Со каква храна растат децата во Македонија? Каква храна јадат децата во градинките и во основните училишта, а што јадат средношколците? Во градинките има топол оброк, но во средните училишта најчесто исхраната се базира на брза храна. Зошто не се инвестира во здрава храна за учениците? Овие прашања со години се главна тема меѓу родителите и стручната јавност, но се потенцираат само кога ќе настане некој поголем проблем
Дебелината кај децата загрижувачки тренд
Со каква храна растат децата во Македонија? Каква храна јадат децата во градинките и во основните училишта, а што јадат средношколците?
Во градинките има топол оброк, но во средните училишта најчесто исхраната се базира на брза храна. Зошто не се инвестира во здрава храна за учениците? Овие прашања со години се главна тема меѓу родителите и стручната јавност, но се потенцираат само кога ќе настане некој поголем проблем.
Детската дебелина е еден од главните ризик-фактори за појава на мноштво болести. Ако, на пример, дијабетес тип 2 во минатото се јавувал околу 40-та година од животот, таа граница денеска е мошне спуштена, па дијабетес тип 2 се јавува и кај деца на осум или десетгодишна возраст.
Но ова не е проблем само кај нас. Во Србија, министерката за здравство, проф. д-р Даница Грујичиќ, од формирањето на Владата имаше најмногу идеи и предлози што „експлодираа“ во јавноста и предизвикаа многу полемики. Дел од иницијативите и дел од нејзините најави беа прифатени од голем дел од граѓаните, но имаше и такви што приговараа или сметаа дека нејзините предлози не можат да се спроведат во пракса. Нејзината изјава за забраната за продажба на „брза храна“ во близината на училишните објекти предизвика лавина коментари. Зборувајќи неодамна за дебелината кај децата, таа рече дека „брзата храна е опасна како и дрогата“.
– Како што се забранети казината во близина на училиштата, треба да се забрани и брзата храна – рече тамошната министерка за здравство.
Посочи дека најзагрижувачки е фактот што се зголемува бројот на дебели деца, а според процените, во Србија тој број е над 30 проценти.
И кај нас состојбата не е на завидно ниво.
Институтот за јавно здравје објави труд во кој се анализирани промените на тежината кај седумгодишните деца во земјата, во периодот од 2010 до 2019 година, а според наодите во документот, зголемената телесна тежина кај седумгодишните деца значајно пораснала од 34,4 отсто во 2010 година, на 37,3 отсто во 2019 година.
Дебелината директно му го загрозува животот на детето
Д-р Александар Митов, магистер по здравствена екологија и влијанието на животната средина врз здравјето, вели дека здравата храна и физичката активност се единствениот лек за оваа состојба и секој напор на родителите во оваа насока е оправдан и корисен.
На својот веб-портал посочува дека многумина ќе се согласат дека дебелината кај децата не е здрава работа, но малкумина знаат дека таа може директно да му го загрози животот на детето.
– Притоа не мислам на долгорочните последици по здравјето, како што е зголемениот ризик за развој на дијабетес или срцева болест подоцна во животот. Не мислам ниту на психолошките трауми што едно дете ќе ги доживее откако ќе биде изложено на подбив од околината. Зборувам за болеста на замастен црн дроб кај децата, која е многу сериозна и, за жал, сѐ почеста болест. Утврдено е дека во некои земји во развој има и до 80 отсто пораст на бројот на случаите. Голема научна студија утврдила дека 53 отсто од децата со прекумерна тежина во Италија ја имаат оваа болест, 42 отсто во Грција, па сѐ до 77 отсто во Кина. Притоа, двапати почесто се засегнати момчињата наспроти девојчињата – објаснува тој.
Охрабрување за повеќе часови физичка активност
Според Иницијативата за следење на дебелината кај децата објавена на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, исхраната во училиштата и условите за физичка активност можат да бидат подобрени за да се намалат високите стапки на дебелина.
– Како помошна алатка во водењето на таквите активности би можел да послужи еден план за подобра исхрана и поголема физичка активност во училиштата, кој ќе биде договорен со сите засегнати страни. Постои можност да се зголеми бројот на училишта каде што нема реклами и маркетинг за високоенергетски, но некорисни храна и пијалаци, што можат да наштетат на промоцијата на здрава и урамнотежена исхрана. Според успешниот пример на кампањите спроведени во другите земји, нужно е и во земјава да се преземат соодветни дејства, со цел да се намали достапноста на зашеќерените пијалаци, како и слатките и солените ужинки во училиштата – се посочува во иницијативата.
Во неа се вели и дека иако охрабрува тоа што во текот на една недела се предвидени 120 минути физичко воспитување, сепак бројот може да се зголеми во согласност со препорачаните меѓународни нивоа.
– Еден друг ефективен начин да се овозможат можности за физичка активност е да се овозможи пристап до игралиштата и спортските сали надвор од школските часови на децата од заедницата. Исто така, создавањето програми за спортски и физички активности надвор од училишните часови и за време на викендите, може да ги зголеми бројот и разновидноста на можностите тие да бидат физички активни – пишува во иницијативата.