска, која беше на 9 мај во тогашната касарна „Маршал Тито“, сега „Илинден“, се собраа можеби 10 илјади луѓе. Тоа беше еден општ метеж, една сенародна прослава, сите сакаа да ја видат македонската армија. А таму, на пистата, построени војниците од сите скопски гарнизони, со пушки на рамениците, со пришиено македонско знаме на старите униформи. Тогаш, всушност, сфативме дека направивме нешто што никој не се надеваше дека ќе го направиме и дека за толку кратко време ќе ги добиеме регрутите и ќе ја создадеме армијата – го заокружува овој период генералот Арсовски.

Пензионираниот генерал Митре Арсовски со свежи сеќавања за настаните од пред 30 години

Првите безбедносни предизвици на југот на државата

Тој додава дека во понатамошниот период се распоредиле и близу 1.500 офицери што ја напуштиле поранешната ЈНА и кои се ставиле на располагање на македонските вооружени сили.
– Имаше големи недоразбирања меѓу Министерството за одбрана и луѓето што дојдоа од ЈНА. Тие беа под посебен удар, постојано на нив се гледаше со некаков сомнеж. Политичките партии почнаа многу да се мешаат, Генералштабот во тоа време не си го најде своето место поради некои политичари што своевремено мислеа дека воопшто не треба Генералштаб во оваа држава, додека на крајот не се сетија да го изгласаат во Собранието. Жал ми е што во тоа време Македонија немаше доволно финансии. И денес солзи ми доаѓаат на очите што некои работи не успеавме да ги дотераме така како што треба – појаснува генералот Арсовски.
Според него, истата таа млада македонска армија се соочила и со првите безбедносни предизвици, особено на југот на државата.
– Критично беше во времето кога Грција го воведе ембаргото, ја блокираше нашата јужна граница и истовремено правеше воени вежби во близината на границата. Во неколку наврати грчки авиони и хеликоптери го нарушуваа нашиот воздушен простор. Тогаш претседателот Глигоров дојде и ме праша дали имаме противвоздушни ракети. Му реков дека имаме ракети, но и дека имаме обучени војници што може да соборат секакво летало што ќе го наруши нашиот воздушен простор. Го прашав дали се согласува да постапиме ако дојде до сличен инцидент, малку се подзамисли и рече, сепак, да не влегуваме во конфликт. Реалноста беше таа. Кога си државник што има малку пари, малку народ, мала економија, едноставно нема што да прави – се потсетува генералот Арсовски.
Тој раскажува и дека лично бил против прераната професионализација на армијата бидејќи сметал дека не е дојдено времето за такво нешто.
– Професионализацијата на војската се случи избрзано. Јас не се согласував со таа работа бидејќи сметав дека не е уште време да се откажеме од регрутниот систем бидејќи за да имаш професионална војска, ти мораш да имаш база. Ние немаме младинци да ги пополниме редовите. Не може тоа така, не се размислува, се носат некои одлуки во Собранието, кои не коинцидираат со реалните состојби во одбраната – потенцира генералот Арсовски.

Ниту една армија не смее да се остави без оружје и без стратегија за одбрана

Набљудувајќи ги работите во контекст на сегашната безбедносна состојба на почвата на Европа, особено на Балканот, генералот Арсовски смета дека на македонската армија, без оглед што веќе е членка на НАТО, ѝ се потребни уште многу средства за да се доградува.
– На оваа армија, според мене, ѝ требаат уште многу средства да се доградува. Мислам дека се избрза со донирањето на оние 30 тенка „Т-72“, кои беа трета генерација тенкови што се произведуваа во Полска и во Чешка. Овие тенкови во тоа време беа цветот на воената опрема, едни од најдобрите произведени тенкови по Втората светска војна. Тоа беа одлични тенкови, со одлични топови, брзи, можеше многу успешно да ги задоволуваат воените задачи на овој простор. Слично е и со „сухоите“. Тоа беше авион што немаше голема брзина, но беше одличен за воздушна поддршка на единиците затоа што беше така направен да лета ниско и да не го откриваат радари, носеше доста муниција и ракети. Тука се и хеликоптерите, тие беа основната воздушна работа што ја имавме. Тие беа руско производство, повеќето беа транспортни, а малку беа за удар. Тие беа оние што го сочинуваа воздухопловството на армијата и еве ги и ден-денес летаат – објаснува Арсовски.
Генералот, повикувајќи се на своето долгогодишно војничко искуство, но и на правилата што ги почитуваат сите началници на ГШ и воени команданти секаде во светот, смета дека секое воено орудие пред да се отуѓи мора да се замени со ново, за да не се остава армијата во ниту еден момент ослабена.
– Разбирливо ми е да ѝ се донираат тенкови на една држава што е нападната, но непишано правило, и тоа правило го знаат сите началници на ГШ и сите врховни команданти, е дека додека не дојдат нова опрема, нови тенкови за замена на овие што ги дониравме, тие мора да останат тука. Какви-такви, тие беа одлични барем за овој терен, имаа муниција, така што не можам да разберам зошто ги дадовме веднаш. Словачка пред да ѝ ги даде старите „мигови“ на Украина побара НАТО да ѝ ги плати или да ѝ ги надомести со нови авиони. Тоа е непишано правило од кое ниту еден началник на ГШ не смее да отстапи. И авиони кога даваш, мора со нешто да ги замениш. Никој не може да ме лаже, дури ниту НАТО, дека нам не ни требаат авиони, дека нам не ни требаат тенкови. Извинете, но замислете ако дојде до еден општ метеж тука на Балканот каде што постојано врие и ако тргнат другите со тенкови, со што ќе се браниме? Гркот ќе лета над територијата на Македонија, но никогаш нема да ја штити онака како што ќе ја штити сопствената татковина. Тоа е јасно како ден – заклучува генералот Арсовски.

Членството во НАТО не нè ослободува од нашите домашни обврски

Првиот началник на ГШ на АРМ е задоволен што македонската војска ги постигнала стандардите и по долги години стана членка на НАТО, но, за него, членувањето во најсилниот светски воен сојуз не значи дека треба да ги занемариме сопствените одбранбени капацитети и да се надеваме дека некој друг ќе нè брани.
– Тоа што сега сме членки на НАТО ништо не менува. Уште во мое време почнаа да се преговараат некои работи со западните сојузници. Имаше обуки, размени на искуства, посети на нивните воени школи и слично. Сепак, ние мора да имаме сопствена стратегија за одбрана. Еве, да тргнеме и од таа премиса дека НАТО ќе нè брани, додека тоа да одлучи да интервенира, некој може да нè прегази со оглед на тоа колкава територија сме. Ние сме мала држава, но мора да се потпираме врз наши одбранбени капацитети. Слаба држава, која нема водач, која нема база да се развива, таа мора да моли и од тоа молење и трчање во Брисел ние станавме зависници од таа организација. Не се трча така и не смеевме да се доведеме во таква ситуација – истакнува генералот Арсовски, навраќајќи се на времето кога се создавала македонската армија, но и на предизвиците со кои се соочува денес.


Одбележана 120-годишнината од раѓањето на Ченто

Со многубројни манифестации во Прилеп и во Скопје вчера беа одбележани 120 години од раѓањето на Методија Андонов-Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија.
Поради несогласување со некои ставови на тогашниот југословенски режим, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата, и тоа со лишување од слобода 11 години.
Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година. Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу-тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети.
Во 1990 година, по барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година.
На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија посмртно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“, орден што го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.