Голема анализа за НАТО (втор дел)
Дебатата за можен „ресет на НАТО“ повторно се интензивира во контекст на променетата американска стратегиска ориентација и сè погласните барања за редефинирање на улогата на Алијансата. Прашањето што погоре го отворивме е тоа дека не е само дали ќе има (веќе и се забележливи) тактички приспособувања туку дали се наѕира подлабока структурна трансформација, имено враќање кон т.н. постстуденовоената одбранбена матрица, со намалена глобална амбиција и редуцирани американски ресурси во мисии како Косово и Ирак.
-За да се процени дали станува збор за вистинско „ресетирање“, потребно е анализата да се базира врз конкретни индикатори: буџетски движења, воено присуство, стратегиски документи, партнерски формати и политичка реторика – велат нашите соговорници, професори по меѓународно право на Универзитетот во Белград, наши професори на Воената академија во Скопје и пензионирани високи воени лица.
Од свој аспект, тие анализираат повеќе конкретни показатели што попрецизно укажуваат на трендот на трансформација на НАТО. Во продолжение неколку главни блока за тие индикатори.
1. Буџетска архитектура на Алијансата во тренд на промена
Еден од најсилните индикатори за реална трансформација би бил финансискиот. САД традиционално носат најголем дел од одбранбениот товар во НАТО. Доколку Вашингтон почне системски да го намалува учеството во заедничките фондови или да инсистира на поголема европска автономија во финансирањето, тоа би значело структурна промена.
Во последната деценија доминираше концептот на „burden sharing“ – притисок европските членки да издвојуваат најмалку 2 отсто од БДП за одбрана. Но, она што е исклучително значајно, а го нагласуваат нашите соговорници во врска со парите за НАТО, е всушност дека „постои разлика меѓу барање поголемо европско учество и намалување на американската стратешка посветеност! Ако второто се институционализира, тоа ќе претставува почеток на нов модел на трансатлантски односи, што се однесува до финансискиот дел“!
– Засега нема официјална одлука за намалување на американското финансирање на НАТО како институција. Но сигналите за редуцирање на ресурси во „надворешни мисии“ се политички присутни – нагласуваат соговорниците.
2. Воено присуство: Намалувањето на бројките на војници е силен политички сигнал и показател
Мисиите во Косово (КФОР) и Ирак се особено релевантни. Мировната операција на Косово, одобрена од ОН во 1999 година, моментално има околу 4.500 војници. Намалувањето на американскиот контингент таму би било повеќе од симболика. Тоа би значело редефинирање на ангажманот на Балканот, регион што долги години беше пример за „надворешна стабилизациска мисија“.
Натаму, во Ирак, мисијата на НАТО започна во 2018 година за „јакнење на локалните безбедносни структури и спречување на повторното консолидирање на т.н. Исламска држава“. Барањето за завршување на мисијата до крајот на 2026 година, и најавите за повлекување на околу 2.500 американски војници, се вклопуваат во концептот на трансформација на Алијансата.
Доколку овие процеси се финализираат, тоа практично ќе значи потврда на стратегиските планови за реструктурирање на НАТО.
3. Стратегиски документи: Ќе се ревидира ли концептот од 2022 година?
Клучниот документ што ја дефинира насоката на НАТО е таканаречениот Стратегиски концепт усвоен во Мадрид во 2022 година. За потсетување, во него за првпат експлицитно се споменува Кина како системски предизвик и се нагласува потребата од партнерства со Индопацификот. (Соговорниците потсетуваат дека веднаш по усвојување на овој стратегиски документ на Алијансата, Пекинг жестоко дипломатски реагираше затоа што без никаков повод, Кина се прогласува од страна на НАТО за непријател, иако токму тогаш пријателските односи на Пекинг и проектите за соработка со Западот имаа растечки тренд).
– Ако дојде до ревизија со која ќе се намали глобалната димензија и ќе се врати фокусот исклучиво на евроатлантската територијална одбрана, тоа ќе биде најјасен доказ за институционално „ресетирање“.
Засега нема формален процес на ревизија. Но, евентуалното ограничување на учеството на азиските партнери на самити или намалување на политичката координација би било прв чекор во таа насока – истакнуваат нашите соговорници, осврнувајќи се на уште еден показател каде може да биде препознаена тенденцијата за преструктурирање на Алијансата, имено со измената во нејзините стратегиски документи.
4. Индикатор во однос кон НАТО-партнерствата: Глобална широка мрежа или регионално збиен блок?
Во последните години НАТО разви поинтензивни односи со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Овој тренд беше дел од пошироката стратегија за соочување со растечкото влијание на Кина.
Но, ако Алијансата почне да ги ограничува овие формати, тоа ќе значи напуштање на концептот на „глобален НАТО“ и враќање кон класичен одбранбен сојуз.
Критичарите на ваквиот пристап предупредуваат дека современата безбедност е меѓузависна и дека одвраќањето бара широка коалициска мрежа. Поддржувачите, пак, тврдат дека проширувањето на мандатот ја разредува основната функција — колективната одбрана. Дилемата што ја поставуваат нашите соговорници во врска со структуризацијата на Алијансата во иднина, повеќе ја издвојуваат како уште еден индикатор на промени во Алијансата по основ на поставувањето релации во НАТО- партнерствата во иднина.
5. Политичката реторика како претходница на политика
Фразите како „војни без крај“ (endless wars), потоа „Америка на прво место“ (America First), како и познатата фраза на Трамп за издвојувањата за Алијансата „Европа мора да плаќа повеќе“ (Europe must pay more), ѝ се познати на јавноста. Но, ако тие се трансформираат во конкретни одлуки, како на пример намалување на мисиите, замрзнување на проширувањето, редефинирање на партнерствата, тогаш станува збор за нова стратегиска парадигма, според соговорниците, кои издвојувајќи уште еден индикатор, овој пат вербално искажан, во форма на т.н. политичка реторика, но со силни пораки и вербално искажан политичка волја за промени (на Алијансата).
– Во моментов перцепциите од вербалните сигнали од политичката реторика, особено на Трамп, се примаат со мешани чувства. Некои од сојузниците покажуваат отпор кон пребрзо намалување на мисиите, особено во Ирак. Одлуките во НАТО се носат со консензус, што значи дека секое „ресетирање“ мора да биде колективно прифатено – издвојуваат нашите соговорници во врска со овој показател за трансформација на НАТО.
Дали станува збор за тактика или за трајна стратегиска трансформација?
Во врска со вака формулирано прашање, нашите реномирани соговорници изнесуваат и две можни размислувања, како опции или сценарија за трансформација на НАТО. Сублимирано, тие накратко вака ги опишуваат можните две алтернативи/сценарија со најголема веројатност на трансформација.
1. Прво сценарио:
Тактичка корекција, што би значело намалување одредени мисии, но задржување на глобалната стратегија и партнерства.
2. Второ сценарио:
Структурно преструктурирање, што би значело ограничување на НАТО на строго дефинирана евроатлантска одбранбена улога, со намалена американска воена проекција.
Во овој момент доказите упатуваат на политичка иницијатива и притисок, но не и на финализирана институционална одлука.
За крај на овој блок во врска со конкретните и препознатливи индикатори на промени во НАТО, соговорниците сепак поентираат дека сите показатели на кои се осврнаа, во моментов, „повеќе се сигнали отколку формални одлуки“, велат тие.
– Навистина, постојат мерливи индикатори што би можеле да потврдат вистинско „ресетирање“ на НАТО. На пример намалување на американското воено присуство, ревизија на стратегискиот концепт, ограничување на партнерствата и финансиска реорганизација. Сепак, во моментов тие се повеќе сигнали отколку формални одлуки – истакнуваат нашите соговорници додавајќи дека НАТО се наоѓа меѓу две визии: како глобален безбедносен актер или како компактна, регионално фокусирана одбранбена алијанса.
Дали ќе преовладее првата или втората, ќе зависи од консензусот меѓу 32-те членки и, се разбира, најмногу од долгорочната американска стратегиска ориентација. Р.С.
СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА: СЕ МЕНУВАШЕ ЛИ АЛИЈАНСАТА НИЗ ГОДИНИТЕ ДОСЕГА?
Какво беше НАТО во 1999 година, а какво во 2014 и 2022 година и какво е сега во 2026 година?
Од нашите соговорници и експерти за воени прашања и аналитичари што посебно го следат НАТО добивме интересни одговори, меѓу кои и тоа дека трансформацијата на НАТО, за нив не е ништо ново, ниту спектакуларно, туку е еден процес. За читателите на „Нова Македонија“ тие издвојуваат дека тоа е еден генерален тренд на промени и приспособувања, од кои некои се „меки“ а некои се „потврди и подлабоки промени“.
Нашите соговорници пластично ги опишуваат досегашните промени регистрирани од нивна страна за НАТО, со по еден најкарактеристичен збор како опис на промените во НАТО хронолошки низ годините:
1999 – експанзија
2014 – консолидација
2022 – глобализација
2026 – потенцијална редукција…
– Прашањето што останува отворено е дали 2026 година ќе биде вистинска точка на пресврт или само уште една фаза во континуираната еволуција на Алијансата – додаваат тие.
· 1999: Интервенционистичко НАТО
Поради операцијата против Сојузна Република Југославија и проширувањето кон Источна Европа, 1999 година е симболична. НАТО тогаш се трансформираше „од одбранбен сојуз“ во активен и агресивен безбедносен актер надвор од територијата на членките. Косово стана пример за ангажман „надвор од зоната на дејствување“ (out-of-area), со фокус кон интервенција и со модел за експанзија и глобализација на својот мандат.
· 2014: Враќање кон одвраќање
По анексијата на Крим од страна на Русија, НАТО ретерираше и се врати кон основната мисија — одбрана на територијата на членките. Источна Европа доби засилено присуство, а концептот на „вкопување во своите редови“ заради т.н. одвраќање повторно стана централен фокус: Колективна одбрана со модел на зајакнување на источниот фронт и тежиште на политички комбинаторики и надмудрувања заради ширење кон исток (Украина).
· 2022: Глобална безбедносна рамка
Со војната во Украина и новиот стратегиски концепт од Мадрид, НАТО ја прошири дефиницијата на закани, вклучувајќи ја и Кина. Алијансата почна да се позиционира како дел од поширока мрежа на демократски сојузи со фокус кон детерминирање системски конкуренти и со модел на глобално позиционирање.
· 2026 (проекција): Регионален рестарт?
Доколку се реализираат најавените планови на Трамп за НАТО, потоа и намалувања на мисии и ограничувања на партнерствата, 2026 година би можела да означи нова фаза за НАТО како компактна евроатлантска структура со фокус на вртење кон себе, „европеизирање“ (стратегиска европска автономија) и со модел за редукција на глобалните амбиции. Р.С.
Вашингтон бара и намалување на американското присуство на Косово
- Администрацијата на претседателот на САД иницира сериозна промена во стратешката насока на НАТО, со јасна намера Алијансата да се врати на својата примарна, евроатлантска одбранбена улога. Според пишувањето на „Политико“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори, Вашингтон инсистира на „намалување на надворешните ангажмани на НАТО, вклучувајќи го и преиспитувањето на мисиите во Ирак и на Косово“. Овој процес веќе се оценува како „големо ресетирање“ на Алијансата – враќање, како што велат дипломатите, на нови
„фабрички поставки“.
Еден од клучните сегменти во новиот пристап на САД е намалување на американските ресурси во рамките на мисијата на НАТО во Косово. Меѓународната мисија, одобрена од Обединетите нации во 1999 година по балканските војни, моментално има околу 4.500 војници.
Според извори на „Политико“, Вашингтон смета дека е потребно да се редуцира американското присуство во оваа операција, како дел од поширока стратегија за ограничување на воените ангажмани надвор од директниот евроатлантски простор.
Овој потег се вклопува во пошироката политика на Трамп за намалување на американските обврски во долготрајни мисии во странство.
Паралелно со косовското прашање, САД побарале од сојузниците мисијата на НАТО во Ирак да биде завршена до септември 2026 година. Операцијата, започната за време на првиот мандат на Трамп во 2018 година, беше продолжувана неколкупати по барање на Багдад.
Мисијата има за цел да се зајакнат безбедносните структури и да се спречи повторно консолидирање на т.н. Исламска држава (ИДИЛ/ДАЕШ). Истовремено, САД веќе планираат повлекување на околу 2.500 американски војници стационирани во Ирак, во согласност со билатералниот договор меѓу Вашингтон и Багдад, процес што треба да започне од 2024 година.
Американски официјален претставник изјавил за „Политико“дека ова повлекување е дел од „посветеноста на Трамп за завршување на бескрајните војни“.
Сепак, според дипломатски извори, предлогот на Вашингтон наишол на несогласување во рамките на Алијансата. Поголемиот дел сојузници се согласуваат дека мисијата во Ирак треба постепено да се намалува, но во подолг временски рок. Конечната одлука мора да биде одобрена од сите 32 членки на НАТО.
Ограничување на партнерствата надвор од евроатлантскиот простор
Новата американска позиција не се однесува само на воените мисии. Според „Политико“, САД инсистираат Украина и партнерите од Пацификот – Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја – да не бидат поканети на годишниот самит на НАТО во Анкара во јули.
Овој пристап претставува јасна сигнализација дека Вашингтон сака Алијансата да се фокусира исклучиво на колективната одбрана на евроатлантската зона, без проширување на партнерските формати и глобалните иницијативи.
Некои од дипломатите предупредуваат дека ваквиот курс може да ја намали способноста за одвраќање и да ги ослаби клучните партнерства, кои, според нив, се суштински за современата безбедносна архитектура.
Во поширок контекст, списанието „Форин полиси“ неодамна предупреди на „тивок пораз“ на САД во Азија, наведувајќи дека Кина веќе го презема приматот на тој геостратешки простор. Според анализите, доколку администрацијата на Трамп продолжи со политика на ограничено ангажирање, некои од американските сојузници би можеле да започнат да бараат „нов формат на договори со Пекинг“.
НАТО меѓу традицијата и трансформацијата
Насоката што ја наметнува Вашингтон отвора суштинска дебата за иднината на НАТО: Дали Алијансата ќе се врати на строго дефинираната одбранбена улога од времето на Студената војна или ќе продолжи да функционира како глобален експанзионистички безбедносен актер со тенденција за воспоставување широка мрежа на партнерства?
Токму спротивно на тој концепт, веќе е сѐ појасно дека интенцијата на администрацијата на Трамп е да го редефинира НАТО како „компактна, фокусирана и ресурсно поограничена структура“, при што американскиот придонес, особено во мисии како онаа на Косово, би бил значително редуцирани ресурси и трошоци.
Одлуките што ќе следуваат во наредните месеци ќе покажат дали станува збор за привремена тактичка корекција или за трајна стратешка трансформација на Алијансата. Р.С.
Кус осврт и кон уште еден предизвик плус:
Што ако „вујко Сем“ се повлече од нашето соседство?
Што би значело реално намалување на американското присуство
во Косово за регионот?
Косово повеќе од две децении претставува симбол на интервенционистичката фаза на НАТО. Од 1999 година наваму, мисијата КФОР сака да биде гаранција за безбедносната рамнотежа во постконфликтниот амбиент на Балканот. Иако бројот на војници варираше низ годините, политичката тежина на американското присуство секогаш беше поголема од самата воена бројка.
Но што ако САД навистина одлучат да го намалат своето присуство? Дали станува збор за техничка ротација на сили или за историски сигнал дека една ера завршува?
Тежината на американското присуство
Во моментов КФОР има околу 4.500 војници од различни членки на Алијансата. Американскиот контингент не е мнозински, но неговото присуство има симболичка и стратегиска вредност.
САД имаат амбиција да обезбедат политичка гаранција за безбедноста во согласност со своите политики, потоа разузнавачка поддршка и логистичка инфраструктура, како и да има и директна врска меѓу теренот и Вашингтон.
Намалувањето на контингентот затоа не би било само оперативна одлука туку и порака.
Имено, на прашањето што би се случило без американско присуство или со нивно намалено присуство, нашите соговорници размислуваат на следниот начин:
Алтернатива 1: Контролирана редукција
– Најверојатната варијанта е постепено и ограничено намалување на американските сили, без нарушување на командната структура. Во овој случај, европските членки би презеле поголем оперативен товар, додека САД би ја задржале политичката и логистичката поддршка.
Овој модел би испратил сигнал дека Европа треба да преземе поголема одговорност, но без создавање безбедносен вакуум. Ризикот би бил управлив, особено ако состојбата на терен остане стабилна – велат тие.
Алтернатива 2: Европски КФОР
– Поефектно сценарио би било значително намалување на американското присуство и трансформација на мисијата во де факто европска операција под формалното знаме на НАТО.
Во таков развој, Германија, Италија и Турција би морале да преземат водечка улога. Тоа би било тест за европската стратешка автономија – концепт за кој се зборува со години, но ретко се применува во пракса.
Сепак, ваквиот потег би носел и ризици. Доколку европските сили не демонстрираат единство и одлучност, секоја политичка криза во северно Косово би можела да се претвори во поширока нестабилност – тврдат нашите соговорници воени аналитичари.
Алтернатива 3: Брзо и драматично повлекување
– Најризично сценарио би било нагло и значително повлекување на американските сили. Таквиот потег би имал силен психолошки ефект во регионот.
Во Приштина тоа би можело да се протолкува како слабеење на безбедносниот чадор, додека во Белград како промена во геополитичкиот баланс. Ваквиот развој би можел да отвори простор за зголемено влијание на Русија преку Србија, како и за поинтензивен ангажман на Турција.
Иако НАТО формално би останал, перцепцијата за намалена американска посветеност би можела да создаде нови политички состојби – велат тие, образложувајќи го хипотетички третото сценарио.
Алтернатива 4: Долгорочно гасење на мисијата
– Најрадикална опција е постепено гасење на КФОР и пренесување на одговорноста врз локалните безбедносни сили. Тоа би означило крај на постконфликтната фаза започната во 1999 година.
Но без траен политички договор меѓу Белград и Приштина, ваквиот потег би носел значителен ризик од безбедносна празнина. Затоа ова сценарио во моментов изгледа најмалку веројатно, а тоа сценарио и најмалку одговара за Македонија со оглед на настаните и тешките инциденти на Косово, кои по правило се прелеваат и во Македонија – велат нашите соговорници.
Секоја значајна промена во мисијата бара консензус од сите членки на НАТО
Дури и ако Вашингтон иницира намалување, европските сојузници можат да го забават или модифицираат процесот.
Дополнително, динамиката на теренот ќе биде пресудна. Секое заострување на односите во северно Косово би ја направило секоја редукција политички чувствителна.
Намалувањето на американското присуство не би значело нужно напуштање на регионот. САД и понатаму би можеле да го задржат влијанието преку дипломатски канали, разузнавачки механизми и политички притисок.
Но симболиката би била силна: тоа би било сигнал дека трансатлантската стратегија се пренасочува и дека Балканот повеќе не е врвен приоритет.
– Најверојатно сценарио е контролирана редукција со постепено зголемување на европската улога. Тоа би било еволуција, а не драматичен пресврт.
Сепак, доколку процесот се одвива пребрзо или без внимателна координација, ризикот од регионална турбуленција значително се зголемува.
Косово и понатаму останува тест за кредибилитетот на НАТО. Наскоро ќе бидеме сведоци на уште повидливи промени. Прашањето не е дали Алијансата ќе остане, туку во каква форма и со каква тежина. А одговорот на тоа прашање ќе покаже дали станува збор за тактичко приспособување или за почеток на нова безбедносна ера и за НАТО, а последователно на тоа и за Балканот. Р.С.


































