Фото: Маја Јаневска-Илиева

Станува збор за проект со кој по повеќе основи се олеснува (правнопроцедурално, безбедносно, финансиски) начинот на менаџирање со осомничените, обвинетите и осудените лица, односно за нивен сигурен, безбеден и побрз транспорт од притворските и затворските одделенија до судницата и назад. Поточно, станува збор за изградба на објект во кој треба да се судат најтешките случаи, кои сега се и најпроблематични поради големите трошоци и безбедносните ризици за транспорт на осомничените, обвинетите и осудените лица од притворските и затворските одделенија низ земјава до центарот на Скопје. Објектот што треба да профункционира за да се избегнат сите овие претходно споменати недостатоци треба да биде во кругот на КПД „Идризово“

ДАЛИ ГОЛЕМИОТ ПРОЕКТ ЗА ТЕХНИЧКА ЛОГИСТИКА НА КРИВИЧНОПРАВНИТЕ И ПЕНОЛОШКИТЕ ПРОЦЕДУРИ Е ПРЕД КРАЈ

Блокадите на сообраќајниците во центарот на Скопје поради спроведувањето притвореници и затвореници од високоризичните случаи на расправите и на рочиштата во Судската палата, но и честите одложувања на рочиштата поради проблеми во спроведувањето, наскоро би можеле да станат минато ако се потврди неодамнешната процена на новоименуваниот министер за правда Никола Тупанчевски, според која, опремувањето на долгонајавуваната најголема судница во Македонија, изградена во кругот на затворот „Идризово“, до летото би требало да заврши. Станува збор за објект во кој треба да се судат најтешките случаи, кои сега се и најпроблематични поради големите трошоци и безбедносните ризици за транспорт на осомничените, обвинетите и осудените лица од притворските и затворските одделенија низ земјава до центарот на Скопје, а во перспектива, како што е најавено, во кругот на КПД „Идризово“ би требало да биде изграден и објект за централен притвор.
За големото задоцнување во реализација на овој проект, надлежните веќе две години, откога објектот за судницата е завршен, па дури беше прогласен и за „отворен“ досега меѓусебно си ја префрлуваа одговорноста, иако, според одредени процени, станува збор за обезбедување мебел и опрема од околу 50 илјади евра. За споредба, некои калкулации говорат дека трансферот на затворениците и притворениците на високоризичните судења, со блокадите на сообраќајниците, ангажирањата на тешко вооружените специјални единици со возила, па дури и хеликоптери, чини и по десет илјади евра. Иако пониски, не се занемарливи ниту трошоците што произлегуваат од честите одложувања на рочиштата кога некоја од таквите „операции“ не е добро или не е навреме организирана.

– Навистина има застој, но мојата амбиција е дека веќе пред одморите ќе има со што да се пофалиме – изјави неодамна министерот за правда Никола Тупанчевски.
А деновиве од Министерството за правда добивме и појаснување.
– Судницата од аспект на градежни активности е комплетно завршена, а за да профункционира со одржување судски процеси, недостига мебел, за кој Управата за извршување санкции веќе има објавено оглас за јавна набавка. Со оглед на законските процедури и понатамошниот договор за испорака на мебелот не би можеле да даваме прогнози, ниту, пак, да дефинираме датуми. Следниот чекор кон отпочнување со работа на судницата ќе треба да го направи правосудната власт во договор со ОЈО, кои заради рационалност на постапката треба во оваа судница да ги одржуваат судските процеси во кривични постапки против осудени лица што издржуваат казна затвор во КПД „Идризово“ – објаснија оттаму.
А во меѓувреме, како што дознаваме, за причините за застојот се заинтересирале и од Делегацијата на Европската Унија во земјава, која заедно со САД, го финансирала проектот преку ИПА-програмата „Поддршка за секторот правда“.
Шефот на Одделот за оперативни работи при мисијата на ЕУ во земјава, Фрек Јанмат, пред извесно време изјави дека има разбирање за застојот.
– Разбравме дека Владата има резервирано пари за работи како мебел и опрема за безбедност уште минатата година. Но се случија одложувања, делумно поради ковид, што резултира со тоа да не се одржуваат судења. Имаме блиска комуникација со надлежните, од Министерството за правда велат дека наскоро ќе има судења во објектот и дека во првата половина на годината се предвидува објектот да биде функционален – објасни тој.
Инаку, уште во мај 2020 година, тогашната министерка за правда Рената Дескоска, заедно со претставници на Владата, Обвинителството, судовите и на донаторите ја „отворија“ судницата во Идризово, за која беше речено дека ќе биде најголема во Македонија и чија изградба чинела 1,3 милион евра.

Во судницата би требало да има место за 120 луѓе, со физичка бариера помеѓу судскиот дел и делот за посетители. Судницата има четири влеза, за да се спречи контакт меѓу јавноста, обвинетите, обвинителите и судиите, а објектот има и влез за возило со кое се довезуваат притворените со обезбедувањето, како и ќелии за нивно сместување. Целиот простор треба да биде под физички и видеонадзор.
До пред извесно време не беше утврдено дали со објектот ќе управува затворот или скопскиот Кривичен суд, дали затворската полиција ќе се грижи за спроведувањето и обезбедувањето на притворените и осудените лица и кој ќе врши проверки кој влегува во судот и кој ќе го следи видеонадзорот.
Како и да се решат сите овие отворени прашања, упатените апелираат тие да бидат што побрзо затворени, а судницата конечно да биде отворена, и тоа не само заради елиминирањето на проблемот со честите сообраќајни блокади при спроведувањето на притворениците и затворениците до центарот на главниот град туку и заради непреченото одвивање на судските процеси, кои, според повеќето истражувања, најчесто се одолжуваат токму поради отсуство на обвинетите, од кои голем број веќе се во притвор или на издржување затворски казни за некој друг случај. Д.М.М.