Во текот на целиот мандат на актуелната влада, образованието беше една од тежишните точки за оценување на успешноста на нејзиното функционирање. Слабите резултати на македонските ученици на тестирањето на ПИСА се индикатор за дефицит од знаење и вештини на учениците, а со тоа и на слабостите на нашиот образовен систем. Токму тоа беше и главната мотивација на предлагачот на законските измени во образованието, а нивната цел – да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата. Но образовните експерти со кои се консултиравме одговорно изнесуваат длабоки сомнежи дека со предложените измени може да се издигне квалитетот на образованието…
Предлог-реформи во македонското образование
На крајот од својот мандат (односно пред да настапи преодната влада), сѐ уште актуелната политичка влада предложи измени на Законот за средно образование. Во што се состои новината во предлог-законот? Главната точка на предложените измени на Законот е воведување стручна матура и влезен академски испит за упис на факултетите.
Владата соопшти дека има разработено нов концепт за заокружување на средното образование и почеток на
академската наобразба
– Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит. По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ-програма), учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура.
По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура. Концепцијата за испити на крајот на средното образование ја подготвува Државниот испитен центар, а по предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.
Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат учениците што сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: да се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; да завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; да завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава – се наведува во соопштението од Владата.
Со новиот предлог-концепт на Владата се смета дека би имало унапредување на системот на средното образование и директно влијание на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата
Целта на измените, според Министерството за наука и образование, била да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.
Во текот на целиот мандат на актуелната влада, образованието беше една од критичните точки во оцените за успешноста на нејзиното функционирање. Реформите предложени од претходната министерка за образование Мила Царовска, кои како обврска за спроведување ги наследи актуелниот министер Јетон Шаќири, создадоа многу предизвици и контроверзии во практиката. Несоодветното спојување (укинување) на предметите во основното образование се одрази на создавање речиси хронична појава на недостиг од учебници во повеќе одделенија. Посебен предизвик беше организирањето на онлајн-наставата за време на пандемијата, а слабостите од тој период продолжија да се провлекуваат и понатаму. Според експертите, познавачи на состојбите во образованието, мотивација за предложените измени во Законот за средно образование се слабите резултати на македонските ученици на тестирањето на ПИСА. Тестирањето го мереше знаењето на 15-годишниците од 81 светска држава и провинции, кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Од вкупно 81 држава, провинции и територии што беа вклучени во тестирањето, Македонија се најде на 62-то место по математика, на 72-то место во читање и на 69-то место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просекот на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просекот на ОЕЦД е 489 поени).
Професорка Грчева: Неопходни се нови програми за подобрување на знаењето и вештините на образовниот кадар, а не воведување нови испити за средношколците!
– Никакво воведување нови испити нема да го подобри образованието во Македонија. Наместо да се работи на нови програми, на подобрување на знаењето и вештините на образовниот кадар…, се предлага законска измена со воведување нови испити за средношколците, односно матурантите што сакаат да го продолжат своето академско образование. И, како по обичај, по почетната „строгост“, ќе се спуштат критериумите за полагање на тие испити на начин што досега сме го виделе. Со несуштински реформи, ненасочени кон квалитетот на знаењето што им се пренесува на учениците, 30 години систематски се уништува образованието во Македонија. На македонското образование му се потребни суштински реформи, со нов концепт, нови програми за образовниот кадар… на кои ќе работи сериозна квалификувана екипа. Не знам ни дали во овој миг во Македонија има толкав стручен капацитет за суштински реформи – вели универзитетската професорка Солза Грчева.
Грчева, сепак смета дека се потребни испити за построга селекција на оние студенти што ќе продолжат со академско образование и оние што ќе се насочат на реалниот стручен сектор.
– Проблемот со реформите во македонското образование е што нема исчекор што носи квалитет. Сега сме во ситуација, грубо опишана: во текот на образованието не ве научиле што е потребно, но ќе ви дадат испити, за формално да се потврди дека сте поминале низ некој процес. Селекциските испити ни се потребни, но во момент кога ќе се постигне соодветен квалитет во образованието преку реформи, за да може да се направи селекција на студентите со потенцијал за стручни професии и академско-научни – вели професорката Грчева.