Фото: Игор Бансколиев

Со потпишувањето на протоколот, кој стана дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, Бугарија доби моќна алатка со која веќе го диригира целиот преговарачки процес на земјава и може кога сака и како сака да ја модификува македонската историја во своја полза. Потврди за ова доаѓаат со секој изминат ден и со секоја изјава, било таа да доаѓа од Софија, од Вашингтон или од Брисел. Што може да направи Македонија во вакви околности? Историчарите и аналитичарите имаат интересни предлози и препораки

УЛТИМАТУМИ И УЦЕНИ ОД СОФИЈА КАКО НА ФАБРИЧКА ЛЕНТА

Историјата останува единствена и клучна цел кон која Бугарија ќе се стреми во текот на преговорите на Македонија со Европската Унија, користејќи го секое преговарачко поглавје да испорача нови и нови барања за историско толкување на личностите и настаните, но само во согласност со бугарскиот историски наратив, кој е присутен повеќе од 100 години и, според кој, сета македонска историја е всушност бугарска, а Македонците се однародени Бугари.
Оваа бугарска теза уште еднаш директно ја потврди и новиот бугарски амбасадор во САД, Георги Панајотов, според кого, еден од поважните делови од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка се токму историските прашања и дека без нивно решавање нема напред.
Со потпишувањето на протоколот, кој стана дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, Бугарија доби моќна алатка со која веќе го диригира целиот преговарачки процес на земјава и може слободно да ја модификува македонската историја во своја полза.

Историските прашања како услов

– Услов бугарската влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија е С. Македонија во целост да ги исполни одредбите од договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања… Многу важен дел од договорот од 2017 година е билатералната комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективно, научно толкување на заедничката историја на двете земји – вели Панајотов во интервју за Гласот на Америка.
Ваквите изјави се во директна спротивност со она што го тврдеше шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, дека историските прашања нема да бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата со ЕУ и дека Бугарија нема да има основа за ново вето на патот кон ЕУ врз основа на работата на историската комисија.
Со оглед на фактот дека работата на историската комисија врз основа на „објективно и научно толкување“ на заедничката историја, како што посочува Панајотов, подразбира исклучиво потпирање врз бугарската научна мисла, тогаш повеќе од јасно е какви ќе бидат и следните решенија и препораки на мешаната комисија.
Она што е повеќе од сигурно е дека Бугарија нема да запре со уцените ниту во еден момент, а тоа може да се види и од начинот на кој го толкува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој и онака е целосно асиметричен, односно наметнува обврски само за Македонија.
Имајќи ја предвид целата констелација, незаинтересираноста на Европа за проширување и упорното притискање од страна на Бугарија да се решат историските прашања, се наметнува дилемата дали воопшто има некаква смисла да се продолжи со распродажбата на македонската историја и да се оди кон идентитетско харакири поради некаква неизвесна европска иднина.
Режисерот и граѓански активист Владимир Милчин не гледа повеќе никаква смисла да се продолжи некаков европски процес што се одвива со притисоци и уцени и од Бугарија, но и од ЕУ.
– Неприфатливи се барањата на ЕУ и на Бугарија, тие се уцени, ултиматум и Македонија треба да прогласи мораториум на овој процес, да се замрзне процесот – вели Милчин, притоа додавајќи дека притисокот врз Македонија ќе биде постојан.
Според него, засилениот бугарски притисок ќе влијае и врз работата на мешаната историска комисија, која ќе мора да го испорача она што Софија го посакува.
– Тие се во состојба да мораат да испорачаат. Не очекувам таму силен отпор на ултимативните барања. Тоа што го бара Бугарија не е само надвор од европските вредности туку надвор од цивилизацијата – оценува Милчин.
За него нема никаква вистинска итност во барањето за уставни измени, односно за вметнување на Бугарите во македонскиот устав.
– Ми се крева косата на главата кога ќе ги чујам ваквите ултиматумски пораки. Итноста на промените, кои стануваат уцена, Западот ги бара експресно. Но тоа не значи дека членството ќе биде експресно. Всушност, спротивно. Дури и кога би прифатиле сѐ од бугарските барања, процесот ќе трае долго, можеби нема ни јас да го дочекам – коментира Милчин.

Целосно прекинување на неевропскиот процес

Чекор подалеку оди историчарот Тодор Чепреганов, според кого, ваквиот европски процес под диктат на Бугарија треба целосно да се прекине, а не само да се замрзнува.
– Она што го кажува бугарскиот амбасадор во САД е сосема на место. Ние преку нив дознаваме што се случува, додека нашите кријат дека историјата е клучна. Секоја држава што држи до себе и која има барем малку достоинство, досега требаше стопати да ги прекине преговорите. Ова што нашите политичари нè убедуваат дека историјата не игра улога во преговарачкиот процес со ЕУ, се лажат и себеси, а нè лажат и нас. Основата е во историјата. Бугарите она што не успеаја да го остварат за 100 години, сега им се дава можност, со помош на европските уцени, да го реализираат во краток временски период нивниот вековен сон, дека сме еден ист народ и дека имаме заедничка историја – вели Чепреганов.
Тој смета дека во таа насока работи и мешаната историска комисија, која наместо врз научна основа, работи да ги задоволи ветувањата што некои политичари овде му ги дале некому во Бугарија.
– Во препораките што ги дава мешаната историска комисија пишува дека цар Самуил бил заедничка личност што треба да се чествува. Штом е тој заеднички, тоа значи дека ние за Самуил имаме заедничка историја. А штом имаме заедничка историја за него, тоа автоматски повлекува дека целото средновековие ни е заедничко. Тоа што го прави комисијата во суштина е замајување на целокупната македонска јавност. Тие се еден вид политбиро на Владата, која мора да испорача заедничка историја со Бугарија. Тие се таму ставени за да бидат параван на политичарите, кои утре ќе може да се оградат и да кажат дека тие не ги донеле историските препораки, туку тоа го направиле историчарите – истакнува Чепреганов.
Според него, апсурдно е членовите на македонскиот дел од комисијата да одлучуваат за целокупната македонска историја.
– Апсурдно е шест таканаречени историчари да одлучуваат за историјата на еден цел народ. А целата фела, историска, научна, потпиша реакција на сето тоа што го прават и тие сето тоа го занемаруваат, едноставно се ставаат во позиција дека се над сето тоа што се случува, дека се над луѓе – револтирано вели Чепреганов.
Тој генезата на целиот проблем ја лоцира во потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година.
– Целиот проблем лежи во договорот од 2017 година. Тој што го потпишал тој договор прифатил заедничка историја со Бугарите. Европа воопшто не ја интересираме. Тие гледаат низ целиот период на историјата да нè нема и сега тие, наводно, биле загрижени за нас. Апсурд. Тие не сакаат да си ја признаат грешката што не формирале македонска држава кога требало и сега треба да признаат дека згрешиле, но наместо тоа, сега сакаат да докажат дека таа држава всушност и не требало да постои бидејќи таа држава се самоуништува. Ние во суштина си правиме харикири. Тие нè тераат самите да се откажеме и од историја, и од јазик, и од географија, и од литература, да признаеме дека сè тука е бугарско – заклучува Чепреганов, повторувајќи уште еднаш дека ваквиот европски процес под диктат на Бугарија треба еднострано да се прекине.