Фото: ЕПА

Аналитичка опсервација кон сѐ појасно изразената поделба во светот помеѓу глобалистите и суверенистите

  • Според низа констатации на реномирани светски аналитичари, индикаторите за поделбата на некогаш единствениот Запад се најизразени околу идејата за т.н. голем Израел.
    Имено, од една страна се глобалистичките (нео)либерали, вклучително и сите мрежи на милијардерот Џорџ Сорос и Демократската партија на САД (тие се „за Палестина и против Нетанјаху“).
    А другата страна ја сочинуваат АИПАК (Американско-израелски комитет за политички прашања, кој претставува влијателно израелско лоби), конзервативците, десничарските ционисти, дел од движењето МАГА и, што е најважно, аналитичарите во овој табор го сместуваат и самиот Трамп
  • Според мислењето на аналитичарите, тектонската поделба на некогаш колективниот „интегрален Запад“ е воочлива во три компоненти:
    – либерални глобалисти (Сорос, ЕУ, американската Демократска партија);
    – влијателно ционистичко лоби (кое делумно го контролира десничарскиот популизам);
    – Движења како МАГА, кои се критични и кон глобалистите и кон ционистите

Неодамна во глобалната политика се случија голем број фундаментално важни настани, кои, според мислењето на високи светски интелектуалци и аналитичари, покажале јасна поделба на колективниот Запад, односно раслојување по повеќе линии и позиции. Притоа, најизразена дивергенција има во односот кон актуелната политика на Израел.
Како што забележуваат одредени интелектуални кругови и влијателни политички аналитичари на примерот на САД, „од една страна е изразена решителноста на конзервативната половина од американското општество да го промени целиот систем пред заканата од либерален тероризам од големи размери, а од друга признавањето на палестинската државност од земјите од Комонвелтот“.
Атентатот врз христијанскиот конзервативец и клучна фигура во движењето МАГА во САД, Чарли Кирк, како и последователната погребна церемонија што привлече стотици илјади учесници, вклучувајќи ја и целата американска влада (каде што се одржа историско помирување меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск) ја симболизираат решителноста на суверенистите во САД да извршат коренити промени врз тамошниот систем соочен со заканата од (нео)либералите.
Од друга страна, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија (традиционален сојузник на Британската Империја) ја признаа Палестина.
Аналитичарите акцентираат дека „Трамп и официјален Вашингтон се целосно на страната на Нетанјаху, додека европските земји од НАТО очигледно се против него!“.

Поделбата е најизразена околу актуелните израелски политички амбиции

Поделбата е најизразена околу идејата за т.н. голем Израел. Глобалистичките либерали, сите мрежи на милијардерот Џорџ Сорос и Демократската партија на САД, се за Палестина и против Нетанјаху. Тие се оние што ја испраќаат флотилата „Сумуд“ на Грета Тунберг во Газа. На нивна страна се муслиманите од Европа и САД, салафистите, припадниците на ЛГБТИ-организациите, како и нелегалните имигранти. Ова е фронтот против Трамп.
Другиот пол го сочинуваат АИПАК (Американско-израелски комитет за политички прашања, кој претставува влијателно израелско лоби), неоконзервативците, десничарските ционисти, дел од движењето МАГА (станува збор за малцинство што вклучува влијателни американски политички коментатори, меѓу кои се Такер Карлсон, Кендис Овенс, Стив Банон, Алекс Џонс, Мет Гетц, па до неодамна дури и Чарли Кирк, што беа против Нетанјаху) и, најважно, самиот Трамп. Општо земено, тие се исто така критични не само кон исламот поради неговата експанзија туку и кон Кина поради нејзиниот неверојатен економски и технолошки раст. Патем, главните суверенистички движења во ЕУ, имено традиционалистите што станаа лидери во некои европски земји, со тежиште кон свртувањето на развојот на својот народ и нација, сите тие се изјаснуваат во полза на Нетанјаху и на Трамп.

Има и трета опција, која е исто против Сорос и Нетанјаху и која зема замав

Според аналитичарите, и третата позиција предизвикува поделби во западната јавност како целина. Според нив, западните елити се сѐ подлабоко поделени по различни линии.
– Постои јасна контрадикција: на врвот на политичкиот живот, земајќи ја предвид дури и десничарската популистичка опозиција, постои судир помеѓу мрежите на Сорос и произраелското лоби. Сепак, во јавноста постои цврсто верување дека и двете се неприфатливи, што води кон изразено несовпаѓање.
Во САД, оваа трета опција – и против Сорос и против Нетанјаху – го најде својот најраспространет израз. Ја изразуваат личности како Такер Карлсон, Кендис Овенс, Стив Банон и Алекс Џонс – во суштина водечките идеолози на МАГА. Илон Маск е цврсто против Сорос и јасно го критикува Нетанјаху, но се обидува да го држи ваквиот став прикриен – тврдат тие.
Што се однесува до Европа, аналитичарите истакнуваат дека „на претставниците на оваа трета позиција не им е дозволено ниту да зборуваат во либералната ЕУ“. Таму, либералната цензура функционира според извонредни шеми. Мрежите на Сорос и глобалистите се остро и агресивно против Русија и се за целосна поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова е ставот на либералните глобалистички елити во ЕУ – Стармер, Макрон и Мерц – во суштина истите сили што ја признаа Палестина.
Како паралела: во САД, на пример, Демократската партија е таа што продолжува да инсистира на сè повеќе испораки на оружје во Киев, нови санкции против Русија и директна ескалација. Самиот Трамп вели дека војната во Украина е „војна на Бајден“, а не негова. Тоа е војна на глобалистите, а не на МАГА. Затоа актуелниот американски претседател сака да ја заврши што е можно побрзо; едноставно не знае како. Трамп балансира и се колеба помеѓу таборот МАГА и неоконзервативците, кои ја претставуваат токму таа „длабока држава“, чие јадро се токму левичарските глобалисти. Карактеристично е што самиот Нетанјаху, во еден од своите говори, се нафрли конкретно на „длабоката држава“, уште еднаш нагласувајќи дека десничарскиот ционизам е едно, а либералниот глобализам е друго. За Сорос, Нетанјаху е исто толку идеолошки непријател колку што се светските лидери Трамп, Владимир Путин, Виктор Орбан, Си Џинпинг и Нарендра Моди. Р.Н.М.


До скоро, политиките и стратегијата на Сорос генерално ги споделуваа сите на Западот, но сега работите се менуваат

„Длабоката држава“ грчевито ги држи позициите, но…

  • Либералистичкиот глобалистички пол и меѓународната „длабока држава“ грчевито сакаат да ги задржат своите позиции. Оваа „длабока држава“ сè уште речиси целосно ја контролира Европа и има значајно влијание во САД. Тоа ја вклучува не само самата американска Демократска партија туку и огромен број функционери, вклучувајќи судии, шерифи, гувернери, високи воени функционери, бирократи, културни личности, новинари, блогери и олигарси

Аналитичарите во своите експликации изразуваат став дека „пред Трамп, работите беа поедноставни“.
– Колективниот Запад беше либерален и глобалистички – идеологијата, политиките и стратегијата на Сорос генерално ги споделуваа сите. Тоа беше едногласна диктатура на меѓународна „длабока држава – велат тие.
Сега, работите се покомплицирани. Секако, либералистичкиот глобалистички пол и меѓународната „длабока држава“ грчевито сакаат да ги задржат своите позиции. Оваа „длабока држава“ сè уште речиси целосно ја контролира Европа и има значајно влијание во САД. Тоа ја вклучува не само самата американска Демократска партија туку и огромен број функционери, вклучувајќи судии, шерифи, гувернери, високи воени функционери, бирократи, културни личности, новинари, блогери и олигарси. Тие ги контролираат Федералните резерви, „Блекрок“ на Лари Финк (кој неодамна стана шеф на Форумот во Давос, заменувајќи друг глобалист, Шваб), повеќето магнати од Силициумската Долина и финансиерите од Волстрит. Тие исто така држат исклучително силни позиции во ЦИА и ФБИ.
Но полот на МАГА, кој повторно се консолидираше по атентатот врз Чарли Кирк, исто така добива на сила. И тука, помирувањето меѓу Маск и Трамп е симболично. Маск не само што многу придонесе за победата на Трамп туку веднаш по преземањето на функцијата од страна на Трамп, тој спроведе сеопфатни реформи, укинувајќи голем број глобалистички структури како што се УСАИД, Министерството за образование и така натаму. Р.Н.М.