Марко Цепенков е еден од најистакнатите македонски преродбеници во 19 век, коj со својата дејност ги афирмираше македонските особености, особено видливо во јазикот бидејќи целото негово дело е запишано на македонски народен говор. Од денешна перспектива, материјалите на Цепенков се особено значајни бидејќи се само една потврда дека населението во Македонија со векови говорело на македонски јазик

Од историските архиви

Марко Цепенков во македонската историја и култура останува запаметен како еден од најзначајните македонски преродбеници од 19 век, кој придонесува во зачувувањето на македонските народни умотворби и нивна афирмација. Кај Цепенков се забележува одреден стил при пишувањето што покажува дека постоела напредна литературна култура кај македонскиот народ во 19 век. Македонските гатанки, приказни и други народни умотворби што биле собрани и објавени од Цепенков ги прикажуваат и македонските јазични особености. Тој е и меѓу раните македонисти, а интересно е од друга страна дека може да се вброи и меѓу преродбениците што верувале дека Македонците се потомци на Античките Македонци и на Александар Македонски.
Марко Цепенков е еден од најистакнатите македонски преродбеници во 19 век, кои со својата дејност ги афирмираа македонските особености, особено видливо во јазикот бидејќи целото негово дело е запишано во периодот на 19 во 20 век на македонски народен говор. Неговите материјали останале недостапни сѐ до 1889 година, кога започнале да се објавуваат по неговото преселување во Софија. Еден дел од неговите собрани македонски умотворби беа објавени токму во Софија, во „Зборникот за народни умотворби, наука и книжевност“ во 1897 година.
Од денешна перспектива, материјалите што се објавени во овој зборник се особено значајни бидејќи се пишувани од Цепенков онака како што ги слушнал. Дека населението во Македонија говорело на македонски јазик, јазик што тогаш поради историските околности сѐ уште не бил стандардизиран, можеме да согледаме токму од материјалите што се објавени во споменатиот зборник. Станува збор за поговорки и македонски народни приказни. Во делот што се однесува на поговорките, меѓу другото можеме да прочитаме: „Ако имаш пари, секоi за татко те сака; Да не стори ниет чоек, да не се обогати; Денеска се сторил господар, утре гоедар“.
Дека станува збор за чист македонски народен говор може да се види и во приказната што ја запишал Цепенков, објавена во „Зборникот за народни умотворби, наука и книжевност“. Цепенков не се јавува само како запишувач на македонските народни умотворби, туку тој е еден од раните македонисти. Затоа Гане Тодоровски вели дека за да се „сфати и протолкува Мисирков, секако ќе треба да се укаже и на неговите претходници во Македонија. Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план. Дејствувањето на овие македонски дејци во добра мера го објаснува појавувањето на Мисирков и ја осветлува генезата на неговите идеи“.
Тој е интересен и од еден друг аспект. Во првата половина на 19 век, македонската преродбеничка мисла не правела разлика помеѓу Античките Македонци и денешните Македонци, односно тие себеси се гледале како потомци и наследници на Александар Велики. Еден од најпознатите македонски преродбеници што ја застапувале оваа теза бил преродбеникот Јордан Хаџи Константин-Џинот. Бугарскиот географ Васил Кнчов вели дека Џинот како учител во градовите пред македонското население проповедал дека тие се потомци на Античките Македонци.
Во овој контекст е песната од Марко Цепенков со наслов „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“. Во неа можеме да прочитаме: „Помислете вие мили чеда: за велика цара Александра, што се слави и до ден-денеска.“


Меѓу најпознатите собирачи на македонски народни умотворби

Цепенков е еден од најпознатите собирачи на македонските народни умотворби. Повеќе од четириесет години ги собирал македонските народни умотворби и лично ги запишувал, а во неговиот фонд има и материјали што ги добил од други запишувачи. Во неговите објавени и необјавени дела има повеќе од 5.500 поговорки и пословици, 100 гатанки, 150 песни, 800 приказни, 350 баења, 400 верувања и клетви, 70 детски игри, 2.900 соништа, како и описи на обичаи, занаети и обреди. Фолклорните и етнолошките материјали најчесто ги собирал во Прилеп и неговата околина, но и од Скопско, Битолско, Велешко, Дебарско и од Штипско.