Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очигледно феноменот на широката амнестија за функционерите или поддржувачите на ДУИ остава сериозна трага врз владеењето на правото во државата, а забелешките од меѓународниот фактор, сепак, сигнализираат дека ваква Македонија, со вакво селективно владеење на правото, не само што не може да ги почне преговорите со ЕУ туку ќе остане во стагнација со години, и тоа поради фактот што се блокира самата себеси однатре, а не однадвор

ДАДЕНАТА АМНЕСТИЈА НА ОНА ВО 2001-ТА НЕ ЗНАЧИ И ПЕРМАНЕНТНА НЕКАЗНИВОСТ И ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ПРАВДАТА ЗА ДУИ

Неселективната правда е клучниот фактор за градење здрав правен систем во една држава, кога правото и законите се применуваат врз секој што направил каков било прекршок или казниво дело, без оглед дали е обичен граѓанин или, пак, политички функционер.
И сето тоа важи во модерните демократски држави, кон кои целиме и ние. Сепак впечаток е дека во Македонија владее исклучиво селективна правда, односно правда што ги стига само обичните граѓани, кои не можат да кренат глава од судски процеси, пресуди и извршители, и тоа за прекршоци за кои е предвидена минимална казнивост.
Во исто време, за функционерите од ДУИ како да важи продолжена правна амнестија уште од 2001 година, кога припадниците на ОНА беа амнестирани за терористичките напади во земјава, по што истата политика на неказнивост продолжи и врз оние што униформите ги заменија со скапи костуми и седнаа во Собранието и Владата, како и на чело на поголемиот број државни институции. Едноставно се добива впечаток како во државава да постои посебно заштитена политичка структура врз која не може да се примени правниот систем на Република Македонија. За ова има и редица примери.
Тоа го потврдуваат и последните случувања со образовното унапредување на синот на собранискиот спикер, со дивеењето и бегањето од полициска патрола на синот на заменик-министерот за внатрешни работи, за што, како по обичај, никој не презема одговорност.
Оваа недопирливост на функционерите на ДУИ и на нивни блиски роднини трае со децении, буквално од првиот ден откако се на власт, наметнувајќи еден агресивен начин на однесување и владеење на кој ниту една државна институција не може да му се спротивстави, а ако се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со однапред загубена битка. Таков беше обидот да се направи контрола за работењето на Финансиската полиција, што резултира со назначување нов шеф на Обвинителството за борба со организираниот криминал и корупцијата. Но и изборот на новиот обвинител не помина без политички импликации, се појавија слики и докази за блискост на новиот обвинител со структури од ДУИ и сето тоа фрли темна дамка на целиот избор. За ова реагираа и странските дипломати во државата.

Амнестија со широк спектар и неограничен рок

А целата таа работа на неказнивост и недопирливост за правдата почна веднаш по воениот конфликт од 2001 година. Тогаш припадниците на паравоените формации на ОНА добија амнестија за периодот на конфликтот и тука требаше да заврши целата работа околу неказнивоста и неселективното владеење на правото. Но, очигледно, оние што се дрзнаа со оружје да освојуваат територии, истата дрскост на непочитување на државата и законите ја манифестираат и потоа преоблечени во костуми како цивили. За нив како никогаш да не заврши амнестијата. Ако во 2001 година направија територијална агресија врз земјата, сега ја заробија институционално, бидејќи за нив нема никаква одговорност. Доволно е да се споменат само четири те хашки случаи за сторени воени злосторства против човештвото, кои требаше правно да се процесираат и поведат, но тоа не се случи никогаш. Симптоматично и чудно е тоа што против ниту еден припадник на ДУИ не е поведен каков било правен процес, иако партијата е повеќе од 20 години во власта, додека за сите други функционери имаше куп случаи.
Симптоматично беше што ниту еден од клучните функционери од ДУИ го немаше во таканаречените „бомби“, што јасно кажува дека никој не сака да се замери со партијата што вечно владее со Македонија и е, со спортски жаргон кажано, фикс-победник на македонската политичка сцена.
Тоа што постојано испливуваат афери со голем број незаконски тендери, афери со станици за технички преглед, трговија со енергенти на штета на државата, инциденти со превозници со човечки жртви, кражби на струја, неплаќање на даноци, тепање полицајка само затоа што уредно регистрирала неправилно паркирање, напад врз првиот човек на РКЕ оти некому му пропаднал бизнисот поради високите цени на струјата, бесправно градење во заштитени подрачја, национални паркови, отворени закани и пцости кон новинари, очигледно не се доволни причини за Обвинителството да го стави прстот на главата и да се запраша дали навистина овие луѓе се толку безгрешни и дали не треба да се направи барем обид за утврдување некаква одговорност.Зашто списокот на гревовите и злоупотребите на функционери од ДУИ е долг и широк и претходно наброените случаи се само мала палета од сомнителни активности за кои никој не смее да зуцне, а не, пак, да поведе постапка и да го казни оној што го прекршил законот.
Дури и оние што повикуваа на нови оружени дејства со чизмите на таванот, со воените пленови од 2001 година, си останаа во своите удобни фотелји во разни управни одбори, со дебела плата и хонорари, додека народот тоне во сè поголема сиромаштија.

Владејачките коалиции да не бидат во заложништво на криминал и корупција на „вечниот коалициски партнер“

Очигледно феноменот на неограничена амнестија за функционерите на ДУИ остава сериозна трага врз владеењето на правото во државата, а забелешките од меѓународниот фактор, сепак, сигнализираат дека ваква Македонија, со вакво селективно владеење на правото, не само што не може да ги почне преговорите со ЕУ туку ќе остане блокирана со години, и тоа блокирана самата себеси однатре, а не од надвор.
Владеењето на правото мора да важи еднакво за сите, да не познава етничка, политичка или каква било определба. Секој што го прекршил законот, па дури и да е од ДУИ, мора да одговара и да преземе одговорност.
Како што на икс граѓани им била исклучена струјата затоа што не платиле три сметки, така треба да им биде исклучена струјата на цели населби што со децении краделе струја, а не плаќале ниту денар. Згора на тоа, не плаќале ниту данок на државата, а во исто време рудареле криптовалути и се богателе на нелегален начин. Тоа најдобро се гледа и со неиздавањето фискални сметки на одредени територии на државата каде што важи некоја парафискална дуи(нг) политика и каде што УЈП нема никакви ингеренции, без оглед колку да тврди дека ги следи сите финансиски трансакции.
Единствено логично решение на оваа системска неказнивост е конечно да профункционира правната држава еднакво за сите, а не функционерите на одредена политичка партија да бидат заштитени како бели мечки и целосно изземени од правниот систем.
За адвокатот и добар познавач на судските состојби во земјава Звонко Давидовиќ, главната причина за продолжениот ефект на неказнивост на функционерите на ДУИ треба да се бара кај поголемите македонски партии, на кои последните 20 и нешто години интегративците им се редовен коалициски партнер во власта.
– Македонија е во заложништво на неколку политички партии што се еднакви и блиски по својот коруптивен карактер и по немање желба кај нив за зачувување на државните интереси. Кај овие партии постои желба само за задоволување на нивните приватни, лични или фамилијарни интереси. Таа неказнивост на функционерите на ДУИ не произлегува од оваа партија, туку произлегува од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи овие партии се тие што прават коалиција со ДУИ и интегративците им се постојано потребни, па затоа ги аминуваат сите нивни криминални однесувања – вели Давидовиќ.
Според него, секогаш кога се потребни гласови за некои одлуки, тоа е секогаш можност за партиско преговарање и тука се толерира што и да направи коалицискиот партнер, па дури и кога станува збор за најбанални прекршувања на законот.
– Не е работата дека ДУИ се наметнало толку многу, па никој ништо не му може, туку партијата што е со ДУИ во коалиција на власт не дозволува да се спроведе законот, бидејќи им треба како коалициски партнер и мнозинство за влада. Секогаш е исто. Нашите партии ги држат заштитени функционерите од ДУИ – категоричен е Давидовиќ.
Тој уште додава дека во едни вакви услови на невладеење на правото и селективна правда, Македонија нема перспектива во преговорите со ЕУ.
– Ние не чекориме кон правна држава. Ние имаме заробени институции, а ако го погледнеме извештајот на ЕУ, сè ќе ни биде јасно. Во извештајот на Прибе и во сите извештаи на ЕУ стои дека правната рамка е доволна да бидат преземени некои дејства, но ние не ги преземаме, односно не го почитуваме законот. Решението да ѝ се стави крај на оваа продолжена амнестија на функционерите на ДУИ е во доследно и неселективно почитување на законот. Сите оние што го прекршиле законот и направиле некаков криминал, треба да одговараат и да биде утврдена одговорност за секој поединец, оти историјата ќе ни се повторува постојано. Ако министер што е од ДУИ не му одговара на премиерот, туку на лидерот, тоа е погубно за една држава – заклучува Давидовиќ.


Нанев: Не ни недостигаат закони, туку нивна имплементација

Судии, обвинители и претставници од Министерството за правда од денеска ќе бидат дел од скрининг-процесот во Брисел, најави претседателот на Основниот суд – Кавадарци, наедно и професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Лазар Нанев.
Тој смета дека на земјата не ѝ недостигаат закони, туку инклузивен начин на нивна имплементација.
– Токму за ова прашање, кое ми го поставивте во Брисел, ќе се разговара за поглавјето 23, бидејќи нашата делегација, судии, обвинители и од Министерството за правда ќе бидат дел од скрининг-процесот. Најсериозниот проблем е во делот на имплементацијата на законските решенија. Нам не ни недостигаат закони, ни недостига еден инклузивен начин на имплементација на законите, но и недостига и квалитетен кадар, кој треба да ги имплементира сите овие закони. Меѓутоа кога се гледа генерално сликата за правосудството клучен проблем се и ресурсите, односно начинот на кој се менаџира генерално правосудниот систем – истакна Нанев.