Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања требаше да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани и личности врз основа на автентични и на докази засновани историски извори. Но нејзината работа уште од самиот почеток беше политизирана бидејќи се измести нејзиното тежиште „од утврдување на историските факти, кон политичките желби и барања.“
Нејзината работа уште повеќе се усложни по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога бугарската страна ги радикализира своите барања, проблематизирајќи ја дури и придавката македонски. (?!) Во овој контекст, двајцата копретседатели на комисијата претходно потврдија дека е договорено заедничко чествување на Григор Прличев, но бугарската страна отстапи барајќи повторно да се дискутира за ликот и делото на Прличев.
Според познавачите, причината за бугарското ретерирање од заедничкото чествување на Прличев е одбивањето да се прифати неговото значење за македонската култура. Ова беше првиот момент што навестуваше дека постојат одредени политички притисоци врз работата на комисијата.
Работата на комисијата беше уште повеќе политизирана од бугарска страна со постојаните изјави за непостоење на македонските историски, јазични и културни особености пред 1944 година. Сериозноста на овие искажувања е уште поочигледна во постојаното барање за т.н. „заедничка историја“ помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Притоа не смее да се заборави дека една од надлежностите на мешаната македонско-бугарска комисија се образовните прашања, односно содржината на историските учебници во двете држави. Познавачите велат дека бугарската страна сака од македонската историографија да го прифати бугарското видување за историјата и тоа да биде соодветно санкционирано во македонските учебници по историја, како што е бугарското барање дека Гоце Делчев бил Бугарин што се борел за правата на македонските Бугари.
По бугарското вето и блокирањето на Македонија на патот кон Европската Унија, работата на мултидисциплинарна експертска комисија уште повеќе се усложни и исполитизира. Бугарската страна постојано уценуваше дека доколку не се прифати барањето за таканаречената „заедничка историја“, ветото нема да биде отстрането. Ова искажување честопати можеше да се насети во изјавите на некои од бугарските членови на споменатата комисија.
За политизирањето на историската комисија, посочија и некои од македонските членови поради што ја напуштија нејзината работа. Во овој контекст, професорот Ванчо Ѓорѓиев јавно ја прекина својата соработка со комисијата, истакнувајќи дека поради политички притисок одредени македонски членови направиле отстапки во полза на бугарското видување на историјата, притоа Ѓорѓиев посочи дека со овој чин биле нарушени македонските позиции втемелени на историски аргументи и дефинирани со црвени линии, кои беа усвоени во македонското собрание.
Последниот чин, кој целосно ја деградира работата на мултидисциплинарна експертска комисија, беше изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека бугарската и македонската влада договориле заедничко чествување на Гоце Делчев. Според Договорот за пријателство, двете страни со заемна согласност ќе организираат чествување на историски настани и личности во духот на европските вредности. Во тој контекст, Драги Георгиев, македонскиот копретседател на комисијата, потврди дека заедничкото чествување на Гоце Делчев било политичка одлука, а не одлука на заедничката историска комисија. Имено, Драги Георгиев потврди дека двете влади донеле политичка одлука за заедничко чествување, меѓутоа комисијата е таа што го подготвува и предлага текстот за заедничкото чествување. Повторно останува нејасно врз која основа ќе биде заеднички чествуван Гоце Делчев и што е тоа што го прави Делчев заеднички за македонската и за бугарската држава?!
Секое вмешување на политиката во историската наука е опасно и штетно. Во рамките на комисијата, врз основа на историските извори, треба да се даде видување за настаните и личностите. Комисијата е таа што го има мандатот за историските прашања, а не политиката. Всушност, редоследот е обратен. Политичкиот став за овие прашања треба да се изгради врз предлозите и видувањата на историчарите, а не обратно.
Историските извори и документи не постојат за да се задоволат одредени политички апетити. Затоа, без препорака на комисијата не може да има заедничко чествување на Гоце Делчев. Комисијата е таа што одлучува, таа е алфа и омега, бидејќи членовите на комисијата, како историчари, ги познаваат историските извори и документи. Доколку не се слуша гласот на комисијата, со намера да се добие динамика во политиката, сосема логично се поставува констатацијата: историската комисија е за да утврдува историски факти, а не да ретушира историја со политички методи!