Уште само неколку часа остануваат до крајниот рок, кој истекува денеска на полноќ, за претседателствувањето на Франција со ЕУ. Значи ли тоа дека истата временска рамка се совпаѓа и со рокот за игнорирање или отфрлање на францускиот предлог како рамка за македонските евроинтеграции, во кои целосно беа стипулирани и бугарските уцени, а кои сега станаа интегрален дел од „европски предлог за интеграција“ на Македонија кон ЕУ? Како и да е, суштински е чекорот што отфрлањето на „француската рамка“ веќе се случи официјално, со изјавата на нашиот премиер, кој заедно со највисоките државни институции ги детектираа криминалните аспирации на Софија што беа вметнати под обландата спакувана од Унијата во формалноправен акт, со кој се сакаше да се фингира „забрзувањето за нашата земја на пристапните патишта кон ЕУ“
Одбројување на последните часови од француското претседателство со ЕУ
Уште само неколку часа остануваат до крајниот рок, кој истекува денеска на полноќ, за претседателствувањето на Франција со ЕУ. Значи ли тоа дека истата временска рамка се совпаѓа и со рокот за игнорирање или отфрлање на францускиот предлог како рамка за македонските евроинтеграции, во кои целосно беа стипулирани и бугарските уцени, а кои сега станаа интегрален дел од „европски предлог за интеграција“ на Македонија кон ЕУ? Како и да е, суштински е чекорот што отфрлањето на „француската рамка“ веќе се случи официјално, со изјавата на нашиот премиер, кој заедно со највисоките државни институции ги детектираа криминалните аспирации на Софија што беа вметнати под обландата спакувана од Унијата во формалноправен акт, со кој се сакаше да се фингира „забрзувањето за нашата земја на пристапните патишта кон ЕУ“.
Францускиот предлог е далеку од правото, принципите и меѓународноправните стандарди и правдата
Она што во моментот треба да се направи, според експертите, е всушност, ништо да не се направи!
Треба да се истрае и да не се потпише, ниту да се даде согласност за каков било акт или протокол во врска со предлогот на Франција. Но експертите сигнализираат со предупредување дека доколку не се потпише и протоколот, тогаш „европската администрација ќе смета дека Македонија ги одбила условите што ЕУ ѝ ги понудила на Македонија за почеток на преговорите!“. Дури, нивната малку порадикална интерпретација би била и дека „Македонија ги одбила ЕУ-условите за членство во Унијата“, односно дека од тој момент на одбивањето на потпишување и согласност со понудената рамка „македонската држава се враќа назад, на почетокот од процесот“! Тоа, се разбира, нема да биде враќање на апсолутниот почеток, туку, според соговорниците, францускиот предлог ќе стане модел (почетна точка) за идните преговарачки позиции на Софија, но и на Брисел!
Токму тоа би било и најсилната последица од нашето прифаќање за водење преговори за францускиот, односно сега европскиот предлог. Имено, последицата од тоа би била т.н. „европеизација“ на бугарските барања, бидејќи сега ЕУ доби модел со кој во иднина ќе се решава проблемот на пристапувањето на Македонија во Унијата. Некои експерти по меѓународно јавно право се уште порадикални во своите заклучоци и констатираат дека, всушност, со ова „нашата држава ги одбила условите за членството во Унијата, според условите поставени од ЕУ“. Тие одат уште понатаму, тврдејќи дека ова претставува „де факто“ крај на ЕУ-перспективите на Македонија?!
Но, од друга страна, прифаќањето на француско-бугарската, односно европската преговарачка рамка, ќе значеше и крај за македонскиот јазик, историјата, нацијата и идентитетот. Затоа, меѓународноправните експерти со кои се консултиравме, поаѓајќи од највисоките норми на меѓународното право (јус когенс), со полн научен и интелектуален авторитет тврдат дека на државата и на нацијата им беа понудени нелегален договор и протокол ништовен по својата природа, а дека Македонија покажала конечно дека има капацитет да гради одржлива држава и нација со свој јазик и историја, во согласност со меѓународното и со своето внатрешно право.
Од самиот почеток на понудената француска рамка, а особено со
вметнатите бугарски барања, „преговорите со ЕУ беа бесмислени“
Поставената преговарачка рамка, по предлогот на Макрон, во правото се нарекува „услов што не може да се исполни“. Таквиот договор, според меѓународното право, е генерално ништовен. И, се разбира, не произведува правно дејство. Иако македонската страна тоа брзо го детектира, меѓутоа сепак се двоумеше да го сподели со јавноста или остро да реагира кон другата договорна страна, оти, сепак, висеше „Дамокловиот меч“ на т.н. протокол. Тоа е акт што може да го потпишат и министрите за надворешни, бидејќи е од оперативен карактер, но секако предизвикува обврски. Треба да се има предвид дека сепак, според експертите со кој се консултиравме, еден таков потпишан протокол би бил валиден за ЕУ, за меѓународната заедница, а и за ООН. Но таквиот протокол, како договорен акт меѓу две влади или две министерства за надворешни работи, во меѓународното право може и натаму (иако склучен и потпишан) да се побива, поради тоа што е „ништовен во моментот на склучувањето“. Процедурата тогаш е малку различна. Но е поедноставна, почиста и појасна ситуацијата, доколку нашата страна, како исклучително загрозена (како во случајов), се охрабри да не го потпише и протоколот. Токму со тоа ќе биде испратена во меѓународната и во домашната јавност силна порака дека „замижување веќе Македонија нема да прави“ и дека без клучните три барања (јазик, историја и отворање на Уставот), македонската страна нема да продолжи со разговорите и дека Резолуцијата во македонскиот парламент е алфа и омега за градењето на понатамошните односи со Унијата.
Стравувања до последниот момент
Една од претпоставените опасности, скицирани во многубројните сценарија по бриселското „не“ на премиерот Ковачевски, е дека од македонската страна (од премиерот или од Министерството за надворешни работи), сепак, до крајот на француското претседателство, но и потоа, со ЕУ би можело (под некакви околности на притисок) да биде потпишан протокол со кој се прифаќа контроверзна преговарачка рамка, уште дополнета со новите бугарски услови за македонскиот јазик и историјата, како најтежок облик на уцена за македонските евроинтеграции. Загриженоста во македонската јавност произлегува од фактот што протоколот е вид на договор што се воспоставува на ниво на двете министерства (македонското и бугарското) и, по дефиниција, може да биде потпишан без согласност на парламентот. Но, со оглед дека одобрувањето на предложената преговарачка рамка со ЕУ за Македонија се случи во бугарското собрание, се наметнува дилемата дали навистина со завршување на француското претседателство „пропаѓа“ и предлогот ако нема согласност од македонска страна.
– Формално, да – ако нема согласност од една страна, пропаѓа предлогот. Но сметам дека во случајот ЕУ е подготвена и да нѐ почека, односно да не нѐ ограничува со рокови за прифаќање на предложената преговарачка рамка. Исто така, формалноправно, министерот за надворешни работи има право да го потпише протоколот (со дозвола од премиерот) без согласност на Собранието. Но имајќи ја предвид процедурата што овој предлог ја мина во бугарското собрание, сметам дека за документ од ваков вид, Македонија не смее да даде согласност без да помине во Собрание. Со предложената форма и содржина на протоколот и понатаму немаме никакви гаранции дека уцените од Бугарија и ЕУ ќе престанат, а да не зборуваме за продолжувањето со негацијата на македонскиот јазик и историја. Всушност, во вака поставените услови во ЕУ, нема потреба да брзаме со одлуките. Предлогот во секој случај е неприфатлив за Македонија, а со него влезот во ЕУ не ни е поблиску туку подалеку, дури и да добиеме датум за почеток на преговори. Лицемерно е од ЕУ што застана зад барањата на Бугарија, иако постојано вели дека нѐ сака и дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата. Време е нашето барање за членство во ЕУ малку да го ставиме во фиока, да ферментира и да го активираме кога ќе се наредат поинаку коцките за прием, во наш интерес – вели универзитетската професорка Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Со завршувањето на француското претседателство со ЕУ, не може да се
каже дека е надмината опасноста за потпишување на протоколот
Иако протокол или договор, како договорен акт меѓу две влади или две министерства за надворешни работи, во кој е содржан „услов што не може да се исполни“, според меѓународното право е генерално „ништовен во моментот на склучувањето“ и оттаму не произведува правно дејство, треба да се има предвид дека преговарачката рамка е прифатена во бугарското собрание, а тоа за бугарската влада е нешто од што нивната дипломатија не смее да отстапи ни за милиметар. Предизвикот што се поставува во евентуалните понатамошни преговори е кој ќе го врати тркалото назад, особено кога тоа се стркалало низ бугарскиот парламент.
– Со завршувањето на француското претседателство со ЕУ, не може да се каже дека пропаѓа и предложената преговарачка рамка за Македонија и дека е надмината опасноста за потпишување на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство. Доколку не бидат отворени преговорите со Македонија и со Албанија до крајот на француското претседателство, тоа како еден од приоритетите го презема наредното претседателство со Унијата, тоа на Чешка. Францускиот предлог и понатаму ќе биде основата од која ќе се водат понатамошните преговори и усогласувања. Нема простор за опуштање на македонската јавност во однос на стапиците содржани во францускиот предлог. Разликата е во тоа што сега пораките, наместо од Париз, ќе доаѓаат од Прага. Во ваква ситуација, треба да се размислува на прекин на разговорите со ЕУ, околу една тема провоцирана од Бугарија – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
За поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, притисокот за почеток на преговорите со ЕУ претставува ставање на Македонија во „цајтнот, кој не треба да се прифати и верификува“.
– Покрај сите изјави, реакции, (не)добронамерни совети за протоколот и преговарачката рамка, официјално предложена од Франција, остана нејасно дали тој документ го виделе и го одобриле и другите членки на ЕУ. Ако е тој одобрен од сите членки, тогаш тоа е официјален став на ЕУ за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата и чешкото претседателство би требало да продолжи да работи на тоа врз основа на францускиот предлог. Овој предлог е неповолен и неприфатлив за Македонија и без новите услови што ги додаде бугарското собрание при неговото гласање и привидното повлекување на ветото. Ние не смееме да брзаме и да одлучуваме под притисок, ставени во „цајтнот“ да прифатиме и верификуваме документ со кој се откажуваме од целиот национален идентитет, но и од правата и придобивките што ги имаме со меѓународното право – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.