Фото: Н.М.

Агелер: Загубата на толку многу млади животи е страшна трагедија, ги нудиме сета помош и сите ресурси на Амбасадата на САД

Американската амбасадорка Ангела Агелер вчера упати сочувство до семејствата и најблиските на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани.
– Срцето ми се кине за многуте жртви во пожар во ноќен клуб во Кочани. Го упатуваме нашето најдлабоко сочувство до жртвите и нивните најблиски во ова ужасно време, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија – наведе Агелер во објавата на фејсбук-профилот на Амбасадата на САД во Македонија.
Таа наведе дека му ги понудила на премиерот Мицкоски сета помош и сите ресурси на амбасадата, додавајќи оти „упатува молитви за сите што страдаат“.

Сочувство од Амбасада на Русија во Македонија

Со горчина и болка ја примивме веста за страшната трагедија – пожарот на 16 март 2025 година во ноќен клуб во градот Кочани, кој однесе животи на многумина млади луѓе. Во ова тажно време жалиме заедно со македонските граѓани, ја споделуваме болката за голема загуба. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените, се вели во пораката за сочувство испратена од Амбасадата на Русија во нашата земја.

Длабоко сочувство од кинескиот народ

Меѓу првите реакции по трагедијата, пристигна и пораката од Амбасадата на НР Кина во Македонија: Кинескиот народ испраќа длабоко сочувство и жалење за жртвите и нивните семејства и побрзо закрепнување на повредените.

Реакции на ЕУ по трагедијата во Кочани: Европа тагува со вас на овој трагичен ден

Највисоките претставници на институциите на Европската Унија вчера изразија жалење за трагедијата во Кочани и сочувство за жртвите.
– Срцето ми е скршено од загубата на толку млади луѓе во стравотниот пожар во Кочани. Моите мисли се со сите семејства на жртвите од оваа трагедија – наведе претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во објава на општествената мрежа Икс.
Тој додаде дека „ЕУ се солидаризира со народот на С. Македонија во овој момент на тага“.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, порача дека нејзините мисли „утрово се со народот на С. Македонија и со семејствата и пријателите на сите оние што ги загубија животите во страшниот пожар што избувна во Кочани“.
– На сите повредени им посакувам брзо закрепнување. Европа тагува со вас на овој трагичен ден – наведе Мецола во објава на мрежата Икс.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изрази „длабоко жалење за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани“.
Таа во објава на мрежата Икс изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.
– ЕУ ги споделува тагата и болката на народот во С. Македонија – додаде Калас.
„Длабока тага“ искажа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, поради трагедијата во Кочани, изразувајќи и сочувство за жртвите.
– Длабоко сме натажени од трагичниот пожар во Кочани, С. Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе – наведе Кос во објава на мрежата Икс, додавајќи дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија“

Вучиќ: Србија ќе го прогласи 18 март за ден на жалост поради страшната трагедија, сочувствуваме со семејствата на жртвите и со целиот народ на оваа братска земја

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, за трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.
– Изразив искрено сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод страшната трагедија во С. Македонија, која ги погоди длабоко не само луѓето во таа земја туку и сите нас во Србија, кои сочувствуваме со семејствата на жртвите и со целиот народ на оваа братска земја – напиша Вучиќ на општествената мрежа Инстаграм.
– Понудив во име на Србија, а претседателката на С. Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани – додаде тој.
– Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за ден на жалост поради трагедијата и изразив уверување дека народот на братска С. Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ги покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне – заклучи претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Српското Министерство за надворешни работи се огласи со соопштение, потпишано од министерот Марко Ѓуриќ, во кое изрази „сочувство до народот и властите во братска С. Македонија“ по пожарот во дискотека во Кочани.
– Во име на Министерството за надворешни работи на Србија, како и од мое лично име, изразувам длабоко сочувство до народот и властите на С. Македонија за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој однесе десетици животи. Во овие тешки моменти, Србија стои со својата братска С. Македонија споделувајќи ги болката и тагата за оваа невидена трагедија – се наведува во тоа соопштение.
– Република Србија стои цврсто со своите браќа во С. Македонија и е подготвена да ги даде сета потребна поддршка и помош. Нашите мисли се со семејствата на жртвите, на кои им изразуваме искрено сочувство, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Споделувајќи ја тагата од овој неописливо страшен и потресен настан, верувам дека ќе успееме да ја надминеме заедно оваа трагедија, како што го правевме тоа во минатото – се нагласува во соопштението од српското МНР.

Мицотакис и Герапетритис искажаа сочувство и подготвеност Грција да
обезбеди секаква потребна помош

Шефот на грчката дипломатија на својот македонски колега му изразил сочувство за загинатите во несреќата во дискотеката во Кочани.
Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, вчера утрото телефонски разговарал со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во врска со несреќата во Кочани. На својот македонски колега му изразил сочувство за жртвите во несреќата во која загинаа 51 лице, а околу 100 други се повредени. Шефот на грчката дипломатија, како што јавуваат локалните медиуми, за време на телефонскиот разговор со Муцунски изразил подготвеност Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучувајќи и спасувачки тимови и медицинска помош.
Во меѓувреме се огласи и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој изрази „искрено сочувство до С. Македонија“ во врска со несреќата во Кочани, повторувајќи ја подготвеноста на Грција да даде помош.
– Сочувство од срце до народот на С. Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време – напиша Мицотакис во објава на Икс.

Борисов за трагедијата во Кочани: Во најтешките моменти остануваме заедно, нудиме помош и соработка

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, телефонски разговарал со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и изразил искрено сочувство до роднините на загинатите во пожарот во дискотека во градот Кочани, пренесе БГНЕС.
– Во најтешките моменти остануваме заедно и затоа на колегата му ја понудив мојата помош и помошта што Бугарија може да ја даде – рече Борисов.
– Бог да ги прости загинатите. Се молиме за брзо закрепнување на повредените – додаде Борисов на општествените мрежи.
Министерството за здравство на Бугарија соопшти дека „создаде организација за давање медицинска помош, ако е потребно за настраданите од пожарот во Кочани“.
– Во врска со трагичниот инцидент во градот Кочани, формиран е штаб во Министерството за здравство, предводен од министерот за здравство доц. Силви Кирилов. Создадена е потребната организација за да се обезбеди, ако е потребно, целосна медицинска помош на настраданите од пожарот. Министерот Кирилов е во постојан контакт со министерот за здравство на С. Македонија и ја гарантира подготвеноста на Бугарија да даде помош и поддршка. Тој изрази сочувство за жртвите и изрази сочувство до роднините на загинатите – стои во соопштението на бугарското Министерство за здравство.
Исто така, во ова соопштение се укажува дека „се одржани разговори и со раководствата на медицинските установи во земјава за прием и последователно лекување на тешко повредените, но и на помалку повредените. Во готовност се екипите на клиниките за изгореници при Н.УМБАЛСМ. И. Пирогов, ВМА-Варна, како и ’Св. Георги‘ – Пловдив. Центрите за итна медицинска помош и тимовите на Центарот за медицински услуги по воздух исто така се подготвени за да реагираат по потреба“.

Бегај: Молитвите на албанскиот народ се со семејствата на загинатите и повредените во С. Македонија

Албанскиот претседателот Бајрам Бегај изрази сочувство по повод трагичната несреќа што се случи во дискотека во Кочани во која загинаа над 50 лица, а стотици се повредени.
– Моето искрено и длабоко сочувство до семејствата, кои ги загубија своите најблиски и до сите граѓани во нашата соседна пријателска земја. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие да закрепнат бргу и болката во градот Кочани да не се зголемува – напиша Бегај во објава на мрежата Икс.

Мусар: Во ова време на длабока тага, Словенија се солидаризира со С.Македонија

– Длабоко сум тажна поради трагичниот пожар во Кочани, С. Македонија, кој однесе животи на толку многу млади луѓе – напиша на Икс претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар.
Таа изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите, пријателите и целата заедница погодена од овој катастрофален настан.
– Во ова време на длабока тага, Словенија се солидаризира со С. Македонија – додаде Мусар. С.Т.
.