Настојувањата на Бугарија да го „исчисти“ своето минато од секогаш погрешниот избор на страна во историјата, но и обидите за присвојување делови од историја на други народи, не се невообичаена појава во бугарската историографија. Па, актуелните раширени трендови за ревизија на историјата се чини одат во прилог на премолчување на таквите извежбани фалсификаторски „вештини“, својствени за бугарската историска наука

Бугарска офанзива да го исчисти своето минато од погрешните историски избори

Трендот за толерирање на обидите за ревизија на историјата поврзана со Втората светска војна, што се забележува токму во делот од светот што сака да се нарекува „западнодемократски“, добива сѐ понагласени манифестации.

Со отстранување споменици, Бугарија не
може да си ја смени историјата дека била
„фашистичка држава“

Токму еден таков изблик деновиве е забележан во Софија, Бугарија. Тоа беше повод за заострување на односите и дипломатска „престрелка“ со Руската Федерација. Овој пат повод за почеток на дипломатско-реваншистички релации меѓу овие две, своевремено блиски земји е сквернавењето на споменикот во Софија „на Советската армија – ослободителка од благодарниот бугарски народ“, а дополнето со „иницијатива за негово отстранување“. Таквиот чин и иницијатива за отстранување на споменикот предизвика реакција на руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.
– Ако не беше СССР, од Бугарија ќе останеше само Софиската Област. Бидејќи тогаш, по Втората светска војна, стана збор за поделба на Бугарија и само Советскиот Сојуз не дозволи таа да се подели. Не само што СССР не даде таа да се подели туку ѝ ја остави и добивката Добруџа. Поради тоа, колку и да се сложени односите, потребен е пообјективен поглед на историјата – изјави Митрофанова за овој случај во едно интервју.

Европскиот ревизионизам ѝ годи на бугарската вештина за фалсификување на минатото

Настојувањата на Бугарија да го исчисти своето минато од погрешните историски избори, но и обидите за присвојување делови од историја на други народи, не се невообичаена појава во бугарската историографија. Па современите тенденции на европски план за ревизија на историјата се чини одат во прилог на премолчување на таквите извежбани фалсификаторски „вештини“, својствени за бугарската историска наука. Еден од најакутните примери на европската толеранција на бугарскиот ревизионизам е и фактот што ЕУ ги премолчува (што се толкува како одобрување) историските условувања од оваа нејзина земја-членка за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Во еден од тие услови за Македонија е содржано барањето за отстранување на квалификацијата „бугарски фашистички окупатор“ што се однесува на улогата на Бугарија за време на Втората светска војна, од македонските учебници и споменици.
– Бугарија со демолирање на споменици од нејзината територија и уцените и барањата од Македонија да ги менува сопствените учебници и споменици, настојува да го постигне невозможното – да си го избрише комплексот дека двапати, во пресвртни цивилизациски мигови, била на погрешната страна на историјата. Во таа насока се и обидите на бугарската историографија за релативизирање и изедначување на фашизмот и комунизмот. Самиот факт што во 1996-97 година ги рехабилитираа фашистите од својата историја и ги претставија како жртви на комунизмот, доволно говори за нивната желба да се дистанцираат од сопственото комунистичко минато и од блискоста со СССР. Тоа дистанцирање оди дотаму што се настојува да се прикаже дека Бугарија сама се ослободила од фашизмот, а не го сторила тоа советската (руската) Црвена армија. Воопшто, ревизионизмот сега е тренд и во повеќето посткомунистички земји, сега членки на ЕУ, а е поддржан (премолчано) и од самата Европска Унија. Тоа што ЕУ, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, го прогласи за Ден на Европа, оди во прилог на тенденциите за европско дистанцирање од улогата на Советскиот Сојуз во победата над фашизмот. Бугарија, секако, гледа максимално да ги искористи таквите тенденции, но со декларации и резолуции не може да го избрише своето минато. Тоа што се случило ќе си го носи како бреме низ времето – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Европски резолуции со поддршка за искривоколчување на историските факти?!

Иако навидум во втор план на актуелниот руско-украински конфликт, поранешните тенденции за историски ревизионизам, особено на Втората светска војна, станаа поизразено видливи и причини за отворање некаков паралелен дипломатски фронт за докажување на вистината. Дека се работи за сериозен зафат за менување на историската перцепција на настаните и причините за Втората светска војна, еден од доказите е и Резолуцијата на Европскиот парламент од 19 септември 2019 година за важноста на европското сеќавање за иднината на Европа (2019/2819 (РСП)).
– Неизбежен и непроменлив факт за бугарската историја е дека во 19 и 20 век, Русија ја спасувала Бугарија, дипломатски и воено од нејзините историски грешки. Придружувањето на Бугарија на некаков ревизионистички тренд, со кој се прават обиди да се релативизираат фашизмот и неговите злосторства и да се изедначи со комунизмот, не може го избрише нејзиното минато во двата режима. Бугарија има и фашистичко и комунистичко минато. Тој ревизионизам е силен и е поддржан и од Европската Унија, особено со Резолуцијата на Европскиот парламент од 19 септември 2019 година за важноста на европското сеќавање за иднината на Европа (2019/2819 (РСП)). Со таа резолуција, Русија (односно СССР), всушност, е обвинета за почеток на Втората светска војна, што претставува флагрантен фалсификат на историјата – вели историчарот Александар Литовски.