И во минатото имаше оштетување на бистите во Градскиот парк / Фото: Игор Бансколиев

Физичкото сквернавење и крадење споменици, во политичката реалност во која на Македонија ѝ се наметнува преиспитување (и предефинирање) на сопственото минато како услов за некаква европска иднина, речиси брутално го наметнуваат прашањето дали може навистина физички и политички да ни биде украдена историјата. Имаме ли законски механизми за заштита од кражба на историјата и дали државата ги активира адекватно таквите заштитни можности?

Кражбата и сквернавењето споменици во медиумската црна хроника, па и во полициските билтени, некако се третира како еден од полесните престапи, па сторителите многу често не се ни пронајдени, освен ако самите не сакаат да го експонираат своето (не)дело, испраќајќи некаква порака со тој чин. Деновиве повторно во серијата кратки дневни вести осамна информацијата дека е украден дел од споменикот на народниот херој Орце Николов во Градскиот парк во Скопје. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот е пријавен на 14 март околу 9.30 часот, а „полицијата презема мерки за расчистување на случајот“. И во минатото имаше оштетување на бистите во Градскиот парк. Минатата година, во октомври исчезнаа бистите на македонските револуционери и поети Никола Вапцаров и Коле Неделковски, а непознати сторители го вандализираа и споменикот на Гоце Делчев.
Зачестеното сквернавење на споменичните обележја во една држава, на своевиден начин претставува материјален доказ за односот на државните институции во заштитата на јавниот ред и мир, безбедноста на јавниот простор, но во најголема мера за посветеноста и интересот за заштита на сопственото културно-историско наследство и воопшто на сопствената историја како базична вредност на националното постоење. Преку односот спрема спомениците и споменичните обележја, јавноста ги чита пораките на државата и општеството за улогата на историјата, односно вредностите наследени од минатото во сегашноста што ја живееме и иднината што како нација сакаме да ја изградиме. Физичкото сквернавење и крадење споменици, во политичката реалност во која на Македонија ѝ се наметнува преиспитување (и предефинирање) на сопственото минато како услов за некаква европска иднина, речиси брутално го наметнуваат прашањето дали може навистина физички и политички да ни биде украдена историјата. Имаме ли законски механизми за заштита од кражба на историјата и дали државата ги активира адекватно таквите заштитни можности?

– Ако сакаме, секако дека сме во состојба и имаме можност да ја заштитиме и историјата на Македонија, и спомениците и споменичните обележја. Но текот на политичките настани и зачестените инциденти со сквернавење на спомениците покажуваат како да не се сака да се искористат механизмите за заштита на историското и културното наследство на Македонија. Кога власта во Македонија самата ги бруси спомениците, поради барања на соседни држави за нивна историско-политичка рехабилитација, едноставно испраќа порака дека не е заинтересирана и не сака да ги искористи механизмите што ги има за заштита на културно-историското наследство. Власта беспоговорно ги спроведува барањата на меѓународната заедница, за просторно и временско ограничување на историското право на Македонија и Македонците, преку соседските договори со Бугарија и со Грција. Таквите барања за самооткажување на македонскиот народ од сопствената историја е поврзано со тоа што Западот не сака да си ја признае грешката што ја распарчи Македонија по Балканските војни, односно по Првата светска војна. А актуелната власт во Македонија, за да остане власт, едноставно не ги активира механизмите за заштита на сопствената историја, не реагира на историските лаги што ги шират соседите (како онаа за наводно 20.000 убиени Бугари во Македонија, за што нема никакви документирани историски докази) и замижува на сквернавењето на спомениците, одбива финансирање традиционални културни манифестации што го афирмираат македонското културно наследство и дури поттикнува процеси за преиспитување и ретуширање на македонската историја (преку постоењето и работата на заедничката историска комисија со Бугарија). Јавното мислење, т.е. народот е вознемирен и реагира на таквата политика што многу наликува на бришење на историјата, а продолжувањето на таквиот однос на власта спрема македонската историја создава аргументи да биде квалификувана како ненародна власт – вели универзитетската професорка и историчарка Наде Проева.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека кражбата на историјата во Македонија, материјално-физички преку кражба на споменици и политички, со изнудени процеси за историска ревизија, е последица на општествените состојби со кои велепредавството станало системска вредност.
– Кога велепредавството ќе стане системска вредност, а самите им асистираме на Софија и Атина во уништувањето на македонското културно-историско наследство, за очекување е сите што крадат, демолираат, продаваат сѐ што е споменик и споменично обележје на историјата и културата на Македонија да бидат охрабрени во вандалскиот чин. Рибата секогаш смрди од главата. Законски механизми за заштита на историјата и сѐ што претставува историско обележје секако дека постојат, но очигледно нема политичка волја тие да бидат ефикасно активирани. Спомениците и споменичните обележја се непроценлива општествена вредност, но, за жал, некои од нас влегоа во велепредавство на историјата и културата на Македонија – вели Тодор Петров.