Избирачкото право што извира од Уставот е право на граѓаните. Уставот не кажува дека е право на партиите или на коалициите да поставуваат услови за начините на исполнување на избирачкото право. Начинот на кој се одвива дебатата или процесот на менување на Изборниот законик, па и иницијативата за една изборна единица, многу наликува на узурпација на избирачкото право од политичките партии, дефинирано со Уставот, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски
Дебатата и гласањето за Изборниот
законик не влегуваат во агендата на активната блокада на Собранието
Минатата недела, министерот за правда Никола Тупанчевски најави изготвување нов закон за избори, во кој ќе бидат вметнати препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Министерот исто така вети и дека политичките партии наскоро ќе добијат покана за учество во работни групи, со цел да помогнат во процесот на изготвувањето на новиот закон. Надоврзувајќи се на оваа иницијатива на министерот за правда, опозициската ВМРО-ДПМНЕ изрази политичка поддршка и волја сериозно активно да учествуваат во изготвувањето на новиот изборен законик. Тие порачаа и дека претходно ќе треба заедно со владејачкото мнозинство да се изгласа предлогот за една изборна единица.
Една изборна единица – многугодишни пречки во Собранието
Иницијативата за една изборна единица е влезена во собраниската процедура како предлог на помалите партии од владината коалиција. Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, неколкупати „се закани“ со преминување во опозиција доколку не биде усвоен неговиот предлог, кој повеќе од една година се развлекува низ собраниските процедури. Веќе слободно може да се каже дека многу години идејата за една изборна единица се наметнува како горлива тема во македонскиот политички простор. Големите партии од македонскиот блок декларативно ја поддржуваат, но не може да се избегне впечатокот дека „им конвенира опструктивноста на партиите од албанскиот политички блок“, а најмногу на ДУИ. Со таква предисторија на предлозите за измена на Изборниот закон, со идеја да се имплементира моделот на една изборна единица, своевидно изненадување претставува неговото актуализирање во Собранието, за време на активна блокада.
– Идејата за една изборна единица во принцип е прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ. Доколку биде постигнат консензус, дебатата и гласањето за овој предлог воопшто не се во спротивност со процесот за активна блокада. Генералниот став за активната блокада е дека се блокираат законите што се штетни за граѓаните, а веќе имаме утврден став дека една изборна единица и менување на Изборниот закон за нејзино имплементирање, секако, се во интерес на граѓаните и демократските процеси. Секако, постојат разни модалитети за концептот на една изборна единица, кои треба да се издебатираат во Собранието, но претходно треба да биде постигнат договор меѓу политичките партии. Колку што сум запознаен, ДУИ не се согласува со концептот на една изборна единица, а и другите партии од албанскиот блок имаат поинакви идеи за менување на Изборниот законик. Доколку биде постигнат договор, активната блокада нема да биде пречка за усвојување на едната изборна единица – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов, кој смета дека гледано од аспект на демократските процеси, една изборна единица секако е подобар и порелевантен изборен концепт, според кој, би се постигнала поправедна застапеност на изборниот глас.
Професор Давитковски: Условот за консензус за Изборниот законик си го измислија самите партии
Од владејачката СДСМ повторуваат дека го прифаќаат предлогот за една изборна единица, нешто што долго време е дел од нивните заложби, но од коалицискиот партнер ДУИ не отстапуваат од позицијата дека „каков модел и да сакаме да воведеме, ќе биде потребен меѓупартиски консензус“, а една изборна единица не влегува во нивната мерка за демократија. Од Алијансата на Албанците се согласни да го менуваат Законот за избори, но наместо една изборна единица, тие предлагаат осум, што дополнително ја усложнува ситуацијата, односно консензусот го прави недостижен.
– Не верувам дека предлогот, т.е. активирањето на процедурата за една изборна единица ќе биде причина за враќање на конструктивноста во работата на Собранието. Како и да се изјаснуваат јавно, една изборна единица не им одговара на големите партии од македонскиот блок, ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ, па како соодветен изговор го наведуваат консензусот што го бара ДУИ. Тој услов за консензус си го измислија самите партии. Избирачкото право што извира од Уставот е право на граѓаните, кое може да го користат активно (преку правото за бидат избирани) или пасивно (да избираат). Уставот не кажува дека е право на партиите или на коалициите да поставуваат услови за начините на исполнување на избирачкото право. Начинот на кој се одвива дебатата или процесот (ако може така да се нарече) на менување на Изборниот законик, па и иницијативата за една изборна единица, многу наликува на узурпација на избирачкото право од политичките партии, дефинирано со Уставот. Всушност, никој не ги прашува граѓаните како сакаат да го користат своето избирачко право. За модалитетите на практикување на избирачкото право не е потребен партиски консензус, туку општ консензус, до кој ќе се дојде преку поширока јавна расправа, за да се види што сакаат граѓаните. И во иницијативите за менување на Изборниот законик се огледуваат слабостите на македонската демократија. Штом нема демократија во партиите, тоа неизбежно се одразува на општото политичко ниво – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.