Инфлацијата и БДП во ЕУ за 2025 и 2026 година
Според пролетната прогноза на Европската комисија (ЕК) објавена деновиве, „инфлацијата во еврозоната ќе падне под два процента следната година, поради американските царини“. Во споменатата прогноза на Европската комисија (ЕК) се предвидува дека „просечниот раст на потрошувачките цени ќе изнесува 1,7 процент во текот на 2026 година, додека во текот на оваа 2025 година, инфлацијата веќе ќе го достигне посакуваниот праг на Европската централна банка (ЕЦБ) од два процента“.
Европската комисија ги посочува пониските трошоци за енергија, пренасочувањето на кинеските стоки кон европскиот пазар и зајакнувањето на еврото како главни причини за очекуваниот побавен раст на цените, а сите нив ги оцени како фактори со „јасно негативни ефекти врз инфлаторните притисоци“.
БДП на еврозоната за 2025 ќе порасне за 0,9 проценти
Европската комисија (ЕК), исто така, предвидува дека БДП на еврозоната ќе порасне за 0,9 проценти оваа година и ќе се забрза на 1,4 процент во 2026 година, но додава дека неизвесноста продолжува да влијае врз домашната побарувачка, додека пазарот на трудот останува силен.
Европскиот економски комесар Валдис Домбровскис предупреди дека пониските инфлациски притисоци не значат крај на ризиците.
– Инфлацијата паѓа побрзо од очекуваното и е на добар пат да се спушти до целта од два процента оваа година, но не смееме да бидеме задоволни со тоа – ризиците сѐ уште се изразени, а Европската Унија мора решително да работи на зајакнување на конкурентноста – рече Домбровскис.
Некои прогнози за поединечни земји членки на ЕУ
Според прогнозите, Германија, како најголема економија во еврозоната, нема да забележи раст во 2025 година, додека во 2026 година се очекува раст од 1,1 процент, а Австрија ќе биде единствената членка на Европската Унија со пад на БДП оваа година.
Европската комисија (ЕК), исто така, очекува колективниот долг на еврозоната да се зголеми на 91 процент од БДП во 2025 година, без да се вклучат дополнителните трошоци за одбрана, бидејќи тие планови сè уште не се доволно разработени. Р.С.