Во соседна Албанија наскоро ќе се отвори ново воено упориште на САД – штаб за специјални операции, кој ќе биде надгледуван од Командата на американските сили, која е со седиште во Германија. А во регионов веќе се таложат и се имаат стационирано големи воени сили. Што значи натрупувањето војска и воена опрема? Има ли некаква врска со состојбите во некоја од државите во регионов? Дали има допирни точки со вечното „триење на тектонските плочи на големите сили“ овде на Балканот? И како (ќе) се рефлектира тоа во нашата држава?
Воена експанзија со распоредување на
војските на големите сили во регионов
Во непосредната близина на Македонија, на територијата на нашиот сосед Албанија, наскоро ќе се отвори ново воено упориште на Америка.
Според соопштението на американската команда за специјални операции за Европа, СОЦЕУР, (објавено на Си-ен-ен), не се напоменува колкава ќе биде бројноста на американските војници, но се додава дека во Албанија ќе функционира штаб за специјални операции, кој ќе биде надгледуван од
Командата на американските сили, која е со седиште во Штутгарт, Германија.
Во документот се наведува дека со новата база во Албанија ќе се обезбеди зголемена координација со сојузниците од НАТО во регионот, а самото воено утврдување ќе има важен пристап до транспортните центри на Балканот и ќе користи логистичка флексибилна поткрепа.
– Способноста за брзо движење и обука на Балканот, во тесна координација со другите сојузнички и партнерски сили, ја направи Албанија најдобра локација за овој напор – изјави генерал-мајор Дејвид Табор, командантот на американските сили во Европа.
Според воените аналитичари, воената база во Албанија е само една од неколкуте воени инсталации што Американците ги имаат на Балканот. Во оваа група влегува базата „Бонстил“ во Косово, која има над 600 војници, воената база во Романија, која има воен персонал од 1.000 лица, и воената база во Италија, со персонал од 12.500 луѓе, чија надлежност е мониторирање на состојбите на Балканот.
Во светло на актуелните случувања, „Нова Македонија“ се консултира со истакнати домашни и странски воени експерти за тоа какви рефлексии во регионот ќе има оваа нова американска воена база и што значат овие настани за Македонија и за соседството.
Базата во Албанија е нов продукт на обновената геостратегиска трка на суперсилите за Балканот
Универзитетскиот професор и генерал Методи Хаџи-Јанев вели дека новата американска воена база е продукт на обновената геостратегиска трка на суперсилите во светот.
– Покрај технолошката, информациската, економската и дипломатската трка, оперативниот дел од употребата на сила (или закана од неа) опфаќа и разместување на воените сили – вели професорот.
Според него, со оглед на тоа што географијата сѐ уште игра значајна улога во компетитивноста на вооружувањето, но и на методологијата – тактиката преку која се демонстрира сила и се остваруваат политички поени, распоредувањето на овие сили во регионот не е ништо друго туку сигнал до одредени центри.
– Тоа е генерално добро, во оваа фаза. Иако овие сили, кои покрај другото се наменети и за неконвенционално војување, имаат и поинаква улога, во оваа фаза да вршат извидување, набљудување и разузнавање (посебно Хуминт), нивната улога може да биде и поинаква, особено ако фазата на изострување на евентуалниот спор со потенцијалните компетитори се изостри до конфликт – вели професорот.
Тој резимира дека оттука, војниците во оваа нова база може да бидат употребени и во директни акции или поддршка преку т.н. наведување на цели и потврда и верификација на целите со надеж дека до таа фаза нема да дојде.
Војници високоподготвени за хибридни битки на Балканот
Српскиот генерал во пензија Митар Ковач смета дека оваа нова воена американска база ќе биде дом на воени единици што ќе бидат добро воено обучени, но и технолошки соодветно опремени и ќе може да дејствуваат во конвенционалните битки, но и во т.н. хибридни воени дејства.
– Изградбата на базата во Албанија е во состав на активностите за ширењето на инфраструктурните капацитети на НАТО, првенствено за американските сили во Европа. Малите држави во регионот немаат капацитет да извршат притисок во јавноста да се спречи изградбата на инфраструктурата на американските сили во Европа. Она што е специфично е што изградбата на оваа база во Албанија ги исполнува критериумите бидејќи е евтина за конструирање, но и економски и енергетски ефикасна за стационирање на војниците – вели Ковач.
Тој подвлекува дека главата цел на операциите од оваа база ќе биде насочена кон противниците на НАТО во регионот.
– Нејзиното формирање во регионот во геостратегиска смисла на зборот е насочено кон дејствување за релаксирање или решавање конфликтни потенцијални ситуации на Балканот, но и во Југоисточна Европа. Специјалните сили не се само војници со специјална опрема, туку тоа се војници од различни профили што се обучени во специјални дејства во таканаречените невидливи операции. Тие би можеле да ги следат економските, енергетските и интернет-операциите со кои би можело во регионот да се креира јавното мислење по одредени теми. Дополнително, нивна работа ќе биде на политичко ниво да се донесат на сцена одредени политичари што се погодни гарнитури за исполнување на американските интереси. Сублимирано, специјалните операции во своите редови имаат редица активности што во целост ја исполнуваат дефиницијата за „хибридно војување“ – вели Ковач.
Генералот резимира дека локацијата на базата сама по себе говори дека таа е наменета и за решавање на проблемите на САД на југоистокот на Европа, односно на првите линии на НАТО каде што се влошени релациите со Русија.