Одгласи по охридската средба меѓу Белград, Приштина и Брисел
Помина безмалку една седмица од долгоочекуваната и долгонајавувана средба во Охрид меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на европски (и американски) посредници.
Една недела подоцна, кога веќе полека спласнуваат впечатоците и издишаа големите очекувања, никој не може да ги обвини дипломатите на ЕУ за искажаниот ентузијазам, преголемите очекувања во пресрет на средбата, ниту некој може да пререче за тоа што во јавноста едногласно сите западњаци истапуваа дека ќе се направи „историски пробив“.
А и медиумите и јавноста пред оваа средба создадоа набиена атмосфера на преголеми очекувања. Балканскиот Регион беше толку многу заинтересиран да му се стави точка на спорот, затоа што токму ова прашање ги тангира сите околни држави (а некои од државите дури ги плаши развојот на овој спор), што во сите држави од регионот секојдневно навивањето за разрешување на косовскиот јазол беше „топ тема“.
Но ништо од сето тоа. А многу опиплив план за остварување беше во игра.
Кои елементи ги содржеше планот чие остварување беше „на дофат на рака“?
Имено, според замислениот план, Србите би добиле заедница на српски општини, автономна општинска асоцијација во Косово, што би му дало на Белград можност за неформален, но дефинитивен глас во внатрешното управување на Косово.
Од друга страна, Србија нема да даде дипломатско признавање на Косово, што впрочем го исклучува нејзиниот устав од 2006 година, но ќе биде обврзана со договор да не се обидува да го претставува Косово на меѓународно ниво, што може да се толкува како де факто признание дека тоа е посебна земја, а не привремено изгубена покраина.
Набљудувачите и аналитичарите во едно се согласија, дека реалните резултати на средбата во Охрид, и покрај светкавата обвивка во која некој сака да го спакува, беа слаби.
За потсетување, на пример, во „светкава обвивка“ средбата ја пакуваше и шефот за дипломатија на ЕУ, Жозеп Борел, кој храбро на Твитер, по еден ден разговори, воскликна: „Имаме договор“!
Но веднаш потоа следуваа лавина прашања – ако има договор, на кој документ се депонирани потписите на засегнатите страни?
Можеби уште поважно, во овој контекст беше што двајцата лидери дадоа контрадикторни изјави околу тоа што се последиците на охридската средба: Курти тврдеше дека добил признавање за Косово, а Вучиќ изјави дека Косово попуштило во врска со долгогодишното прашање за заедницата на српски општини (ЗСО).
Токму за проблемот околу нејаснотиите што произлегоа од текот на разговорите, медиумите го потенцираат и речиси чудниот, речиси синхронизиран молк и од Косово и од Србија, како и од ЕУ. Првите ден-два имаше некакви официјални соопштенија или прес-конференции на кои не се кажа ништо повеќе од соопштението во првите мигови по средбата во Охрид.
Една од дилемите што сега се поставуваат пред јавноста е дали Курти, кој го помина целиот свој политички живот напаѓајќи ги претходните косовски влади дека „му отстапиле премногу на Белград“, сега ќе овозможи во реалноста „создавање ЗСО, без Србија да направи ништо значајно за возврат“?
Од друга страна, не помалку важно е прашањето, дали Вучиќ, кој исто така го помина својот политички живот продавајќи мека верзија на големосрпскиот национализам, ќе биде човекот што го „подари“ Косово?
Одговорите засега се очекуваат со големо внимание, но она што е речиси сосема извесно е дека и двајцата лидери, најверојатно, ќе се кријат зад сопствените гласачи, вперувајќи прст кон ЕУ како виновна и со жалење велејќи дека не можат ништо да направат.
Ќе успеат ли воопшто некогаш средбите меѓу Белград и Приштина?
Резултат од некоја наредна меѓусебна средба меѓу Белград и Приштина ќе биде заемно поволен во оној момент кога „двете страни ќе станат очајни за пробив, за трајно решение“.
Засега и едната и другата страна не е „очајно зрели“, ниту пак „една од двете страни е зрела да излезе од ситуацијата во која се наоѓа“. Имено, тоа не е случај ниту со Вучиќ ниту со Курти.
Но има ли примери на таква зрелост низ историјата?
На пример, историскиот состанок на Евијан од 1962 година, кој ѝ стави крај на Француско-алжирската војна, заврши со пробив бидејќи Франција беше исцрпена од војната во нејзината тогашна колонија. Нејзиниот водач Де Гол сакаше да излезе. Резултатот не беше вистински компромис, Франција ја призна независноста на Алжир.
Англо-ирскиот договор што го уништи ирското републиканско востание во Северна Ирска исто така заврши бидејќи едната страна, Велика Британија, направи големи отстапки во форма на давање на Република Ирска формален збор во водењето на работите на Северна Ирска. Едната страна дојде до масата подготвена да се помрдне.
Во двата случаја, владите исто така попуштија затоа што јавното мислење дома беше поделено и поддршката за континуирана тврда линија исчезна.
Во овој случај, и Вучиќ и Курти не се во таква позиција. Жестокото противење на признавањето на независноста на Косово е лепилото што го држи заедно српскиот национализам. Без него, Вучиќ се соочува со изгледите да заврши како Милошевиќ, чија политичка база се распадна откако Србија ги повлече своите сили од Косово по воената кампања на НАТО.
Вучиќ деновиве не се осврнува многу на Милошевиќ, но се споредува со Никола Пашиќ, српскиот премиер што го надгледуваше проширувањето на Србија во моќна југословенска држава со доминација на Србите по Првата светска војна. И Пашиќ не беше човек што беше специјализиран за правење отстапки на Албанците, Хрватите или на Бугарите.
Курти, исто така, ќе се откаже од својот зацврстен „имиџ“ како човек што зазеде остра линија во однос на Србите, ако направи каква било отстапка кон Белград без српско признавање, седиште во ОН или што било друго опипливо.
Не треба да се испушти од вид дека неговата партија Самоопределување постигна многу малку во однос на економските или политичките реформи. Националистичката карта е единствена што ѝ остана.
Сепак, наспроти ваквите песимистички заклучоци, останува надежта дека можеби и двајцата лидери веруваат дека барем ги омекнале своите гласачи во однос на можноста за компромис на некој иден датум. Р.Н.М.