Карикатура: „Нова Македонија“

Сè поголемото влијание и ефектите од западната поддршка во конфликтот и загубите на руската страна ги поттикнаа руските високи офицери да побараат од својот претседател да излезе од досегашниот утврден концепт на водење на „специјалната воена операција“. Ова се потврди и со скорешното предупредување што дојде од руското министерство за надворешни работи, во кое се зборува за опасноста од „ненамерен судир“ меѓу Русија и НАТО во Арктичкиот Регион, во контекст на засилените воени активности на Алијансата во таа област. Која насока ќе ја фати војната во Украина и кои фактори би можеле да бидат клучни за одреден развој на настаните?

Анализа

Актуелната војна во Украина сѐ повеќе ја зголемува напнатоста меѓу Истокот и Западот. Сѐ повеќе е очигледно дека конфликтот прераснува во „судир на титаните“, односно и се води меѓу Москва и западноевропските држави плус САД. Сепак, главните актери се обидуваат да се држат колку што е можно понастрана од директни воени судири, а војната се води т.н. „прокси“, со цел да се избегне судир од колосални размери.
Во оваа смисла пишува и „Ал џезира“, цитирајќи го американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека „доколку Американците и Русите почнат да пукаат едни кон други, ситуацијата би била како светска војна“!

Два фактора од кои битно зависи времетраењето на војната

Повеќе воени аналитичари тврдат дека „со зголемената воена помош за Украина (која патем споменато, станува сè поквалитетна и попрецизна), Западот долева масло на огнот на судирот“. Од друга страна се тврди дека Русија сè уште се воздржува и го контролира своето движење.
Низа политички аналитичари, пак, тврдат дека времетраењето на војната битно зависи од два фактора: првиот е зголемената воена поддршка за Украина, а вториот се санкциите што ѝ се наметнуваат на Русија. Се чини дека и двата силно ја погодија руската држава – што укажува на тешкотии, па дури и на моментална неможност да се стави точка на кризата – и дека и двата го одложуваат руското решавање на проблемот по воен пат. Досега не е забележано слабеење на овие два фактора, туку напротив, тие стануваат сè посилни.
Во моментов, Русија користи еден од столбовите на својата воена доктрина – политиката на опсада и задушување на украинските градови.
Бенефициите од оваа доктрина Москва почна да ги собира во градот Мариупол, каде што ја презеде речиси целата контрола. Меѓутоа, со зголемувањето на бројот на жртвите и украинските бегалци, Западот наоѓа изговор за продолжено снабдување на Украина со квалитетно и прецизно оружје, како и за обука на украинските војници да ракуваат со него, што го дава моментот на екстензија и одржливост на судирот, а со тоа и неоспорноста на фактот дека многукратно ги зголемува загубите кај руската страна. Неодамнешното потопување на рускиот крстосувач „Москва“ е исто така клучен момент во аргументацијата на споменатата теза.

Руските високи воени структури бараат од Путин директна конфронтација со НАТО

Иако на почетокот на кризата Русија се закани дека ќе ги напаѓа сите конвои и воената помош од НАТО за Украина, на дело не ја исполни оваа закана. Се чини дека Москва досега избегнуваше директна конфронтација со НАТО. Меѓутоа, сè поголемото влијание на западната поддршка врз текот на работите и загубите во руските редови ги поттикнаа руските високи офицери да побараат од својот претседател да излезе од досегашниот утврден концепт на водење на „специјалната воена операција“. Ова се потврди и со скорешното предупредување што дојде од руското министерство за надворешни работи, во кое се зборува за опасноста од „ненамерен судир“ меѓу Русија и НАТО во Арктичкиот Регион, во контекст на засилените воени активности на Алијансата во таа област.
Дека е сериозна заканата од колосален судир, потврдува и изјавата од Кремљ дека „оваа битка ќе биде судбоносна борба за опстанок, па затоа нема да се прифати пораз“. Згора на тоа, Путин и руските политичари сосема јасно зборуваат за потребата од промена на униполарниот глобален систем (САД), што во превод значи дека Русија по секоја цена ќе продолжи да дејствува во насока на победа, а тоа, пак, значи премин кон втората фаза од војната, која би била многу пожестока. Во прилог на ова зборуваат и неодамнешните преместувања и мобилизација на руските сили кон истокот на Украина, како дел од подготовките за пробив и напредок кон запад.

Медијаторите паднаа на испит, можно ли е да се вмеша уште некој?

Со оглед на воено-политичката тврдоглавост на двете страни, досегашните дипломатски напори за зауздување на кризата не се покажаа успешни. Со обиди за посредување особено се истакна Турција, а потоа и Арапската лига, кога арапските министри за надворешни работи допатуваа во Русија и се обидоа да ги приближат руските и украинските ставови. Но ги пречека рускиот одговор дека не станува збор за војна меѓу Русија и Украина, туку меѓу Русија и Западот, на чело со САД.
Војните носат со себе многу изненадувања, влошувајќи го текот на војната и доведувајќи до проширување на конфликтот. Добро е што Кина засега е неутрална, иако неодамнешната посета на американска делегација на Тајван ја испровоцира. Следствено на тоа, Пекинг направи големи воени вежби. Тоа беше порака дека „САД не треба да ги преминуваат своите граници“.

Изненадувања што би можеле да го продлабочат и продолжат украинскиот конфликт

Израелска акција за напад врз иранските нуклеарни постројки е хипотетички можното изненадување што би можело да го прошири конфликтот и да ги засили глобалните превирања. Израел би можел да ја искористи глобалната напнатост за да заврши со ова прашање, кое отсекогаш го загрижувало.
Второ, Северна Кореја не престана со развојот на своите балистички и нуклеарни капацитети, на што САД и Јужна Кореја гледаат како на голема провокација. Пред некој ден Пјонгјанг му се закани на Сеул дека во случај на воена акција против него, тој ќе одговори со својот нуклеарен арсенал. Вашингтон брзо реагираше на оваа закана, најавувајќи дека решително ќе одговори на провокативните акции на Пјонгјанг.
Трето, Москва би можела да најде излез во иницирање и формирање сојуз, во кој би членувале Кина, Северна Кореја, Иран, Сирија, Венецуела и кавкаските земји.
Сепак, во заднина сѐ уште е прашањето за тоа колкава е веројатноста судирот во Украина да се претвори во трета светска војна. Одговорот не може да биде цврсто дециден. Тоа не мора нужно да биде нуклеарна војна, зашто суперсилите се свесни дека доколку биде употребено нуклеарно оружје, тоа ќе значи тотално уништување, со оглед на тоа дека го поседуваат голем број држави.
Според исклучително интересната анализа на „Ал џезира“, сепак, ништо не го спречува избувнувањето на глобална светска војна со конвенционално оружје, која според процени на некои воени стратези би можела да прерасне во „војна со тактичко нуклеарно оружје со ограничен дострел“. Според нив, Русија во иднина би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина, со цел забрзано освојување одредени подрачја, а ваквиот чекор би можел да биде причина за разгорување на војната, затоа што САД веќе се заканија дека НАТО ќе интервенира доколку Русија употреби биолошко оружје во Украина – каква би била дури тогаш ситуацијата, доколку Москва употреби нуклеарно оружје?!
Најпосле, очигледно е дека повторно почнаа да се појавуваат обележјата на новиот глобален мултиполарен поредок, наместо униполарниот свет, предводен од САД.
Но за ова е потребно малку повеќе време, а украинската криза би можела да потрае со години. Воената криза ќе биде проследена со тешка економска рецесија, што ќе остави трага во сите земји во светот.
Според заклучокот на „Ал џезира“, на ред е наредната фаза на конфликтот и „ќе изобилува со настани и изненадувања, во контекст на тоа дека работите се движат во насока на понатамошна ескалација“.