Фото: Архива

Со години политичките партии регрутираат свои членови меѓу студентите, кои, пак, наместо да се посветат на науката и личното образование, работат како да инструираат уште повеќе партиски полтрони во сите студентски тела, со единствена цел да се пропагираат политиките на онаа партија што во моментот е на власт. На тој начин се задушува секаква прогресивна идеја, а меѓу студентите се пресликува истата состојба што владее и на политичката сцена

Денешниот Меѓународен ден на студентите како повод

Речиси во сите европски градови и на повеќето европски универзитети денеска се одбележува Меѓународниот ден на студентите, симбол на моќта и силата што ја носат студентите во насока на менување на состојбите во општеството на подобро.
Овој ден се одбележува и на македонските универзитети, како сеќавање на едни минати времиња во кои студентите беа оној разум и свест секогаш да кажат „стоп“ во оној момент кога ќе почувствуваа дека политичките елити се оддалечуваат од народот и ги поткопуваат демократските процеси, обидувајќи се да владеат авторитарно, односно со висок степен на авторитаризам што некогаш, фрапантно потсетува и на тоталитаризам.
За жал, како и во секоја сфера во македонското општествено функционирање, така политиката целосно ги вмеша своите прсти и во универзитетите, сакајќи да ја држи под контрола секоја прогресивна идеја и да не дозволи студентите да бидат бранот врз кој ќе се манифестира целокупното граѓанско незадоволство, свесни дека никој и никогаш не ги запрел студентите кога тргале да го реформираат системот.
Затоа со години политичките партии регрутираат свои членови меѓу студентите, кои, пак, наместо да се посветат на науката и личното образование, работат како да инструираат уште повеќе партиски полтрони во сите студентски тела, со единствена цел, да се пропагираат партиските политики. На тој начин се задушува секаква прогресивна идеја, а меѓу студентите се пресликува истата состојба што владее и на политичката сцена.

Тука лежат причините и за она што се случува сега на македонските универзитети, каде што обичен избор на студентски лидер или на членови за студентското собрание се претвора во партиска кампања, небаре се избира идниот премиер или претседател на државата. А досегашните искуства покажаа дека оние што се прокламираа како некакви „студентски лидери“, за многу кратко време стануваа пратеници, министри, амбасадори, што јасно говори дека политичките партии длабоко ги имаат замешано своите прсти и во образованието, па затоа земјата е доведена до овој степен, квалитетните кадри да ја напуштаат, а да остануваат само партиските послушници и клиентелисти.
Пред некој ден, група студенти од Филозофскиот факултет во Скопје побараа да запре жестокиот политички притисок за избор на студентско собрание. Тие едноставно не можат да разберат како некој се дрзнува да прави политички притисок врз студентите откако пред една недела државата доби сериозна шлаканица од Брисел токму поради партиски влијанија во разни сектори, вклучувајќи и во образованието.
Политичките партии се свесни дека секоја општествена промена започнува со студентите и затоа ги пуштаат своите пипала во студентските тела, за да минираат секаков вид организирање што подоцна може да доведе до промени.
Ако продолжи политизацијата на универзитетите, тогаш дефинитивно Македонија е загубена држава, а младите, кои треба да бидат новите авангардни сили што ќе ги придвижат работите напред, ќе се воздржат од таквиот чекор и своето знаење и квалитети ќе им ги стават на располагање на други држави, кои ќе знаат вистински да го ценат тоа. Затоа земјава забрзано се празни.

– Политичките партии до таа мера се инволвирани во студентското функционирање, што човек едноставно не знае дали е на студии или, пак, на политичка школа за партиска индоктринација. Не може ништо прогресивно да излезе од нашите факултети, нема желби за промени, нема енергија да се придвижат работите на подобро, оти сè е под контрола на партиите и студентите се плашат дека ќе бидат накодошени ако излезат со некаква идеја што не оди во прилог на некои политики. Кога избиравме студентски лидер доаѓаа и ни кажуваа за кого да гласаме, за по некоја година истиот тој студентски лидер да стане пратеник на една политичка партија. Сè е политизирано, од добивање кревет во студентски домови, до добивање бонови за менза. Студентите што прифатиле политички ангажман знаат дека така најлесно ќе дојдат до позиција што утре ќе им донесе поудобен живот и без потребното знаење и квалитети. Може само да учиме од европските студенти како се борат за промени и просперитет на сопствената држава бидејќи кај нив автономијата на универзитетите е неприкосновена и ниту една политичка партија не се меша меѓу студентите – вели Ивица Петрушевски, поранешен студент.
За социологот и добар познавач на состојбите во високото образование Илија Ацевски, ова што се случува во високото образование е рефлексија на сите општествените случувања.

– Студентската состојба е еден одраз на она што се случува во македонското општество. Студентот е оставен самиот на себе. Кога треба да се манипулира со него, се манипулира од страна на политичките партии и таа манипулација е од невидени размери. На факултетите се инструирани поединци од страна на политичките партии, кои имаат задача таму да формираат помали групи или ќелии, кои многу успешно ќе регрутираат студенти погодни за вакви политички манипулации, во интерес исклучиво на политичките партии и групи – вели Ацевски.
Според него, тоа што студентот е оставен самиот на себе и што образованието целосно е урнисано, на некој начин како да ја релаксира целата ситуација во насока никој за ништо да не понесува одговорност и затоа партиите си земаат целосна слобода да плетат мрежи меѓу студентите.

– Кога имаме една таква дефектна состојба кај студентите, политичките партии го користеле и сега уште повеќе го користат овој неконтролиран терен за да ги наметнат сопствените влијанија и политики меѓу студентите. Партиите многу лесно се инфилтрираат во студентските редови и ги прават студентите прислужници на нивните политики – нагласува Ацевски.
Водејќи се од сопственото долгогодишно искуство во високото образование, тој не е оптимист дека студентите можат да бидат некаква прогресивна сила ако продолжат ваквите девастирачки состојби во македонското општество.

– Што да очекувате? Со купени дипломи, докторати, магистри? Кругот е затворен. Тие луѓе сега се и ќе доаѓаат на позиции. Тие што нешто вредеа си ги спакуваа куферите и си заминаа, ќе ги менуваат состојбите на подобро во други држави. Кај нас си останаа тие што беа манипулирани од политиката. Едноставно системот регрутира такви кадри. Тие што се најспособни во таа манипулативна сфера знаат дека нивниот политички ангажман за време на студиите подоцна ќе се материјализира и затоа така и дејствуваат. Тука се гледа колку е урнисан системот во Македонија – заклучува Ацевски.


Меѓународниот ден на студентите инспириран од отпорот кон најголемото светско зло – фашизмот

Меѓународниот ден на студентите е меѓународен студентски празник што се слави на 17 ноември секоја година, во спомен на денот кога во 1939 година нацистите убија неколку чешки студенти и испратија над 1.200 студенти во концентрациони логори поради протести против окупацијата на Чешка.
По Минхенскиот договор во 1938 година, Третиот рајх ја окупира Судетската Област, а следната година и Чешката Република, која претходно ја одвои од Словачка. Заштитникот на Бохемија и Моравија, Константин фон Нојрет, го преименувал Карловиот универзитет во Прага и го нарекол Германски Карлов универзитет во Прага.
Со почетокот на учебната 1939 година, универзитетот бил директно подреден на Берлин и преименуван во „Рајхсуниверзитет“ (германски: Reichsuniversität) на 4 ноември 1939 година. Сето тоа предизвика студентски бунт. На 28 октомври, студентите на Медицинскиот факултет протестираа против окупацијата, на Денот на независноста на Чехословачка, кој се слави од 1918 година. Во обидот на нацистите да ги разбијат демонстрациите, студентот по медицина Јан Оплетал беше тешко повреден и почина на 11 ноември како последица на повредите. Погребот на Оплетал на 16 ноември собра голем број студенти и уште еднаш го предизвика нивниот револт. Поради ова на 17 ноември нацистичките власти одлучија да ги затворат сите универзитети во окупираната Чешка до крајот на војната. Истиот ден беа убиени девет професори и студенти што присуствуваа на погребот на Оплетал. Околу 1.800 студенти беа уапсени, додека околу 1.200 студенти беа испратени во концентрациониот логор „Заксенхаузен“. Во кампот загинаа меѓу 20 и 35 студенти.
Потоа следуваше обид на чешките студенти да ги убедат своите колеги на меѓународен план да го прослават 17 ноември како ден на студентите и антифашистите. На 16 ноември 1941 година, во Лондон се одржа состанок со кој претседаваше д-р Едвард Бенес, а присуствуваа и претставници на бегалските влади. На 17 ноември 1941 година, на територијата на Чехословачка, Би-би-си објави специјална порака по повод овој ден.
Меѓународниот ден на студентите денеска се одбележува во речиси сите европски градови и на повеќето европски универзитети.