Според политичките аналитичари, здравиот разум кажува дека во време на постковид и постенергетска криза (и на глобален план, не само кај нас), главниот приоритет за Македонија треба да биде реституција на економијата. Тоа е првата ургентна потреба, со значителен импулс таа домашно енергетски да се придвижи и раздвижи. Во втората група приоритети имаме низа првенствено домашни задачи: реформи во правосудството во пакет со борбата против корупцијата, реформи во изборниот систем, реформи во образованието… Аналитичарите сугерираат дека нема потреба самите да генерираме автопритисок за ЕУ-интеграциите, бидејќи ни создава дополнителен институционален стрес. Тие сугерираат тоа прашање да го оставиме да биде резултанта на ефектуирани внатрешни реформи…
Враќање во македонската реалност,
кон соочување и решавање на реалните предизвици
Помина веќе една седмица и од вториот месец од 2023 година, а македонското општество и особено некои политички чинители како сѐ уште да не можат да излезат од положбата на испровоцирана реактивна состојба од бугарскиот „добрососедски“ шовинистички налет. Во таква состојба, рационалното размислување за наш излез од таквите состојби е стеснето, а уште помалку се посветува внимание на други реални и тешки предизвици што се исто така актуелни, како што се економската состојба, стопанството, енергетиката, правосудниот систем, здравството, образованието…
Фингираните политичко-безбедносни притисоци ги покрија реалните општествени предизвици
Иако провокаторите и нивната реторика беа познати од порано, дрскоста сето тоа да го манифестираат на македонска територија, придружена со намерата да го погазат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија (наводно за чествување 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев) предизвика реакција на општ револт кај македонските граѓани. Кулминацијата на таквата состојба под провоцирачки притисок, кој траеше речиси три седмици, се излеа на 4 февруари, кога иако под силно обезбедување на вечното почивалиште на Делчев во Скопје, но и на граничните премини меѓу Македонија и Бугарија, сепак достоинствено и без инциденти Македонците порачаа дека „Гоце е Македонија“.
Два-три дена потоа… нѐ чекаат реалните општествени слабости
Два-три дена потоа, Македонија и понатаму се буди со предизвикот за соочување со реалните состојби, од кои како да беа дефокусирани и политичките елити и граѓаните, во налетот на закани со „добрососедство“ од источниот сосед, каде што дури и пред распуштање на нивното собрание, пратениците изгласа уште една декларација за „европско дисциплинирање“ на Македонците. Во седмицата по чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, македонското собрание и понатаму е „надвор од употреба“ и се прават политички еквилибристики за постигнување функционално мнозинство, со надеж за достигнување до фамозното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за бараните уставни измени од т.н. француски предлог… Додека во саботата, на 4 февруари, политичките делегации и групи граѓани ги освојуваа падините покрај скопското кале, да му се поклонат на идеологот на македонската држава, на другата страна од мостот „Гоце Делчев“ друга група граѓани пред Владата протестираа за своето право за здравствена заштита, односно за навремено снабдување со лекови на лицата со ретки болести. Налетите на ветер и снег во истиот ден (а и потоа) потсетија дека зимата е далеку од крајот, што значи дека предизвиците на енергетската криза и понатаму се актуелни. Најавата на министерот за образование дека до крајот на оваа учебна година можеби нема да има учебници за сите предмети во некои одделенија е уште една точка во кризната мапа на македонското општество. Низ сите овие предизвици, како рефрен во општествената композиција се повторуваат европските критеруми за борба со корупцијата, владеењето на правото, правната држава… Сите овие предизвици го наметнуваат прашањето кои се приоритетите на реалноста со кои треба да се зафати Македонија за да ги стабилизира и зацврсти сопствениот интегритет и суверенитет и да ја приближи европската перспектива?
Приоритет над приоритетите: Реституција на економијата!
– Здравиот разум кажува дека во време на постковид и постенергетска криза (и на глобален план, не само кај нас), главниот приоритет за Македонија треба да биде реституција на економијата. Тоа е првата ургентна потреба, која ни е неопходно да се придвижи, да земе поголем здив економскиот развој. Во втората група приоритети имаме две точки: борба против корупцијата и продолжување на преговорите со ЕУ. За илјадниците прашања што произлегуваат од втората група приоритети има еден одговор: брзо отворање на преговарачкиот процес ќе ги постави на вистински колосек и структурните реформи, и владеењето на правото, и борбата со корупцијата. Но во ситуација на енергетска криза залудни се политички критериуми ако немаме греење. Затоа, приоритетно ни е потребна реституција на економијата – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Сепак, Арсовски не е оптимист дека сите овие предизвици во Македонија ќе можат да се совладаат со игнорирање на условите за добрососедство и политичките провокации што доаѓаат од Бугарија.
– Прашањето на добрососедските предизвици и провокации на таа тема што доаѓаат од Бугарија никако не е затворено и не сме го оставиле зад себе. Тоа допрва ќе се разгорува, како што ќе се приближува денот за новите парламентарни избори во Бугарија. Политичарите од двете страни на границата, и од бугарска,, но и од македонска страна, се предаторски насочени на темата за македонскиот национален идентитет. Освен тоа, секогаш кога сме сметале дека сме го затвориле тоа прашање со Бугарија и сме постигнале некаков договор, сме добивале уште порадикално однесување од бугарска страна. Така беше и со Договорот за добрососедство, кога добивме вето за ЕУ од Бугарија, а уште порадикално провокаторски се настапите на бугарските политичари, по започнувањето на нашиот преговарачки процес – вели Арсовски.
Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, сепак, смета дека и покрај сите провокации, Македонија треба да се фокусира на својата цел – членството во Европската Унија. На провокациите треба да одговара селективно и со вистински европски одговор на институциите на државата, како што беше изведено за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. Според Филипов, патот за надминување на политичките провокации е зголемената соработка на македонската бизнис-заедница со соседните.
– Според податоците на Народната банка, чинам дека економската размена во 2021 година меѓу Македонија и Бугарија била зголемена за 50 отсто, а со Грција речиси 100 отсто. Овие податоци укажуваат дека на бизнисите не им пречат политичките ситуации. Бизнисот е реална работа, бизнисмените се реалисти што гледаат да ги надминат пречките што им ги поставува политиката. Политиката и политичарите знаат да создадат некоја виртуелна реалност, која многу лесно може да му направи проблеми на реалниот сектор. Некоја политичка затегнатост може да предизвика наметнување поголеми даноци, царини…, што секако ќе ја отежне трговската размена. Со политичка одлука можат да се активираат или деактивираат одредени капацитети. Политиката сепак треба да дејствува во насока на олеснување на бизнис-комуникацијата, со што се олеснува и животот на граѓаните, наместо да создава пречки. Ние и на внатрешен и на надворешен план треба да се насочиме на зацврстување и интензивирање на тие економски врски, а на политичките провокации да одговараме смирено, разумно и мудро, за да не дозволиме да нѐ оттргнат од нашата главна цел – членството во ЕУ – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.