Солидарноста и емпатијата не треба да се ограничуваат на еден ден или повод. Тие се начин на живот, втемелени на љубовта и почитта кон другиот. Нека овој ден биде потсетник дека сите сме поврзани и дека нашите мали дела можат да донесат големи промени во општеството и за оние што имаат потреба од наша помош, вели д-р Анета Јовковска, вонредна професорка на Православниот богословски факултет во Скопје, теолог, магистерка по психолошки науки, докторка по педагошки науки и гешталт-терапевтка
СВЕТСКИОТ ДЕН НА СОЛИДАРНОСТА, 20 ДЕКЕМВРИ, КАКО ПОВОД
Светскиот ден на солидарноста, кој се одбележува секоја година на 20 декември, нè потсетува на значењето на заедништвото и емпатијата како темели на човечките односи и општествениот напредок. Во свет што сè повеќе се соочува со предизвици како сиромаштија, социјална нееднаквост, климатски промени и миграциски кризи, солидарноста е повеќе од концепт – таа е потреба.
Во тој контекст следува нашето интервју со д-р Анета Јовковска, вонредна професорка на Православниот богословски факултет во Скопје. Таа е теолог, магистерка по психолошки науки, докторка по педагошки науки и гешталт-терапевтка. Нејзината интердисциплинарна експертиза ја прави исклучително компетентна за темата за солидарноста и емпатијата, кои се основни столбови како во теологијата така и во психолошките и педагошките науки.
Како го разбирате значењето на солидарноста во денешното општество, особено во контекст на глобалните предизвици?
– Солидарноста е основа на човечката поврзаност. Таа претставува свесност дека ниту еден човек не може да опстане сам и дека сите сме дел од една поголема заедница. Во денешниот свет, солидарноста се појавува како мост што ги поврзува различните луѓе и култури. Во суштина, таа претставува наш избор да го видиме другиот не како туѓинец, туку како ближен, достоинствен и вреден за почит.
Во последниве години светот се соочи со многу моменти што ја тестираа нашата способност за солидарност. Пандемијата на ковид-19 ни покажа дека здравјето на секој поединец е неразделно поврзано со здравјето на заедницата. Оваа криза нè потсети дека само преку меѓусебна грижа и заеднички напори можеме да го надминеме непознатото. Истовремено, војните и миграциските кризи отворија нови прашања за нашата подготвеност да ги поддржиме оние што бараат засолниште и безбедност.
Но, солидарноста не треба да се ограничува само на глобалните кризи. Таа започнува од малите секојдневни гестови што ги градат довербата и меѓусебното разбирање во заедницата. На пример: помагање на соседите, поддршка на пријател или колега, волонтирање во локалните хуманитарни организации итн.
Колку емпатијата е важна за поттикнување на солидарноста?
– Емпатијата е основа за солидарноста. Без неа, не можеме да го разбереме другиот, ниту да ја препознаеме неговата болка. Од психолошки аспект, емпатијата ни овозможува да се поврземе со туѓото искуство како да е наше, без да ја изгубиме сопствената перспектива. Во теологијата, пак, емпатијата има и духовна димензија – таа нè повикува да го гледаме другиот како икона божја, да се грижиме за неговото добро како за свое.
Како теологијата го објаснува концептот на солидарност?
– Христијанството, исламот и јудаизмот, како три најзастапени религии на нашите простори, ја поставуваат солидарноста како основен принцип што ја надминува личната корист и ја поттикнува грижата за заедницата. Без оглед на разликите во верувањата, сите три традиции ја нагласуваат важноста на правдата, помошта и љубовта кон ближниот како средство за создавање подобар и похармоничен свет.
Во христијанската теологија, солидарноста е одраз на љубовта кон ближниот. Таа се заснова на заповедта „љуби го ближниот свој како себеси“. Христовата жртва е најголемиот пример за солидарност – Тој ги презеде нашата болка и гревови, за да ни даде живот. Солидарноста не е само чин туку и начин на живот, кој бара континуирано залагање за правдата и доброто.
Во исламот, концептот на солидарност е тесно поврзан со заедницата на верниците – умма. Солидарноста се изразува преку меѓусебната помош, грижата за сиромашните и колективното чувство на одговорност за добросостојбата на заедницата. Еден од петте столба на исламот е зекатот, кој претставува задолжителен акт на давање за сиромашните и ранливите. Преку зекатот, богатите се поврзуваат со потребите на сиромашните, што ја одржува економската и социјалната рамнотежа во заедницата. Доброволното давање (садака) е уште еден важен аспект на солидарноста според исламот. Тоа може да биде во форма на пари, време или дури и едноставни добри дела, како што е насмевката кон некого.
Во јудаизмот, концептот на солидарност е длабоко вкоренет во идејата за цедака (праведност) и гемилут хасадим (чинови на љубезност). Овие принципи поттикнуваат на помош и грижа за другите како дел од обврската кон Бога и заедницата.
Дали современото општество доволно ги поттикнува емпатијата и солидарноста?
– Мислам дека живееме во време што ги поттикнува индивидуалноста и самодоволноста, често на штета на заедништвото. Дигитализацијата, иако нè поврзува, понекогаш создава емоционална дистанца. Луѓето сè повеќе комуницираат преку екрани, што може да доведе до намалено разбирање за потребите и чувствата на другите.
Сепак, има многу примери што покажуваат дека емпатијата и солидарноста не се изгубени. Тие се изразуваат во различни облици, како што се помошта за бегалците, донациите за луѓе во социјална криза, солидаризирање за помош при лекување на тешко болните и помош на жртвите на семејно насилство. Овие примери потврдуваат дека многу луѓе ја разбираат важноста на солидарноста како темел за општествениот напредок.
Емпатијата и солидарноста можат да се изразат и преку мали но значајни дела што секој од нас може да ги прави секојдневно. Еве неколку примери:
– Во семејството: Одвојте време за да слушнете како се чувствуваат вашите блиски. Покажете разбирање за нивните проблеми или понудете помош без да чекате да ве прашаат.
– На работа: Помогнете му на колега што е под притисок со некоја задача или понудете топол збор на охрабрување.
– Во заедницата: Однесете храна или облека во локален центар за помош, помогнете му на постар сосед со купување намирници, или вклучете се во акција за чистење јавни површини.
– Во јавниот простор: Пуштете некого пред вас во ред, подарете насмевка или покажете трпение кога некој прави грешка.
– Преку социјалните медиуми: Наместо критика, обидете се да понудите поддршка и разбирање, особено на социјалните мрежи, каде што негативноста често доминира.
Каква порака би им упатиле на читателите на „Нова Македонија“ за Светскиот ден на солидарноста?
– Солидарноста и емпатијата не треба да се ограничуваат на еден ден или повод. Тие се начин на живот, втемелени на љубовта и почитта кон другиот. Нека овој ден биде потсетник дека сите сме поврзани и дека нашите мали дела можат да донесат големи промени во општеството и за оние што имаат потреба од наша помош.
Живко Здравкоски