Францускиот и франкофонскиот печат по подолг временски период повторно се заинтересираа за случувањата во Македонија, поточно за претседателските избори, кои ги опишаа како „избори со изглед на референдум“ или „се гласа за побрзо приклучување кон Европа“, со анализа дека во срцевината на дебатата е „европската иднина на земјата“
Одгласи во француските и франкофонските медиуми за претседателските избори во Македонија
Француското радио од јавниот сервис Франс интер, инаку најслушаното радио во Франција, во своите утрински вести нагласи дека во Македонија „се одржуваат претседателски избори, кои имаат изглед на референдум“, односно дали да се прифатат или не условите наметнати од Европската Унија за да се приклучи кон Унијата. Во малата балканска земја – кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, бескраен процес – кандидатот на СДСМ, претседателот во излегување, сака веднаш да го смени Уставот за да го убеди Брисел да ја прифати Македонија, додека кандидатот на десницата сака да почека (со уставните измени), јави Франс интер.
Дневниот демохристијански весник „Ла кроа“ во анализата на првиот круг на претседателските избори, како и вестите од „Франс прес“, пренесени од повеќе други француски медиуми, исто така нагласува дека „оваа земја без излез на море, членка на НАТО од 2020 година, е кандидат за Европската Унија од 2005 година, а нејзиното членство е во центарот на овие избори. Вториот круг е закажан за 8 мај, во исто време со парламентарните избори“.
За новинарката на „Ла кроа“ Ањес Ротивел, живеењето во С. Македонија не е долга тивка река, како што би сугерирале нејзината дарежлива природа на езера и планини и нејзината кујна, која е позната како најдобра на Балканот. Оваа среда, 24 април, „Македонците од Север“ излегуваат на гласање за првиот круг од изборите, чија главна тема се врти околу ЕУ, за која Скопје се надева дека ќе ја интегрира од 2005 година, датумот на неговата кандидатура. И досието има мал напредок, иако Европа е приоритет за оваа мала, сиромашна, ретко населена земја (1,8 милион жители), опкружена со пет соседи – Косово, Србија, Грција, Бугарија и Албанија – некои малку и нападни.
– Политичкиот живот во оваа балканска држава од 1,8 милион жители со години е заглавен во дискусии дали да се почитуваат или не условите и барањата од ЕУ и особено од соседна Бугарија.
Бугарија првично инсистираше македонскиот јазик да се смета за прост бугарски дијалект, што Скопје го одби. Потоа, второ, таа побара вклучување на бугарското малцинство во Уставот, со ризик да ги наруши преговорите за пристапување на С. Македонија во Европската Унија.
Двајцата главни кандидати за претседател на оваа земја – која веќе мораше да го смени името за да стави крај на конфликтот со друг сосед, Грција – не се согласуваат за одговорот што треба да му го дадат на Брисел – објаснува АФП.
Два конкурентни пристапа
Според „Ла кроа“, двајцата главни конкуренти за претседателската функција на земјата не се согласуваат околу одговорот што треба да му го дадат на Брисел. Стево Пендаровски, социјалдемократскиот претседател, кој се кандидира за реизбор, сака да го забрза процесот и веднаш да го промени Уставот за да ги придвижи преговорите.
– За време на мојот прв мандат решивме клучно прашање, членството во НАТО. Верувам дека за време на мојот следен мандат ќе успееме да ги затвориме сите поглавја со ЕУ. Тоа нема да биде лесно, но ќе значи поголем просперитет – изјави 61-годишниот универзитетски професор за време на кампањата.
Негова главна противничка е Гордана Силјановска-Давкова (71), поддржана од главната десничарска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Таа не е непријателска кон промената на Уставот, но сака да го направи тоа со задоцнет ефект: усвојувањето ќе стапи во сила само откако С. Македонија ќе биде прифатена како членка на ЕУ.
– Да беше доволно да се смени Уставот за да влеземе во Европската Унија, ние веќе ќе бевме таму – рече таа за време на кампањата, ветувајќи дека „не ги заборава националните интереси“.
Во 2019 година двајцата кандидати пристигнаа речиси изедначени во првиот круг. Но годинава предничи Гордана Силјановска-Давкова со 26 отсто од намерите за гласање, наспроти 16 отсто за Стево Пендаровски.
Во сенката на големите соседи
Понатаму, демохристијанскиот весник потсетува на поновата историја на земјата. Независна од распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во 1991 година, Македонија оттогаш виде дека нејзиниот интегритет честопати се доведува во прашање од најголемиот од нејзините соседи. Дваесет и седум години Грција, која има истоимена провинција, бараше промена на името на државата. Тоа беше постигнато со договорот склучен во јуни 2018 година на брегот на Преспанско Езеро, меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, ратификуван со форцепс во јануари 2019 година.
Откако овој проблем конечно беше решен, соседна Бугарија, пак, стави вето, меѓу 2020 и 2022 година, на отворањето на пристапните преговори поради спор за јазичните и историските прашања. Откако спорот беше решен, започнаа преговорите со ЕУ, под услов – секогаш поставен од Бугарија – Северна Македонија да го признае своето бугарско малцинство во Уставот.
Втор круг на 8 мај со парламентарните избори
Претходно, албанското малцинство (четвртина од населението) започна востание во 2001 година, кое заврши кога неколку месеци подоцна, преку Охридскиот договор, доби Албанците да имаат повеќе права од другите. Така, албанскиот јазик стана официјален заедно со македонскиот во сите општини населени со најмалку 20 отсто Албанци; употребата на албанскиот јазик беше одобрена во парламентот; полициските сили мораа да се состојат од најмалку 23 отсто Албанци; и, конечно, Уставот беше изменет за да им се овозможи на пратениците Албанци да се спротивстават на сите парламентарни одлуки што се однесуваат на нивното малцинство (принцип на „двојно мнозинство“); законите требаше официјално да бидат напишани на македонски и албански јазик.
Покрај референдумот за позицијата што треба да се усвои кон Европската Унија, првиот круг пред сѐ ќе биде можност да се измери тежината на различните партии пред 8 мај, датумот на вториот круг и парламентарните избори.
Покрај двајцата главни кандидати, има уште пет други претенденти, меѓу кои Бујар Османи, министер за надворешни работи, кандидат на албанската партија ДУИ, и Арбен Таравари, поддржан од коалицијата од три партии наречена Влен (Вреди).
Нивната поддршка или не во вториот круг ќе биде клучна, „особено поддршката на албанските партии“, подвлекува АФП, заклучувајќи дека за мнозинството граѓани, земјата мора да престане да гледа како младите си заминуваат.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур