Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето гостување во радио „Лидер“ зборуваше за претседателот на државата, Стево Пендаровски, каде потенцираше дека тој не може да добие повеќе од два гласа, дури и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее.
– Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го подржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа – истакна Мицкоски.
Мицкоски во текот на своето гостување порача дека во овој момент не треба да се губи време со лик како што е Стево Пендаровски.
-Јас знам што точно зборува Пендаровски, но повторно ќе кажам дали треба човек да во овој момент да воопшто губи време со лик како што е Стево Пендаровски – додаде Мицкоски.
Во врска со изјавата на претседателот на Мицкоски за рејтингот на Пендаровски, стигна став од претседателот, испратен од неговиот кабинет.
– Христијан Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг. Имено и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски. Во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50 отсто понизок рејтинг од партијата која ја предводи. Впрочем, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмината на листата – се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.