„Иновацијата“ во матичните документи воведена од актуелниот министер за правда во македонската влада воопшто не е во согласност со законските регулативи и практики во ЕУ во однос на етничката идентификација во личните документи на европските граѓани. Во контекст на реформите што се очекуваат од Македонија за усогласување со европското право во претстојниот евроинтегративен процес, се поставува прашањето како земјава ќе се движи кон тие европски стандарди ако пред да ги започне преговорите постапува и носи законски одлуки спротивни на она што е воспоставена практика во ЕУ
Впишувањето етничка припадност во изводите од матичните книги како повод (2)
Упатството на министерот за правда Кренар Лога со кое се воведува етничка графа во документите што ги издаваат матичните служби предизвика реакции во јавноста, пред сѐ поради првично непознати реперкусии за државата и општеството од ваквата егзекутивна одлука на функционер на Владата, без поширока експертска анализа и јавна расправа. Но набрзо следуваше експертска реакција. Имено, потпишувањето на упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување записник за најдено дете; обновување уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матични книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, каде што ќе стои графа за етничка припадност, повеќе политички чинители во Македонија го оценуваат како противуставно, како надминување на ингеренциите на министерот и воведување „иновација“ надвор од европската практика.
Навистина, премиерот Димитар Ковачевски пред медиумите се изјасни дека е законски донесено упатство за водење на матичните евиденции, со акт на министерот за правда Кренар Лога. Ковачевски наведе дека актот на Лога може единствено да биде разгледан со предложени законски измени заради усогласување.
– Во Законот, во членовите 3, 4, 11 и 13, точно е наведено што сѐ се запишува во нашата матична евиденција. Треба веднаш да се пристапи кон реформа на таа законска регулатива. Тоа останало од 1995-та и треба да се усогласи со европското законодавство и карактерот на нашиот устав – рече Ковачевски откако медиумите побараа став од него.
Според објаснувањето на министерот за правда, тој се одлучил за носење ваков акт со образложение „за да се избегнеле манипулации и злоупотреби со алатката етнички балансер при вработување во државната администрација“. Извонредно симптоматична коинциденција, според соговорниците, е „моментот на излегување на овој акт донесен од министерот, и тоа токму онака како што ѝ одговара на бугарската страна во врска со актуелниот наметнат спор од Софија“. Имено, токму таквиот акт инстантно го афирмираше Софија, преку една бугарска невладина организација, надградувајќи го со идејата „македонските граѓани што сакаат полесно да дојдат до бугарски пасош да извадат македонски извод од матичните книги за 250 денари каде што би се запишале како етнички Бугари, при што со таквиот документ непречено ќе можат да извадат бугарско државјанство, односно европска патна исправа“(?!).
Според многумина, „иновацијата“ во матичните документи воведена од актуелниот министер за правда во македонската влада воопшто не е во согласност со законските регулативи и практики во ЕУ, во однос на етничката идентификација во личните документи на европските граѓани. Во контекст на реформите што се очекуваат од Македонија за усогласување со европското право во претстојниот евроинтегративен процес, се поставува прашањето како земјава ќе се движи кон тие европски стандарди ако пред да ги започне преговорите постапува и носи законски одлуки спротивни од она што е воспоставена практика во ЕУ. Секако, на тоа се надоврзува и хроничната појава во предизборен амбиент (што сѐ повеќе се чувствува во земјава), што ја поставува дилемата дали само заради додворување на гласачите од својата целна (етничко-партиска)група, актуелните владини функционери во Владата се подготвени да ги погазат и Уставот, законите и европските критериуми.
– Колку што ми е познато, во земјите на ЕУ не постои таква практика во личните документи на граѓаните да се наведува нивната етничка припадност. Но, прво, вчудовидувачки е со каква леснотија и брзина се прават вакви зафати за интервенции во документите што ги издава државата. Со акт на министерот, без соодветна анализа на можните консеквенции за државата и општеството од таквата одлука, се воведува нов елемент во документите на граѓаните што ги издава матичната служба. Тоа се базичните документи со кои се регулира односот на граѓанинот со државата. Со такви навидум мали интервенции во овие базични документи, практично се менува дефиницијата на државата. Можеби од ваквите измени може да се има и придобивки, но немаме соодветна анализа на можните консеквенции. Не смее прекуноќ да се прават такви самоволни измени на документи што го одредуваат карактерот на државата. Не може прекуноќ да се носат уставни измени. Тоа е тој ист тренд на носење некритички одлуки на „мала врата“ од страна на официјалните политичари во Македонија, без оглед на последиците за државата и општеството. Приоритет им се популизмот, личните и партиските интереси, пред државните и националните. Во оваа одлука за внесување на етничката графа во изводите од матично, првично се видливи популизмот и неевропското однесување на политичарите, а другите последици допрва треба да се анализираат – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Националната и етничка припадност никаде во светот, вклучувајќи ја и ЕУ, не се впишува во изводите за матична евиденција
– Злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на овој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа – се наведува во писменото соопштение на Демократскиот сојуз.
Оттаму додаваат оти националната и етничка припадност никаде во светот, вклучувајќи ги и земјите-членки на Европската Унија, не се впишува во изводите за матична евиденција, ниту, пак, во документите за идентификација.
Лидерот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, бара одговорност и разрешување на министерот за правда Кренар Лога поради, како што велат оттаму, злоупотреба на службената положба. Оттаму обвинуваат дека Лога донел упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците што се утврдени со Законот за матични евиденции, министерот спротивно на законот вовел графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност. Националната и етничката припадност на една личност, велат од ДС, е неприкосновено човеково право, кое не може да се изјавува во официјален документ без промена на законот и без поддршка од граѓаните.
Демократскиот сојуз (ДС) побара од Владата итно да го повлече ваквото, како што велат, незаконско упатство, велејќи дека она што го направил министерот за правда Кренар Лога е преседан.
Навидум наивни административни измени предизвикуваат нови социолошки раслојувања во општеството
Според, универзитетскиот професор, социологот Илија Ацевски, ставањето на комплексната етничка поставеност на Македонија како држава во административни документи носи непредвидливи импликации.
– Македонија е најсложеното општество во Европа, во етничка смисла. Пресликувањето на таа етничка сложеност во листот за раѓање носи непредвидливи импликации во функционирањето на државата и на внатрешен план, но и во меѓународното позиционирање и билатералните односи. На оваа ситуација се реагира обично правно-политички, без реални социолошки согледувања. Ваквите навидум наивни административни измени предизвикуваат нови социолошки раслојувања во општеството, но и понатамошно расцепкување на македонското национално ткиво – вели професорот Илија Ацески.