Овој настан стана пресвртница во Шведска во неколку сегменти поврзани со организирање приватни забави во објекти од јавен карактер. Подигнати се стандардите во делот на противпожарна заштита, особено излезите за итни случаи. Историјата би требало да биде учителка, а не да ни се повторува, вели Ацо Каланоски, наш известувач од Шведска
Пожарот во македонскиот клуб во Гетеборг – настан што беше пресвртница во Шведска за стандардите за организирање приватни забави во објекти од јавен карактер
Пожарот во македонскиот клуб „Гоце Делчев“ во Гетеборг се случи ноќта помеѓу четвртокот на 29 октомври и петокот на 30 октомври 1998 година. Вкупно 63 лица загинаа, а 214 беа повредени. Пожарот избувнал во просториите што биле изнајмени, за вечерта да се користат како дискотека. Приближно 398 млади луѓе на возраст од 12 до 25 години беа на забавата, а имало одобрение (според регулативите) за само 150 лица.
Полициската истрага започна во три часот таа ноќ и подоцна ќе биде опишана како најголема интервенција на шведската полиција за жртви на криминал на сите времиња. Беа направени речиси 2.000 разговори, а повеќе од 100 полицајци работеа на случајот. Утрото на 30 октомври Гетеборг беше прогласен за град на жалост. Вечерта во катедралата во Гетеборг се одржа комеморација, на која присуствуваше и премиерот Горан Персон. Во текот на следните два дена беа поставени над 100 кризни телефонски линии; работа што продолжи во различни размери во следните две години.
– Овој настан стана пресвртница во Шведска во неколку сегменти поврзани со организирање приватни забави во објекти од јавен карактер. Подигнати се стандардите во делот на противпожарната заштита, особено излезите за итни случаи. Настанот мора да биде обезбедуван од специјализирана агенција што води сметка за бројот на лица што смеат во еден момент да бидат во просторијата. Присуство на малолетни лица и точењето алкохол се предмет на најригорозна контрола, ни изјави Ацо Каланоски, аналитичар и наш известувач од Гетеборг, Шведска.
Во истиот контекст, Тане Ангеловски, претседател на македонското друштво „Гоце Делчев“ од Гетеборг, специјално за „Нова Македонија“, вчерашниот трагичен настан од несогледливи последици во Кочани го спореди со трагедијата од 1998 година во македонскиот клуб во Гетеборг.
– Секоја година присуствувам на комеморацијата на жртвите од овој трагичен настан што го стресе Гетеборг. Секоја година ми поминува истата мисла и го преживувам истото. Просториите на клубот редовно ги издававме за организирање приватни забави. Без оглед што се покажа дека пожарот бил подметнат поради најбанални причини и организаторот направил сериозни пропусти преместувајќи го мебелот во коридорите за итни случаи, секогаш се навраќам на истото. Да не го изнајмевме просторот, овие деца ќе беа живи – ни изјави Тане Ангеловски, претседател на македонското друштво „Гоце Делчев“ од Гетеборг.
Можеше ли да се спречи трагедијата во Гетеборг?
Просториите, кои му припаѓаа на македонското друштво, беа изнајмени неколку недели пред пожарот, од страна на млади луѓе што живееја во Гетеборг, со цел организирање приватна роденденска забава. Всушност, тоа беше дискозабава организирана на 29 октомври 1998 година во врска со Денот на сите светци. Организаторите се состанаа во 18 часот за да го конфигурираат местото на забавата. Имено, за да се зголеми слободниот простор, голем број столчиња и маси беа преместени до скалите (излезите) за итни случаи. Тоа беше направено до тој степен што скалилата (излезите) беа целосно блокирани. Веднаш во главниот влез на објектот беше поставена маса на која се плаќаше влезница. Ова ја ограничи (ја стесни) ширината на преминот во просториите на само околу 60 см, иако самата врата беше 84 см. Првите посетители пристигнаа нешто пред 21 часот, а приемот исто така се одржа околу ова време. Бројот на луѓе на забавата постојано растеше во текот на целата вечер, од околу 50 во 21.30 ч. на околу 150 луѓе во 22.15 часот. До 23 часот, местото на одржување стана преполно. Извештајот од полицискиот распит покажува дека на забавата кога избувнал пожарот имало 398 лица. Од нив, најмалку 372 биле во салата.
Пожарот во македонскиот клуб бил подметнат, но трагедијата била поголема поради непридржување до стандардите поврзани со организирање приватни забави во објекти од јавен карактер
Четири млади луѓе беа осудени во окружниот суд во 2000 година за подметнување пожар. Причината поради која го сториле тоа е што на еден од нив му бил забранет влез на забавата и затоа сакал да се одмазди. Пожарот бил запален во мебел што блокирал итно бегство од местото на забавата. Во 23.42 часот, приближно 10–20 минути по подметнувањето на пожарот, се огласил првиот аларм. Нешто повеќе од седум минути подоцна, на местото на пожарот пристигна првата противпожарна служба. Надлежните иницираа мерки за спасување и околу 60 луѓе беа брзо евакуирани и спасени од зградата. Околу десет амбулантни возила се префрлија помеѓу местото на пожарот и блиските болници, додека автобуси и автомобили ги превезуваа оние со полесни повреди. Неколку минути по два часот по полноќ, пожарот е прогласен за изгаснат. Набргу по ова од местото на несреќата биле пренесени и последните повредени.
Иако Шведска е високоорганизирана држава и таму функционира системот во висок степен и во повеќе сегменти, сепак нивото на организираност и контрола на стандардите тогаш потфрлиле. Во тој контекст, нагласуваат нашите соговорници од Шведска, „надградбата на сигурносните и безбедносните стандарди за граѓаните не треба да биде фиксна категорија. И тој дел системски се развива, се менува на подобро, се приспособува кон новите текови и технологии и, најважно од сѐ, постојано се контролира сѐ, за граѓаните да можат да бидат во што поголем степен заштитени и да градат доверба кон своите институции“.