Френсис Фукујама, истакнат американски политиколог, експерт и филозоф, неодамна изјави дека една поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет. Притоа, тој направи и паралела на руската инвазија врз Украина и бугарската блокада на Македонија, извлекувајќи доста сличности. Ваквите тврдењa не ѝ се допаднаа на официјална Софија, која, според нејзината позната стратегија на извртување на тезите, го впери прстот кон Македонија и пак удри по послабиот
Бугарското министерство за надворешни работи неодамна осомничи неколку македонските политичари и општественици дека со нивните коментари водат „злонамерна кампања“ против Бугарија за „распалување антибугарски чувства“ во Македонија. Притоа, бугарското МНР изрази загриженост дека се правеле обиди за намерна злоупотреба со трагичните настани во Украина како резултат на руската воена агресија. Како повод послужија неколкуте коментари што ги изедначија бугарските негирања на македонските национални особености со руските лекции за украинската историја и државност. Меѓутоа, бугарското соопштение е испратено на сосема погрешна адреса. Зад изјавите на кои реагира бугарското МНР стои сосема друг автор од Америка. Доколку не се согласува со ваквите изјави на американскиот експерт, тогаш веројатно Софија треба да се обрати до Стејт департментот, до Вашингтон, до Белата куќа, наместо напразно да го вперува прстот кон Македонија. Но со ова Бугарија само уште еднаш потврди дека и понатаму се служи само со стратегијата на извртување на тезите, со цел прикривање на историските факти и историската вистина што не се во нејзина полза.
Имено, Френсис Фукујама, истакнат политиколог, експерт и филозоф, за Радио Слободна Европа изјави дека една поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет. Неговото искажување беше пренесено во повеќе македонски медиуми, а македонски политичари и општественици само го цитираа истакнатиот американски професор, политиколог и експерт. Дали со ваквата своја експертска и научно поткрепена анализа Фукујама води „злонамерна кампања“ против Бугарија и „распалува антибугарски чувства“?!
Кој е Френсис Фукујама?
Светската слава ја стекна со објавувањето на книгата „Крајот на историјата и последниот човек“, во која тврдеше дека либералната демократија е крајна точка на општествената еволуција на човештвото. Во изминатите години делумно ги промени своите позиции, но и понатаму тврди дека либералната демократија нема идеолошки соперник.
Фукујама учествуваше во идеолошкото оформувањето на т.н. неоконзервативизам, кој имаше влијание во администрацијата на американскиот претседател Џорџ В. Буш, особено во американската надворешна политика. Во одреден период, Френсис Фукујама беше еден од советниците на Буш. По американската инвазија врз Ирак, постепено се дистанцира од неоконзервативизмот, видливо во неговата книга „Америка на крстопат: демократија, моќ и неоконзервативното наследство“, објавена во 2006 година. Една од главните тези на Фукујама во ова дело е дека Соединетите Американски Држави треба почесто да ја користат т.н. мека моќ преку промовирање и поддржување на демократијата низ светот.
Работеше како професор и раководител во неколку значајни американски универзитети, а од 2019 година е директор на програмата за магистерските студии, отсек меѓународна политика, при универзитетот „Стенфорд“ во САД.
Френсис Фукујама: Мислам дека од таа перспектива е доста слично!
Во почетокот на март, Френсис Фукујама во придружба на повеќемина истакнати американски професори од „Стенфорд“, го посети Скопје. Нивната посета на Македонија беше по повод одржувањето на „Лидерската академија за развој“, која се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Фукујама и другите американски експерти исто така одржаа и средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски, на која се разговараше за глобалните предизвици, внатрешната политика на САД, развојните тенденции во меѓународниот поредок.
Во овој период, Радио Слободна Европа го објави неговото интервју, во кое меѓу другото Фукујама истакна: „Мислам дека има многу сличности, бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија, и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот н наратив и тоа да не биде диктирано од другите земји, од други поголеми земји, кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично.“
Бугарските обвинувања на погрешна адреса
Изјавата на Френсис Фукујама беше пренесена од повеќе медиуми, а неколку македонски политичари и општественици потоа го цитираа неговото искажување, притоа не смее да се заборави дека станува збор за светски истакнат и признаен познавач на меѓународните односи. Очигледно е дека соопштените на бугарското министерство за надворешни работи и другите објави од бугарските кругови за „злонамерна кампања“ против Бугарија и „распалување антибугарски чувства“ немаат основа. Впрочем, дека Бугарија го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет, овој пат не велат македонските, туку светските експерти. Затоа бугарските обвинувања се испратени на погрешна адреса. Д.Ст.