Излезеноста за вториот круг претседателски избори до 9 часот утрово е 4,17 отсто, согласно податоците од 1.009 избирачки места каде гласале 22.797 лица. Најголема е излезеноста во Пробиштип, 8,85, а најмала во Боговиње, 0,57. За парламентарните избори, пак, излезеноста е 4,45 отсто, покажуваат податоците од 1.033 избирачки места каде гласале 25 132 избирачи. Излезеноста е најголема во Кривогаштани, 9,46 отсто, а најмала во Боговиње, 1,43, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
На првата прес-конференција по почетокот на денешното гласање, Даштевски информира дека сите избирачки места се отворени, а на неколку има технички проблеми кои тековно се решаваат од страна на ДИК. Добиени се и 15 приговори за избирачко право од кои само три се одбиени.
– Споредбено со вториот круг претседателски избори од 2019 година излезеноста е намалена за 1,99 отсто. Во однос на парламентарните избори во 2020 година исто така има намалување, за 0,74 отсто – рече Даштевски.
Според него, гласањето на местата каде има технички проблеми ќе продолжи со УВ лампа и спреј, а ако се отстранат недостатоците, ќе проодлжи со техничката опрема. Тие места се 0838/1 во Кочани, 1.252 во Охрид, 1100 во Куманово, 1.977 во Тетово, 2225 во Тетово и 2.544 во Гази Баба.
На новинарско прашање дали можеби има евентуален бојкот на претседателските избори, претседателот на ДИК истакна дека од тоа што може да се види, апсолутно нема.